5.8 C
Скопје
11 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Новата власт, која најавува видливи резултати, економијата и животниот стандард на граѓаните ги стави меѓу приоритетите во својата програма. Оваа политичка гарнитура, аналитичарот Незири не верува дека ќе донесе спектакуларни резултати. Промените во општество, според него, може да се случат само преку процесот на преговори со ЕУ.

Со економијата во централното место во својата програма, новата Влада денеска (24 јуни) го има првиот работен ден. Талат Џафери му ја предаде функцијата на новиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски чија Влада синоќа, пратениците во Собранието ја избраа со 77 гласа „за“.

Пред парламентот неговиот тим, во кој има 23 министри од кои пет се и вицепремиери, се обврза со програма испишана на 60-тина страници. Покрај ВМРО-ДПМНЕ дел од Владата се и коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и политичката партија ЗНАМ.

„Централно место во нашата животна мисија е економското заживување на нашата земја. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст“, пишува уште во првите редови од владината програма.

Мицкоски рече дека не сака „меден месец“ во првите сто дена и најави „фуриозен“ старт и видливи резултати уште на почетокот. Опозицијата, пак, се сомнева во остварливоста на проектите.

„Без преговори со ЕУ, нема промени“

Политичкиот аналитичар, Џелал Незири, е скептичен дека оваа политичка гарнитура во новата Влада ќе донесе „спектакуларни резултати“. Според него, се е сведено само на гола ротација на власта и Владата на Мицкоски, исто како и таа на Зоран Заев во 2017, вели, нема да може да испорача резултати додека земјата не ги почне преговорите за членство во ЕУ со отворање на поглавјата.

„Тоа што е предизвик за оваа Влада се уставните измени, кои се предуслов да се продолжат преговорите за членство во ЕУ. Без продолжување на тој процес, нема да се случи европеизација, и со тоа нема што да очекуваме позитивни промени. Една корумпирана власт ќе се замени со друга и тоа корумпирано владеење веќе станува нормалност кај нас. Се надевам дека нешто ќе може да се смени, дека уште има простор за да респектира актуелната власт во однос на уставните измени“, вели Незири за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во јули 2022 година, Северна Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, а за да се продолжи пристапниот процес потребно е бугарската заедница да се вметне во Преамбулата од Уставот.

Неколку минути пред да биде изгласан за премиер, Мицкоски синоќа од собраниската говорница порача: „ваков бугарски диктат под вакви услови нема да пројде и додека сум јас нема да има уставни измени“.

Ќе биде ли Преспанскиот договор проблем?

Тука е и Договорот од Преспа, за кој грчката страна испрати неколку пораки дека Скопје треба да го почитува за да остане отворен патот кон ЕУ . Новиот премиер вели дека ја прифаќа реалноста и ќе го користи уставното име во официјалната комуникација, но не и во настапите дома и изјавите во јавноста.

„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам сè што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам“, рече Мицкоски пред да ја даде свечената изјава во парламентот.

Политиката на употреба на уставното име во писмена форма, но не и во усна, што ја најавува владата на Мицкоски, според поранешниот медијатор меѓу Скопје и Атина назначен од Обединетите нации Метју Нимиц, ќе предизвикува континуирани проблеми и конфузија.

„Ова политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница“, изјави Нимиц за грчкиот весник „Катимерини“.

Меѓутоа, аналитичарот Незири смета дека прашањето околу Преспанскиот договор не би требало да биде проблем. Како што вели, на ВМРО-ДПМНЕ ќе и треба време да се приспособи на тоа дека од опозиција преминала во власт.

„Тоа ретерирање не треба да се очекува дека може да се случи преку ноќ. Таа позиција дека го почитува Договорот писмено, а усно е слобода на говор, мислам дека е една фаза за преминување кон тоа што значи целосно почитување на Договорот. Не верувам дека во тој поглед ќе имаме проблеми“, вели Незири.

Ова прашање често провејуваше и во критиките што ги испраќаа пратениците на СДСМ од собраниската говорницата на седницата за избор на новата Влада, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ манипулирала со граѓаните со наратив дека ќе го врати името.

Ветувања за економски раст до 5 отсто и нови 55.000 работни места

За разлика од нив, нивните колеги од владејачкото мнозинство се фокусираа на реформите, борбата со корупцијата, инвестициите, подобриот животен стандард и други економски мерки.

Амбициите и очекувањата на Владата за економијата како приоритет се дека ако нема непредвидени економски и политички нарушување, од 2025 годишниот раст на БДП ќе се движи од 3% до 5%. Тоа, пишува во програмата, ќе се базира на фер условите за стопанствениците, на јавните капитални инвестиции, инвестициите на домашните, но и доаѓањето на странските инвеститори…

„Целта на Владата е до 2028 година да се намали стапката на невработеност до 7,5%. Тоа значи дека во следните четири години ќе се креираат околу 55.000 нови работни места“, се наведува во програмата.

Мицкоски и од собраниската говорница меѓу првите чекори вети намалување даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, фронт против корупцијата … За утре (25 јуни) најави и промоција на инвестиција од 400 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ најави и поволно задолжување со една милијарда евра од влада на земја-членка на ЕУ.

СДСМ, пак, на ова не гледа како на успех туку забележува дека ќе расте јавниот долг на државата.

„Нашите проценки покажуваат дека задолжувањето за еден момент од 58,6 насто колку е задолжувањето на државата на целиот јавен долг, ќе отиде на некаде 66 насто. Со другото задолжување ќе се отиде до 70 насто. Па граѓаните ќе треба да им се одговори како одеднаш сите коментари дека државата е презадолжена затоа што сме блиску до 60 насто, која е една рамка која е ставена со договорот од Мастрикс за задолжување, наеднаш 70 насто задолжување не е проблематично“, рече актуелниот пратеник и поранешен вицепремиер за економски прашања,

Покрај економијата и квалитетниот животен стандард кои е во фокусот, останатите пет тематски целини на кои новата Владата ја скрои програмата се : фронт против корупцијата; владеење на право во институциите; функционален институционален систем; национални приоритети; и права и слободи.

Промената на власта во Северна Македонија доаѓа по убедливата победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ на парламентарните избори на 8 мај, на кои партијата освои 58 од вкупно 120 пратенички мандати во Собранието.

Нивните коалициски партнери „Вреди“ и ЗНАМ освоија по 14 односно шест пратеници.

СДСМ и коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, кои преминаа во опозиција, добија по 18 мандати. Шест пратеници во опозициските редови има и Левица.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

Патот од Тетово до Призрен децениско ветување како пругата до Бугарија

admin

Борби во северот на Косово, најмалку 4 мртви и неколку ранети

admin

Ковачевски: Ова не е прва посета на Ескобар, нема да биде ни последна

admin

Бајден: Секоја генерација мора да ја заслужи слободата

admin

Амнестија и амнезија: Зошто нема нов објект во Идризово?

admin

Втор ден од министерскиот совет на ОБСЕ, Лавров “нон грата”

admin