По најновите американски санкции против двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, со цел да се изврши притисок врз Москва за постигнување мировен договор во Украина, првата реакција пристигна од Бугарија, јавува kdp.mk.
Во Софија, Народното собрание ги усвои во второ читање измените на Законот за поттикнување на инвестициите, со кои се ограничува продажбата на имотот на „Лукоил“ во земјата. Според новите одредби, секоја продажба на акциите или капиталот на компаниите „Лукоил-Бугарија“, „Лукоил Нефтохим Бургас“ и „Лукоил Авијација Бугарија“ ќе може да се реализира само со одлука на Владата и позитивно мислење од Државната агенција за национална безбедност. Агенцијата ќе треба претходно да спроведе безбедносна проверка и писмено да го достави својот став.
Рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас се смета за еден од последните фактори што го спречуваат Европската унија да воведе директни санкции против руските нафтени компании, како што тоа веќе го направија САД, пренесе бугарското државно радио, цитирајќи го европското издание на Politico.
Одлуката на Вашингтон да ги стави „Роснефт“ и „Лукоил“ на листата на санкционирани компании следеше по усвојувањето на најновиот пакет санкции на Европската унија против Русија, кој вклучува и забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG).
Мерките на администрацијата на Доналд Трамп се совпаднаа со одлуката на Обединетото Кралство од минатата недела да воведе исти санкции против овие руски компании. Според американските власти, ова се првите големи санкции против Русија од администрацијата на Трамп и се очекува да имаат посилно влијание од оние на Британија.
Трамп во средата изјави во Овалната соба дека го откажал планираниот состанок со Владимир Путин во Унгарија, оценувајќи дека „не е вистинскиот момент“ за средба – што се толкува како уште еден знак на неговото растечко незадоволство, јави Радио Слободна Европа.
Земјите-членки на Европската унија во четвртокот официјално ја одобрија 19-тата по ред санкциска пакетa против Русија поради нејзината агресија врз Украина. Мерките предвидуваат и забрана за увоз на течен природен гас од Русија.
Сите 27 земји членки го поддржаа пакетот во средата вечерта, откако Словачка се повлече од своето вето.
„Ова е значаен пакет што ги таргетира клучните извори на приход на Русија преку нови енергетски, финансиски и трговски мерки,“ соопшти данското претседателство со Советот на ЕУ.
Забраната за LNG ќе се спроведе во две фази: краткорочните договори ќе престанат да важат по шест месеци, а долгорочните ќе бидат укинати од 1 јануари 2027 година.
Пакетот, исто така, предвидува вклучување на руските танкери на црната листа и ограничувања за патувања на руски дипломати.
Ова е 19-тиот пакет санкции што ЕУ го воведе од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно изјави дека купувањето на руските фосилни горива продолжува да ја финансира војната на Кремљ.

