Усвојувањето на најновиот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија предизвика остри реакции и во Скопје и во Софија, откако од финалната верзија беа избришани референците за „македонскиот идентитет и јазик“.
Во Северна Македонија, ваквиот чекор се смета за неправеден удар врз европската перспектива на земјата, додека бугарските политичари го поздравија резултатот како дипломатска победа.
Извештајот, чиј автор е австрискиот европратеник Томас Вајц, ги поздравува напорите на Северна Македонија во клучните реформски области, како независноста на судството и борбата против корупцијата, но истовремено укажува на предизвиците што остануваат.
Јовева: Европскиот парламент го признава македонскиот идентитет и јазик
Евроамбасадорот во Северна Македонија, Михаел Рокас, го поздрави извештајот како силен сигнал на поддршка за европскиот пат на земјата. Говорејќи во Охрид, тој потенцираше дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачката рамка со ЕУ.
„Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ“, изјави Рокас, додавајќи дека Европскиот парламент е независна институција што носи политички одлуки според свои внатрешни процедури.
Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, ги отфрли тврдењата дека Европскиот парламент не го признава македонскиот идентитет или јазик.
„Идентитетот не може да се земе ни со лобирање, ни со гласање. Тоа што се случи не е фер, но Европскиот парламент никогаш не си дал за право да одлучува за идентитетот и јазикот на било кој народ, вклучително и македонскиот“, изјави Јовева за телевизија Канал 5. Таа ја негираше тезата дека грчко-бугарското лоби имало пресудно влијание врз конечната верзија.
Бугарија: Дипломатска победа
Бугарските власти го поздравија отстранувањето на споменувањето на македонскиот јазик и идентитет. Поранешниот премиер Бојко Борисов го оцени тоа како „јасен сигнал дека кога Бугарија дејствува обединето, може да го брани националниот интерес на највисоко ниво“.
Министерот за надворешни работи, Георг Георгиев, изјави дека со ова било спречено Европскиот парламент да се користи за внатрешна пропаганда на македонскиот премиер Христијан Мицкоски. „Бугарија е силна земја, фактор во ЕУ и регионот. Северна Македонија мора да го земе тоа предвид“, рече Георгиев за БТВ.
Потпретседателката Илијана Јотова ги нарече амандманите „голем успех за Бугарија“.
Мицкоски: Бугарија работеше против нас
Премиерот Мицкоски изјави дека иако референците беа избришани, нивното првично вклучување во текстот кој поминал во Комитетот за надворешна политика (АФЕТ) е историски момент.
„Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви неправди се соочуваме. Ќе останеме горди, со крената глава“, изјави Мицкоски, повикувајќи на национално обединување. „Ако не сме обединети, ќе нѐ прегазат и обезличат“, рече тој од трибина во Куманово.
Опозициските пратеници во Скопје изразија зачуденост зошто повторно се отвора прашањето за македонскиот јазик. Пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави дека ова прашање институционално било затворено.
„Македонскиот јазик се користеше во скрининг-процесот со официјални преведувачи. Имаме и билатерална изјава која го гарантира нашиот јазик. Зошто сега повторно се отвора ова прашање?“, запраша таа во емисијата на ТВ24. Таа го обвини организираниот притисок од бугарските европратеници за ваквиот преседан.
Извештајот на европратеникот Томас Вајц беше усвоен со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“. Дел од текстот во кој се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“ беше избришан.
По гласањето, Вајц изјави дека признавањето на идентитетот и јазикот на кандидат-земја треба да биде нешто природно и неполемично. Тој потврди дека амандманите за отстранување на тие референци доаѓале од четири политички групи и оти, иако лично не се согласува, процесот е дел од демократијата во Европскиот парламент.

