2.8 C
Скопје
9 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пат до Унијата – европски рози и соседско трње

Загриженоста за регионалната стабилност предизвикана од руската инвазија на Украина додаде итност во процесот на пристапување, но билатерални пречки го успоруваат патот на дел од кандидатите.

Украина и Молдавија вчера и официјално ги почнаа пристапните преговори за членство со Европската унија, со одржување меѓувладини конференции пред крајот на белгиското претседателство со Советот на ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на платформата Икс им го честиташе тој чин на двете земји.

„Им честитам на Молдавија и Украина за почетокот на пристапните преговори. Ова е многу добра вест за народот на Украина, Молдавија и целата Европска унија. Патот пред нас ќе биде тежок, но полн со можности“, објави Фон дер Лајен.

Во заднината на овој историски чин, остана прашањето – што со темпото на интеграција за земјите од Западен Балкан? Истото, пред два дена му беше поставено на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

„Пред Украина има многу земји од Западен Балкан. Треба да одиме подалеку и се надевам на полноправно членство на земјите од Западен Балкан пред 2030 година, а потоа треба да работиме со Украина и Молдавија. Мислам дека е важно веднаш да започне дијалог со Украина“, рече тој.

На новинарска забелешка дека тоа значи оти смета дека Западен Балкан треба да има предност пред Украина, Тајани одговори: „Се разбира. Тие се одамнешни кандидати. Мислам дека сме блиску до завршување (на процесот- н.з.), исто така тие почнаа и порано (со европската интеграција – н.з.) Во исто време, треба да работиме со Украина, но мислам дека ни треба време“, рече Тајани.

Шест земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и БиХ се во различни фази од нивната интеграција во ЕУ. Хрватска беше последната земја-членка на ЕУ што се приклучи во 2013 година. Западната загриженост за регионалната стабилност предизвикана од руската инвазија на Украина додаде итност во процесот на пристапување, но билатерални пречки го успоруваат процесот на дел од земјите кандидати.

Падни – стани

Изјавата на Мицкоски пред да биде изгласувана Владата – „под ваков бугарски диктат, под вакви околности додека сум јас премиер нема да има уставни измени“, предизвика реакции во Софија. Бугарското Министерство за надворешни работи вчера во соопштение потсети дека европскиот консензус постигнат во летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и Северна Македонија јасно го опишува чекорите за постигнување вистински напредок во евроинтегративниот процес.

„Покренувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“, беше наведено во соопштението.

За официјална Софија „неприфатлива е искажаната намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да ги гарантира правата и слободите на рамноправна основа со сите други заедници во Северна Македонија, вклучително преку нивно вклучување во Уставот“.

„Подеднакво неприфатлива е и искажаната намера на Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори. Ваквиот став е некомпатибилен со напредокот на европскиот пат“, соопшти бугарското МНР.

Поранешниот премиер Кирил Петков од коалицијата ПП-ДБ, пред вчерашната седница на парламентарната група, изјави дека настојуват РСМ да ги почитува преземените обрски. Потсетува дека кога тој бил премиер, 27 земји гласале Бугарите да бидат внесени во Уставот на РСМ.

„Тоа беше ‘францускиот предлог’, кој беше изгласан. Овој предлог не може да се промени и ќе биде многу жално ако Северна Македонија се сврти во друга насока, а не кон Европа“, изјави Петков.

Дељан Пеевски, копретседател на Движењето за права и слободи критикува дека новоизбраниот премиер на РСМ ја избрал конфронтацијата и газењето на европските принципи. Според Пеевски, арогантно декларираното одбивање да се исполни условот кој бара вклучување на Бугарите во Уставот, е грубо кршење на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ и Бугарија нема да остане рамнодушна на таа провокација.

„Очекувам сите пратеници во бугарскиот парламент и бугарските пратеници во Европскиот парламент, без разлика на нивната партиска припадност, да не ги одминуваат со невнимание тие алармантни процеси во нашата соседна земја“, порача копретседателот на ДПС.

