Продлабочувањето на корупцискиот скандал во Украина претставува нов предизвик за претседателот Володимир Зеленски во момент кога Киев бара забрзано членство во Европската Унија.
Украинските обвинители во понеделникот го обвинија Андриј Јермак, поранешен близок соработник на Зеленски, за корупција и перење пари поврзани со елитна градежна шема во близина на Киев.
Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство соопштија дека Јермак бил дел од „организирана криминална група“ вмешана во перење околу 8,9 милиони евра.
Обвиненијата следуваат по објавувањето на аудиоснимки од телефонски разговори кои, според украински опозициски пратеници, укажуваат на шеми за мито и трговија со влијание поврзани со енергетскиот и одбранбениот сектор, како и со неодамна национализирана банка.
Сите обвинети ги негираа наводите.
„Кога истрагата ќе заврши, ќе дадам коментар. Немам палати, имам само стан и автомобил“, изјави Јермак пред новинарите во Киев.
Скандалот првично избувна во ноември, кога украинските антикорупциски институции објавија дека истражуваат наводна шема за извлекување околу 100 милиони долари мито од енергетскиот сектор и државната компанија „Енергоатом“.
По рациите во домот на Јермак, Зеленски го разреши од функцијата.
Во случајот се обвинети уште неколку поранешни функционери и бизнисмени, меѓу кои и поранешните министри Герман Галушченко и Олексиј Чернишов.
Според обвинителите, Галушченко помогнал во перење пари и криење милиони во офшор банки, а бил уапсен додека се обидувал да ја напушти земјата.
Поранешната советничка на Зеленски, Јулија Мендел, оцени дека протечените разговори откриваат „паралелен систем на влијание, парични текови и заштита на интереси“ кој функционирал покрај државните институции за време на војната.
Опозициските пратеници сè погласно прашуваат дали Зеленски знаел или требало да знае за наводните корупциски шеми во неговото најтесно опкружување.
Директорот на НАБУ, Семен Кривонос, изјави дека Зеленски не е предмет на истрага, додавајќи дека актуелен претседател според украинскиот закон не може да биде истражуван.
Сојузниците на Зеленски тврдат дека случајот покажува оти украинските антикорупциски институции функционираат независно.
„Партнерите гледаат дека Украина има независен антикорупциски систем кој ја врши својата работа“, изјави претседателот на парламентарната комисија за надворешни работи, Олександр Мережко.
Скандалот избувнува во чувствителен момент за Киев, кој бара забрзан прием во ЕУ веќе следната година, иако европските лидери предупредуваат дека тоа е нереално без исполнување на строгите критериуми, особено во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата.
„Прашањето сега е што ќе следува и како ќе се развиваат случаите“, изјави опозицискиот пратеник Олексиј Гончаренко.

