29.8 C
Скопје
15 јуни, 2024
Inbox7.mk
ЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кога ќе се смират бранувањата за „Преспа“?

За правата на двете страни, ама и за обврските на двете страни од Преспанскиот договор, најверојатно ќе се разговара по завршувањето на европските избори.

По завршување на европските избори ќе има појасна слика какви ќе бидат потезите на Грција во однос на нивните забелешки до РСМ околу почитувањето на Договорот од Преспа, но и дали ќе се реализираат билатерални разговори на таа тема, оценуваат аналитичари со кои разговараше ДВ.

Според нив, кога ќе „спадне правот“ по завршувањето на европските избори, појасно ќе се види дали критиката била повеќе изборно димензионирана, дали навистина Атина прашањето ќе го постави во НАТО, како што најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, или ќе се бара начин да се надминат проблемите.

Во моментов не изгледа дека реакциите ќе стивнат. Грчката заменик- амбасадорка во Скопје, Георгиа Андреади, вчера по панел дискусијата „ЕУ како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“ во организација на Европското движење во РСМ и Фондацијата Конрад Аденауер, уште еднаш потсети дека добросеседските односи се важни на патот кон иднината

„Како лична забелешка би сакала да појаснам дека што се однесува до Грција, институциите не се исто со личноста. Во едно демократско општество кога институцијата се преклопува со личноста, не може да биде демократско општество. Сакам да повторам дека ние очекуваме Северна Македонија во добра волја и во духот на добрососедските односи – кои апсолутно можеме да ги градиме и заедно да одиме кон иднината – целосно да се придржува до Преспанскиот договор“, порача Андреади, и по нејзиниот коментар веднаш замина.

Културна дипломатија за решавање на проблемите

Пред неколку дена грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју најави кои ќе бидат неговите следни чекори доколку РСМ не го почитува Договорот од Преспа.

„Ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од основањето на Алијансата, и навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го загрозува европскиот курс“, нагласи Мицотакис. Јулскиот Самит на НАТО би бил првиот форум на кој грчкиот премиер ќе биде на исто место со новиот премиер на Северна Македонија. Атина очекува од него јавно, експлицитно и категорично да признае дека го почитува Договорот од Преспа, според кој, името на земјата Северна Македонија има опсег на употреба „ерга омнес“ – и дома и во странство.

„Ќе бараме апсолутна усогласеност во ова прашање“, изјави Мицотакис.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која во свечена заклетва за стапување на функцијата не го спомна името Република Северна Македонија туку Македонија, по што почнаа реакциите од Атина, на маргините на вчерашната панел дискусија на новинарско прашање одговори дека не сака да ги коментира пораките на грчкиот премиер.

„Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи. Мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да фрлиме поглед врз културната дипломатија, каде на поинаков начин ги решаваат проблемите. Сметам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме и по малку да бидеме скандинавци“, рече претседателката одговарајќи на новинарски прашања.

Во нејзиното обраќање на панел дискусијата, рече дека ветото не е европски и мировен инструмент.

„Мислам дека треба и ЕУ соодветно да одговори, затоа што ако сте кандидат од 2005 година, а денеска е 2024, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто. Јас знам дека ние бевме перципирани и сеуште сме како ахилова пета, но мислам дека и за тоа има решенија и е потребен соодветен одговор“, рече во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.

Разговори по изборите

Според грчки аналитичари, не е изненадување што Мицотакис во кампањата ја користи темата Преспански договор. Се смета дека Нова демократија може да изгуби гласови кај конзервативно настроените гласачи од Северна Грција, (кои се незадоволни од одлуката за признавање на истополовите бракови), а исто така се и константно незадоволни од тоа што властите не направиле доволно да ја заштитат грчка Македонија. Имено, владејачката партија се обидувала да превенира евентуална загуба на гласови кои би можеле да ги завртат воденичките камења на опонентите, но и на крајно десната националистичка партија „Грчко решение“ на Киријакос Велопулос, кој се „прослави“ пред неколку недели кога на говорницата во грчкиот парламент го искина Договорот од Преспа.

Претседателот на Сириза, Стефанос Каселакис, го обвинува Мицотакис за надворешната политика што ја спроведува, и му припишува „огромна грешка што не се ратификувани меморандумите со Северна Македонија“.

Тој го праша премиерот и лидер на Нова демократија, дали го покренал прашањето во Европската народна партија, истото семејство каде припаѓаат и Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, и дали испратил некакво писмо до претседателот ЕНП, Манфред Вебер, до Урсула фон дер Лајен, или молчел?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, по вчерашната панел дискусија изјави дека по изборите во Европа – не пред јавноста, туку на соодветно билатерално ниво – треба да почнат отворено да дискутираат за тоа кои се правата на двете страни, но и кои се обврските кои што ги имаат.

„Сметаме дека самиот договор предвидува механизми преку кои што сите предизвици и сите различни толкувања веројатно може да се надминат, а тоа исто така претседателот Мицкоски пред неколку недели го нагласи“ рече Муцунски. /DW

 

 

Related posts

Иран заплени танкер со нафта, провокација кон САД

admin

Нов план на Европската унија за Западен Балкан: Европа Сега

admin

Само 52% од компаниите имаат веб-страница, а над 94% користат компјутер!

admin

Советот на Јавни Обвинители тежи 2,4 милиони евра: Колева најбогата, Исаку надвор од „радарот“ на ДКСК

admin

Вучиќ за СНН: Не ни треба нова војна

admin

„Фини“ кандидати, валкани ботови

admin