Случајот Белери

Неизвесно е и како ќе се движи интеграцискиот пат на Албанија, откако албанскиот Апелационен суд вчера ја потврди двегодишната затворска казна на избраниот градоначалник на Химара, Фреди Белери кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија. Реакција од Атина брзо стигна.

„Одлуката на судот ја зацврсти загриженоста за нивото на владеење на правото и заштитата на малцинствата во Албанија“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Градоначалникот на Химара, Фреди Белери (51) беше затворен поради обвинение за купување гласови на локалните избори во Албанија. Тој не положи заклетва како градоначалник бидејќи беше уапсен, а подоцна осуден на две години затвор. Тој ги отфрли обвиненијата, а Атина го оцени неговото притворање како политички мотивирано. Грција ја повика албанската влада да го запре судењето на Белери, бидејќи случајот може негативно да влијае на пристапување на Албанија во Европската унија. Албанската влада одговори дека не може да стори ништо додека случајот е во судски процес. Но Белери, кој има двојно државјанство, сега освои место и во Европскиот парламент, претставувајќи ја владејачката Нова демократија на јунските избори за ЕП.

Од грчкото МНР потсетуваат дека Белери не е само избран градоначалник на Химара, туку е и избран за пратеник во Европскиот парламент.

„Затоа, обврска на албанските власти е да ги преземат сите неопходни мерки за да му се даде можност да присуствува на работата на Европскиот парламент, почнувајќи од пленарната седница во јули“, соопштија од грчкото МНР.

„Членовите на Европскиот парламент уживаат значителен правен имунитет од кривично гонење, дури и ако обвиненијата се однесуваат за дела извршени пред да бидат избрани. Во случајот на Белери, ова правило веројатно нема да влијае на исходот, бидејќи тој отслужува казна за кривично дело извршено во земја надвор од ЕУ“, забележува Асошиетед прес.

Предничи Црна Гора

Заради товарот на билатерални пречки на европскиот пат, во земјите од Западен Балкан не постои голем оптимизам дека интеграцијата ќе се одвива побрзо, дури ни под актуелните геополитички околности. Неименувани дипломатски извори од ЕУ во повеќе наврати во изјави за европски медиуми потенцираа дека кон следното можно проширување на ЕУ „најблиску е Црна Гора“, но со воздржување од прогноза кога би се случило тоа. Шансите за останатите кандидатки се „мерат“ во корелација со тежината на нивните билатерални спорови, и со нагласување на потребата од сопствени заслуги и градење добрососедски односи.

Во моментов се смета дека Црна Гора е „најнапред“ во процесот во споредба со другите земји од Западен Балкан. Таа е дестинацијата каде претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе престојува во официјална посета на 2-ри и 3-ти јули, на покана на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Според соопштението од кабинетот на Милатовиќ, посетата на Мишел ќе се одржи во пресретбна претстојната меѓувладина конференција меѓу Црна Гора и ЕУ и има за цел да ја истакне европската перспектива на Црна Гора и нејзиниот напредок на европскиот пат со добивањето на извештајот за оценка на поглавјата 23 и 24, и за продолжување на реформскиот процес. Кабинетот додава дека посетата на Мишел претставува важен чекор во зајакнувањето на врските меѓу Црна Гора и ЕУ на политички и економски план, и дополнително ја потврдува посветеноста на земјата да продолжи уште порешително кон полноправно членство во ЕУ.

Извор: Дојче Веле

Related posts

ТУЕЛНО Џо Бајден потпишува извршна наредба за владин надзор на криптовалутите

ninja

Фон дер Лајен ќе го прескокне најголемиот европски самит во Британија во последните години

admin

Белгија: Изборната кампања ќе го скрати претседавањето со ЕУ

admin

Герапетритис: Меморандумите за соработка со Северна Македонија зависат од усогласеноста со Преспа

admin

САД: С.Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот дијалог за решавање на разликите

admin

Истражување на РСЕ: Руси поврзани со Кремљ вработени во највисокото европско безбедносно тело

admin