Масовните протести во Бугарија, предводени од младите луѓе и генерацијата Z, ја префрлија јавната дебата од буџетски прашања кон барање оставка од владата, оценува бугарскиот политички аналитичар Николај Крастев во интервју за Инбокс7.
Крастев, долгогодишен истражувач и коментатор за бугарската политика, кој редовно пишува за клучни теми од интерес за Балканот и пошироко, истакнува дека видеата на социјалните мрежи и ТикТок покажуваат како јавната перцепција за владејачките партии, вклучително и за Делјан Пеевски и Бојко Борисов, предизвикува масовно незадоволство. Според него, младите луѓе со „тик-ток револуцијата“ испраќаат јасен сигнал дека сакаат промена и прекин на старите политички практики.
Инбокс7: Господине Крастев, како го толкувате фактот што протестите прераснаа од незадоволство за буџетот во масовно барање оставка од владата? Дали ова е криза на политика или криза на легитимитет?
Николај Крастев: Она што се случи во Бугарија не беше неочекувано, бидејќи наглоста на дејствата на партијата ДПС – Нов Почеток на Делјан Пеевски во периодот кога се разгледуваше буџетот на државата ги натера луѓето да се згрозат и да излезат на плоштадите, за да побараат оставка од владата која е зависна од него. Кога луѓето ги видоа видеата на социјалните мрежи и на Тик Ток како пратеник од партијата на Пеевски – Хамид Хамид, ги влече микрофоните за време на дебатата во парламентарната комисија за буџет и не им дозволува на опозициските пратеници да ги изнесат своите контра-аргументи, тоа ги изнесе младите луѓе по улиците во Бугарија.
Оваа безказнивост во дејствата на дел од владејачкото мнозинство, обидот да се земат делови од јавните средства за да се платат бонуси на државната администрација, земајќи средства од работниците кои ги плаќаат даноците во буџетот, предизвика бран на незадоволство, како од граѓаните така и од работодавците и бизнис секторот.
Истовремено, скандалот од пред неколку месеци, кога висок претставник од партијата на Слави Трифонов (ИТН), Тошко Јорданов, која е дел од владејачката коалиција, изјави на средба со млади лекари-специјализанти дека ако не им се допаѓаат платите, можат да донесат лекари од Азија кои ќе работат за 500 долари, исто така придонесе за натрупување на општествено незадоволство.
Брзината со која владејачкото мнозинство сакаше, под притисок на партијата на Делјан Пеевски, да се усвои буџетот и недостатокот на вистинска дебата, и непостоењето на желба да се разгледа професионално и да се земе предвид мислењето на работниците и бизнисот, експлодираа во општественото незадоволство во Бугарија.
Обидот задкулисно да се приватизира рафинеријата на Лукоил во Бургас, ставена под посебно управување, откако САД воведоа санкции на руските енергетски компании блиски до Пеевски, како и обидот да се даде концесија на националната лотарија повторно на негови блиски, доведе до општествени протести. Сето ова предизвика политичка криза и повторно се зборува за предвремени парламентарни избори, на прагот на влезот на Бугарија во Еврозоната на 1 јануари 2026 година.
Инбокс7: Делјан Пеевски и Бојко Борисов беа централни фигури на протестните скандирања. Што покажува тоа за перцепцијата на јавноста околу нивната моќ и улога во бугарската политика?
Николај Крастев: Голем дел од младите луѓе од генерацијата Z и оние кои живеат во градовите во Бугарија се против дејствата на Бојко Борисов и Делјан Пеевски. Тие ги скандираат нивните имиња затоа што управувањето на партијата на Борисов – ГЕРБ, кое зависи од парламентарната поддршка на олигархот и Делјан Пеевски, кој се наоѓа под американските санкции според законот „Магнитски“, се покажа целосно зависно од него. Според повеќето аналитичари во Бугарија, Борисов денес е зависен од Пеевски, што не му дозволува да делува самостојно. Иако на Борисов не му се допаѓа поврзувањето со Пеевски во јавното сознание, таа зависност се повеќе се наметнува.
Откако Пеевски успеа да го потисне долгогодишниот лидер на Движењето за права и слободи (ДПС), Ахмед Доган, во 2024 година, денес тој може да си дозволи да има секој политичар од која било партија. Младите луѓе еднаш го спречија Пеевски да ја преземе ДАНС (контраразузнавањето) и го принудија по неколку часа да поднесе оставка, откако беше поставен во 2013 година од БСП, а владата на премиерот Пламен Орешарски по 10 месеци општествен притисок беше принудена да поднесе оставка во пролетта 2014 година. Сега се чувствува иста желба на новите млади да го сопрат Пеевски во неговиот пат кон контрола врз Бугарија, како пред 12 години.
