30.8 C
Скопје
26 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Реформата на јавната администрација почнува од директорите

Во планот на Мицкоски и неговите партнери во владата што доаѓа, постои една дилема: дали навистина сакаат да ја реформираат јавната администрација, или сакаат да ги отстранат „другите“ и да ги замени со „своите“?

Пишува: Џелал Незири

Идниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, најави суштинска реформа на владината структура, пренесување и преместување на надлежностите од една на друга или затворање на еден и отворање на друг ресор. Очекуван и легитимен чекор на политичар кој ја доби поддршката да ја води државата во следните четири години и да ги донесе резултатите што ги вети на изборите.

Што ќе се реформира?

Во овој пакет реформи се очекува да се ревидира таканаречениот „балансер“, формула со која се пресметуваат нови вработувања согласно обврската од Охридскиот договор за правична застапеност на етничките групи во јавната администрација. Мицкоски пред избори дури предупреди дека секоја коалиција со која било албанска партија ќе ја условува со смена на „балансерот“ бидејќи тоа овозможува вработување на етничка основа, во тој случај не се води сметка за квалитетот. Овој антагонизам се чини дека создава предрасуди во јавноста дека секое вработување преку „балансерот“, или како обврска од Охридскиот договор, не е квалитативно и дека претставува проблем за ефективно и ефикасно функционирање на администрацијата. Тука има дел од вистината затоа што, преку овој механизам, од 2002 година се вработуваат партиски војници, а не најдобрите. Но, има уште еден факт – дека и вработувањата надвор од Охридскиот договор поминале низ партиските тефтери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Партиските штабови одамна се трансформирани во неформални заводи за вработување на гласачи, а нивната идеологија служи само како декор.

Како и да е, во реформите што ги планираат Мицкоски и неговите партнери во власта, постои дилема: дали навистина сака да ја реформира администрацијата или сака да ги отстрани „другите“ и да ги замени со „своите“?

За пратеник може да се избере земјоделец, човек без соодветно образование, спортист или поет, профили кои не се поврзани со политичкиот систем. Тие се избрани за спроведување на промовираните идеи кои добиле поддршка. т.е. легитимитет од гласачите. За да се стане пратеник не се потребни ниту образование, ниту пак експертиза. Доволно е да се убедат гласачите да ве поддржат, или во нашиот случај – да се убеди лидерот да ве стави најгоре на листата на кандидати. Во делот на имплементација на тие идеи и програми се министрите, кои треба да бидат експерти во нивните ресори, но најважна во оваа област е професионалната администрација. Државната администрација е едноставно апарат кој врши услуги во интерес и потреби на граѓаните. Ако администрацијата не е професионална, тогаш целиот систем не функционира. Пратениците лаици нема да можат да ги испорачаат резултатите што ги ветиле. Тоа е како да сте купиле убав автомобил за да ве одведе од точката А до точката Б, но неговите делови не ја извршуваат нивната функција правилно и, како резултат на тоа, целиот автомобил не работи.

Во овој контекст, Охридскиот договор повеќе се однесува на употреба на јазикот од страна на „државниот апарат“ отколку на социјалниот аспект – вработување на лице од одредена етничка припадност. Со други зборови, потребни се административци кои се во функција на граѓанинот, работат за него, го зборуваат нивниот јазик и го разбираат нивниот локален контекст. Исто како и во медицината: кога одиме во болница, не го бараме лекарот Македонец, Албанец, Турчин или кој било друг етнички лекар во земјава, туку го бараме најдобриот.

Промената започнува од главата

За да се реализира оваа реформа во администрацијата, Мицкоски и неговите партнери во Владата мора да почнат од главата. Без никакво одлагање, мора да го донесат Законот за висока раководна служба, кој е изготвен со помош на меѓународните експерти и чека во фиока од 2018 година. Тоа е закон, со кој директорите во администрацијата нема да бидат именувани од партиите, туку ќе бидат избрани на јавен конкурс. Надворешна професионална комисија, која би оценила кој апликант заслужува да ја води одредена институција, би требало да биде составено од луѓе со личен и професионален интегритет, кои би ги избирал Собранието, би ги делегирале универзитетите, институтите, а зошто не и граѓанското општество. Во контекст на Охридскиот договор, тој би морал да го знае македонскиот јазик, како прв службен јазик, и албанскиот јазик – како втор службен јазик, во подрачја регулирани со Законот за употреба на јазиците. Овие директори не би се избирале со мандат, туку би биле ангажирани како постојани, а нивното движење во хиерархијата би зависела од резултатите што би ги покажале.

