18.8 C
Скопје
27 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Како и во 1991, проблемот не е правен туку политички

Пишува: Денко Малески

Кога, во 1991, отидов на првите разговори во ОН за проблемот со „името“, ми беше укажно дека светската организација, низ историјата на своето постоење, се соочувала со два вида проблеми меѓу државите – правни и политички. Правните спорови важат за полесни и, во согласност со желбите на учесниците на спорот, се даваат на суд, а странките ја прифаќаат судската одлука независно од исходот.

Политичките спорови, пак, чии корени се длабоко во минатото или во свеста на луѓето, се тешки и бараат дипломатија, преговори и компромиси. Согласно карактерот на спорот и праксата на светската организација, нашиот проблем беше класифициран не како правен туку како политички.Можеби некому ќе му биде смешно од денешна перспектива, ама во бројните разговори што ги имав со претставниците на земјите-членки на ОН, имаше и загрижени за тоа како ќе се однесува грчката војска кон раѓањето на незвисна македонска држава на нејзините граници. Не многу време пред тоа, како што знаеме, Грција имаше државен удар со кој полковниците ја срушија демократската власт и презедоа контрола врз земјата.

Ова го пишувам во светлината на новата македонска надворешна политика за прашањето за името која се базира врз некакво индивидуално право за кое ,ете, не сме знаеле а кое може да го употребиме денес.

Но, и тогаш пред 33 години, и денес проблемот околу името со Грција не е правно туку е политичко прашање. Во правна процедура би можеле да бидеме победници. Како што бевме победници токму како на 11 јануари 1992 година, кога „Франс-Прес“, објавувајќи ја одлуката на Арбитражната комисија на ЕЗ, испрати вест во етерот дека Македонија и Словенија се победниците. Разбирливо, како истакнат правник, и претседателот на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија и на уставниот суд на Франција Робер Бадинтер веруваше во моќта на правото. Не го поколеба ни тоа што после правното мислење на неговата Комисија, дека Македонија и Словенија ги исполнуваат условите да бидат признаени од членките на ЕЗ, Германија ги призна Словенија и Хрватска. И дека, следејќи ги своите политички инстинкти членките на сојузот го турнаа правото на страна и го следеа примерот на Германија со признавање на Хрватска и на Грција со непризнавањето на Македонија. Кога се разминавме со послужавниците во ресторанот на Лондонската коференција за Југославија спонзорирана од ОН, Бадинтер на мојот прашалнички поглед кој велеше: „И сега, што правиме?“, го повтори својот став: правото е на ваша страна, издржете!. И отиде да руча. Правникот не си го смени мислењето ниту во светлината на реалните политички процеси.

Не рече дека згрешил зашто од аспект на правото немаше грешка. Но, не рече ниту дека можеби би требало да побараме некакво компромисно решение.Остана доследен на своето правно мислење. Ама остана и блокадата врз младата држава цели 25 години. На крајот, после четврт век, се покажа дека навистина не се работи за правен туку за политички проблем. Она што не можеше да го реши правото, го реши дипломатијата, преговорите, компромисите, влијанието на Америка, а сето тоа беше формулирано во Договорот од Преспа.

Денес, една нова генерација политичари, повторно покренува правни аргументи во политички спор иако, ако држава, веќе сме биле таму некогаш. Во периодот што следува, може да се очекува Грција да не бие со наш камен по глава – со правото. Имено, да се повикува на обврските од Договорот околу употребата на името. Силата, и онака е на нивна страна: посилна држава, членка на ЕУ со право да не блокира во пристапниот процес кон полноправно членство и нашиот најважен излез на море. Ние, се разбира, можеме да се повикаме на највисоката правна инстанца, Меѓународниот суд на правдата, ама решение за нашите взаемни односи нема да има додека на сите не им стане јасно она што ни го кажаа во ОН во таа 1991 година: ова не е правен туку политички проблем кој не се решава со суд туку со дипломатија, преговори и компромиси.Во дипломатскиот говор, пак, нема место за зборови како „Талибанци“.

Извор: Либертас

Related posts

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin

Албанска Левица

admin

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

admin

НЕЕДНАКВОСТА

admin

ТЕМПИРАНА БОМБА

admin

Политички булинг

admin