Инбокс7: На терен се забележани групи „мажи во црно“ кои фрлаа пиротехника и провоцирале судири. Кој има интерес од вакви сцени и дали е можно организирано поткопување на масовниот граѓански протест?
Николај Крастев: Провокатори од навивачката група на еден од софиските фудбалски клубови биле испратени да предизвикаат инциденти и да дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Ова беше дел од сценариото протестите да бидат дискредитирани и демонстрантите да бидат претставени како противници на еврото или како поддржувачи на политиките на претседателот Румен Радев.
Постојат повеќе фактори кои ги изведоа Бугарите на протестите против управувањето на ГЕРБ, БСП, ИТН и поддржувачката ДПС – Нов Почеток на Делјан Пеевски. Интерес од судирите имаа ГЕРБ и ДПС – Нов Почеток, кои сакаа протестите да бидат дискредитирани, но мислам дека луѓето јасно го разбираат тоа.
Инбокс7: Полицијата реагираше пасивно, што е спротивно од претходни случаи кога интервенциите беа многу построги. Како ја оценувате оваа селективност во безбедносниот однос и што може да значи за довербата во институциите?
Според тоа што зборуваа полициските претставници од раководството на МВР, нивниот план за обезбедување на јавниот ред за време на протестот беше реализиран до моментот кога не се вмешаа навивачите од фудбалските агитки. По тој момент, тие веќе не можеле да делуваат во таквата ситуација и нивната активност се забави. Борисов го пофали работењето на својот министер за внатрешни работи, Даниел Митов, и рече дека целта била да не дојде до насилство како во есента 2020 година за време на граѓанските протести против неговото владеење.
Тогаш многу млади луѓе и учесници во протестите станаа жртви на полициско насилство, што предизвика бурна јавна реакција од страна на правозащитни организации. Дополнително, во општеството постои недоразбирање зошто требало да се зголемат платите на полицијата и администрацијата, а не да се зголемат социјалните давачки за други групи како млади семејства, млади специјалисти и лекари кои сега влегуваат на пазарот на трудот. Довербата во Народното собрание и другите институции е подкопана поради однесувањето на Пеевски, но тоа се должи и на внатрешни фактори, како и на хибридни акции од Кремљ, кој сака да ја намали активната поддршка на Бугарија за Украина и европското единство.
Инбокс7: Протестите се проширија во речиси сите поголеми градови во Бугарија. Дали ова сугерира координирано национално движење или пак спонтано, акумулирано незадоволство на повеќе фронтови?
Протестите излегоа масовно надвор од Софија првпат по 1997 година, кога поради лошата финансиска политика на тогашната социјалистичка влада на премиерот Жан Видeнов се затворија банки, настапи хиперинфлација од латинскоамерикански тип и драматично ослабување на бугарскиот лев.
Во резултат, левот беше врзан за германската марка, а подоцна за еврото. Граѓаните тогаш беа спасители на валутата, која практично беше на „командно дишење“ поради погрешната економска политика и интервенцијата на Русија која сакаше да ја купи гасоводната мрежа по ниска цена за да го пренесува рускиот гас кон Балканот преку Бугарија.
Тогаш сите бугарски граѓани излегоа на протести, блокирајќи улици не само во Софија, туку и во Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Видин, Благоевград, Дупница и Стара Загора, за да ја принудат владата да поднесе оставка.
Најсилната опозициска партија тогаш, Сојуз на демократските сили, која победи на претседателските избори во 1996 година со Петар Стојанов, го повлече својот пратенички состав од Народното собрание, што доведе до недостаток на легитимитет на владејачката БСП. По последователните судири, БСП падна од власт и беа организирани предвремени парламентарни избори во пролетта 1997 година, по кои Бугарија влезе во период на стабилно владеење од 15 години со јасни приоритети: влез во НАТО во 2004 и во ЕУ во 2007 година.
Денес, 28 години подоцна, јавната мобилизација е слична и може да ги повтори настаните од средината на 90-тите години. Бугарија, како и во 1997, е пред решавачка фаза во завршувањето на европската интеграција со влезот во Еврозоната. Обидите на владејачкото мнозинство првиот буџет во евра да биде дискредитиран изведоа голем дел од граѓаните на плоштадите.
