Врз основа на нацртот, ДУИ ќе ги разговара за предлозите и мерките што треба да ги преземе како партија за заштита на легитимитетот.
Нацрт-платформата за легитимитет што ја подготвил Пол Вилијамс, еден од од авторите на Охридскиот договор, синоќа го собра Централното претседателство на ДУИ. Вилијамс, кој беше ангажиран од Али Ахмети да најде формула со која ќе избегне непочитување и неспроведување на духот на Охридскиот договор по прашањето на меѓуетничкиот легитимитет, на интегративците им ја доставил на разгледување и коментари подготвената нацрт верзија на платформата за легитимитет. Се очекуваше во неа да има конкретни предлози за имплементација на принципот „победник со победник“ при состав на владата. Од ДУИ велат дека Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет, како резултат на волјата на граѓаните изразена на слободни и демократски избори.
За протести не се разговарало
Нема информации што содржи нацртот, а портпаролот на ДУИ вети дека за заклучоците од синоќешната седница јавноста ќе биде информирана.
„Ги анализираме и коментираме предлозите кои го сочинуваат драфтот на Пол Вилијамс, а за секој иден чекор благовремено ќе бидете известени“, рече партискиот портпарол Арбр Адеми.
Седницата на Централното претседателство на ДУИ следи неколку дена по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека има сознанија оти ДУИ планира дестаблизација на државата наесен.
Одговарајќи на таа изјава, Адеми рече дека ДУИ е државотворна партија која е гарант за мирот, стабилноста и за европската иднина за државата.
„Соочувајќи се со оваа политичка ситуација, како политичка партија ќе ги преземеме сите наши демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните и Владата да рефлектира меѓуетнички легимитет. Затоа и сме собрани, да дискутираме за драфот на д-р Пол Вилијамс, кој е автор на Охридскиот мировен договор. Да ги анализираме, коментираме предлозите и мерките кои треба да ги преземеме како политичка партија“, рече Адеми.
Во јавноста се поставуваат две прашања: дали таа платформа може да ја врати ДУИ во власта и дали таа може да биде обврзувачка?
Во недостиг на информации околу содржината на платформата, во неформални коментари одговорот на двете прашања е „не“. Но, засега е непознато какви правни и политички механизми ќе користи ДУИ за да го стави тој документ во погон за реализирање на нејзините барања.
Во наративот за можна дестабилизација, се шират шпекулации за план за протести, па оттаму и прашањата – дали тоа сега се крчка во ДУИ. Според одговорите од Мала Речица нема причини за мистификација. Адеми вели дека тоа што го подготвуваат – тоа и го споделуваат со јавноста.
„Подготвуваме политичка платформа за почитување на волјата на граѓаните“, нагласува тој.
Не прашањето дали планираат и протести, вели дека и протестите се демократски начин на изразување политичката волја и не треба некој на тоа да гледа како на нешто лошо.
„Но за такви чекори сѐ уште не сме се определиле“, рече потпаролот на ДУИ.
Митева: Каде беа досега?
Освен нацртот на Вилијамс, теми на вчерашната неколкучасовна седница на Централното претседателство на ДУИ биле и одбележувањето на годишнината од Охридскиот догoвор (13-ти август) и прашањето за ветинг. Последното наиде на жестоки критики од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата порачаа дека пред да се зборува за меѓународен ветинг, треба да се има домашна одговорност за сторениот криминал.
„Али Ахмети денес повикува на меѓународен ветинг затоа што мисли дека така ќе се заштити себе и останатите кои недвосмислено влегуваа во милионски бизниси со 0 денари влог. Каде беа СДС и ДУИ 7 години да побараат меѓународен ветинг или тогаш милионските тендери во РЕК, МЕПСО и ЕСМ беа приоритет? Каде беа СДС и ДУИ да зборуваат за ветинг кога милионски суми се трошеа на набавки на рент- а -кар возила за два дена?“, праша на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, со порака дека ниеден обид за дестабилизација на демократијата нема да успее.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше и со партиско соопштение во кое наведува дека ДУИ планира агресивно делување за заштита на сопствениот криминал.
„Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри рушењето на принципот на коалицирањето „победник со победник“, кој тој го наруши во 2017 година. Нема да дозволиме една криминална банда да ја киднапира иднината на сите граѓани и кога нема да е на власт и кога ќе треба да се соочи со правда, да подбуцнува тензии во државата. Македонија е членка на НАТО и демократска држава во која мора да владее правото. Колку побрзо ДУИ се соочи со тоа и се реформира, толку побрзо Македонија ќе оди напред кон ЕУ. ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот, а Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија“, се наведува во соопштението.
Од коалицијата Вреди посочуваат – сѐ додека во ДУИ не се реформираат програмски и кадровски, нема да можат да бидат реална политичка конкуренција.
„Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потценува. Тие знаат дека Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и нивната компанија немаат никаква грижа за Охридскиот рамковен договор, туку се грижат само за нивниот нелегално стекнат капитал“, порачаа од Вреди. /DW