За разлика од “балансерот” и “бадентерот”, овој закон во кампањата не беше спомнат од речиси ниту една политичка партија. Разбирливо затоа што во секоја партија има „амбициозни милитанти“ кои чекаат на ред за да ја добијат „заслужената“ позиција.

Ако навистина евроинтеграциската агенда е приоритет на владата на Мицкоски, тогаш овој закон треба да биде усвоен уште на првата собраниската седница. Како што се движи кон интеграција во Европската унија (ЕУ), потребата Северна Македонија да има способна администрација ќе стане неизбежна.

Сите членки на ЕУ, особено оние кои порано беа под комунистички режим, беа принудени да ја преземат оваа тешка реформа со цел да се обезбеди ефикасно спроведување на сите усогласени закони и да ги дадат очекуваните резултати.

Хрватски модел

Хрватска е последната членка на ЕУ која го заврши преговарачкиот процес во 2013 година. Прво, таа подготви нов закон за администрација, кој имаше за цел да ја децентрализира државната служба и да обезбеди поголема транспарентност во изборот на вработените, описот на работните места и развојот и управувањето со кариерата. Администрацијата на Хрватска помина низ три фази на реформи: првата е нејзиното формирање во периодот 1990-1993 година, втората вклучува консолидација во периодот 1993-2001 година и третата – европеизација која заврши со членството на земјата во ЕУ. Периодот на европеизација беше радикално развиен во 2008 година, кога беше донесена стратегијата за реформирање на администрацијата согласно критериумите на ЕУ. Управата на хрватските централни институции има 60.500 државни службеници, со 15 министерства, 9 државни организации и 4 национални канцеларии. На локално ниво, општинската администрација брои 11.000 државни службеници, ангажирани во 429 општини, 126 градови и 20 области. Севкупно, Хрватска ги започна реформите со 71.500 административци. Северна Македонија, пак, ќе треба да го започне овој процес со полни 110.000 административци,  иако е трипати помала од Хрватска. На локално ниво, Северна Македонија има околу 7.000 административци, додека другите се на централно ниво.

Во овој поглед, има и друга разлика меѓу Хрватска и Северна Македонија: ако првата педантно ја спроведе стратегијата на администрацијата, земјата не може да се пофали со такво нешто. Евалуацијата на Стратегијата 2018-2022 сведочи за „реформски замор“ во институциите одговорни за нивно спроведување. Предлозите за измени на законите со кои се уредува администрацијата и предлогот за воведување на Закон за висока раководна служба и натаму остануваат неусвоени, а примената на актуелните закони е или формална или не ги дава очекуваните резултати.

Брисел ќе го мери нивото на имплементација во три димензии: онаа на усогласување со европското право, спроведувањето на усогласените закони и резултатите од тие закони. Токму имплементацијата и резултатот во голема мера зависат од квалитетот, професионалноста и ефикасноста на администрацијата.

Доколку владата на Мицкоски навистина има намера да ја реформира администрацијата, тогаш целите на новата стратегија мора да бидат јасно дефинирани и да бидат во согласност со европските критериуми за државна служба. Затоа, овој документ треба да има за цел зголемување на ефикасноста на администрацијата, зголемување на квалитетот на услугите, зголемување на чувствителноста на администрацијата за потребите на граѓаните, зголемување на етичкото ниво и намалување на корупцијата, дигитализирање на услугите, владеење на правото и демократски институции .

Related posts

Примитивниот национализам и надворешната политика

admin

САД и ЕУ во регионот: Тактички партнери и стратешки ривали

admin

Тринаесетиот преимер

admin

ДОСТОИНСТВО

admin

ШТАНЦАЊЕ ДИПЛОМИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ

admin

БАЛКАНОТ КАКО ПОЛЕ НА АБСУРДНОСТА

admin