Зголемувањето на даноците и желбата Бугарија да се задолжи дополнително ја засили загриженоста кај експертите и во општеството дека може да тргне по патот на Грција и Романија, кои имаа сериозни финансиски проблеми. Младата генерација Z активно се вклучи во протестите, покажувајќи дека не сака да живее во старите зависимости и сака да гради Бугарија како вистинско место за достоинствен живот. Тик-ток револуцијата на генерацијата Z е важен сигнал до политичарите дека доаѓаат и сакаат да го прекинат наследството од минатото и да ја постават Бугарија на нови патеки.
Покрај младите, имаше и мал број поддржувачи на задржување на левот и противници на еврото, како и противници на политиката на владата на Желязков за помош на Украина поради кремљската агресија. Протестите претставуваат широко спектар на незадоволни граѓани од владејачката коалиција, која е задкулисно поддржана од Пеевски. Протестите на прозападната опозиција ПП-ДБ имаат за цел да ја вратат Бугарија на европскиот пат и да го стопираат штетното влијание на Пеевски во политиката, економијата и бизнисот. Следните протести се очекуваат на 10 декември, кога ќе се гласа доверба на владата поради буџетот.
Инбокс7: Дел од критиките за буџетот се однесуваат на зголемување на придонесите, даноците на дивиденди и истовремено – зголемување на платите на администрацијата. Колку овие мерки ја поларизираат јавноста и дали владата има кредибилитет да ги спроведе?
По повлекувањето на буџетот под јавен притисок, премиерот Росен Желязков изјави дека буџетот ќе биде прегледан. Според опозициската коалиција ПП-ДБ, владата на ГЕРБ, БСП и ИТН, поддржана од ДПС – Ново Начало на Пеевски, нема доволна јавна поддршка и треба да се организираат предвремени парламентарни избори. Целта, според Асен Василев, е јавното незадоволство да даде повеќе гласови на реформаторите и да го сопре влијанието на Пеевски во јавниот живот.
Ако владата повторно се обиде да го донесе истиот, иако малку изменет, буџет, тоа може да доведе до засилување на јавното незадоволство и радикализација на протестите. Премиерот аргументира дека не е време за избори, бидејќи се клучни првите 12 месеци по влезот во Еврозоната. Но, позицијата на Пеевски е неподнослива. Опозицијата смета дека предвремени избори нема да го загрозат влегувањето на еврото. Според истражување на агенцијата „Мјара“, 71% ги поддржуваат протестите, 49,8% бараат оставка на владата, 32,6% се против, а 17,6% се колебаат. За предвремени избори се 48%, против се 35,8%. Бугарија е пред важна одлука.
Иако овластувањата на претседателот Радев се ограничени во составувањето на службена влада и таа е под контрола на Народното собрание, никој не може да гарантира дека одредени министри назначени од идниот службен премиер нема да го спречат непреченото воведување на еврото. Радев е на крајот од вториот мандат и неговата желба да влијае на бугарската политика станува се појасна. Тоа внесува нова неизвесност околу неговиот курс и можноста за зближување со Орбан и Фицо, што може да го доведе меѓународниот углед на Софија под прашање.
2026 година ќе биде клучна поради влезот во Еврозоната и претстојните претседателски избори, а веројатно и предвремени парламентарни избори. Како што рече Асен Василев, масовното излегување на младите би ја намалило моќта на Пеевски. Радев има висок рејтинг, но нема гаранција дека ќе го задржи при предвремени избори.
Инбокс7: Следниот месец Бугарија го воведува еврото – процес што според анкетите го поддржува само половина од населението. Колку стравовите од загуба на суверенитет и раст на цените можат дополнително да го ескалираат политичкиот немир?
Да, остануваат помалку од 20 дена до воведувањето на еврото. Дел од постарите граѓани од помалите населени места се плашат од тоа што ќе се случи при конверзијата на левот во евро, но тоа се должи на прокремљанска пропаганда, која по инвазијата на Москва во Украина го засили своето влијание во Бугарија.
Денес, преку многу групи на социјални мрежи се шират лаги и невистински факти дека ЕУ ќе ги зема заштедите на Европјаните. Проруски партии, како „Возраждане“ и нивните евродепутати, шират слични лажни гласини и го потхрануваат стравот кај луѓето дека курсот 1 евро = 1,95583 лв. ќе биде неточен, иако е гласан од Народното собрание.
И покрај јавната кампања и организацијата за промена на валутата, проруските кругови продолжуваат да шират дезинформации. Во последните месеци, цените во Бугарија растат поради спекулации и зголемување од страна на дел од трговците, а не поради еврото. Недовршените економски реформи и растечкото влијание на Пеевски во економијата се вистинските пречки. Ова се главните противници на Бугарите на патот кон евроинтеграција и успешна интеграција во ЕУ.



