Дали ова може да ја доведе земјата до нов конфликт, како што тврди Мицкоски? Дали е веројатно дека ќе ја дестабилизира земјата? Тоа се прашања кои ќе ги одредува политичката динамика (и не само) од септември натаму.
Пишува: Џелал Незири
Премиерот на земјава, Христијан Мицкоски, предупреди дека оваа есен може да има обид за дестабилизација на државата од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), партијата која го предводи Европскиот фронт (ЕФ) во опозиција. Овој аларм Мицкоски го упати во понеделникот на заедничката конференција со премиерот на Косово, Албин Курти. Истата изјава тој ја даде претходно во неделникот на македонски јазик „Фокус“.
Иако оваа информација дојде од премиерот на државата, претседателката на државата Гордана Силјановска-Дафкова оцени дека нема потреба да се свикува седница на Советот за безбедност, како највисок орган за анализа на безбедносната состојба. По неодамнешните реформи во безбедносниот сектор, тајната служба на земјата – Агенцијата за националната безбедност (АНБ) е одвоена од Министерството за внатрешни работи (МВР) и сега е автономна институција која му одговара само на премиерот. Значи изјавите на Мицкоски би требало да се засновани на информациите што ги добил од АНБ.
Од друга страна, ДУИ информираше дека го ангажирала американскиот експерт Пол Вилијамс да изготви решение кое ќе даде правен одговор за начинот на формирање на владата по принципот „победник со победник“. Нацртот на Вилијамс вчера стигна во Мала Речица, каде што беше анализиран на централното раководство на ДУИ, но никој од нив не даде информации за содржината на документот. Вилијамс беше ангажиран и во 2001 година, како експерт за изработка на нацрт на Охридскиот договор. Во недостиг на официјални информации, во јавноста веќе излегоа полуинформации за тоа што предлага Вилијамс, што подразбира преуредување на политичкиот систем на Северна Македонија по моделот на Белгија или Северна Ирска. Првиот модел е федерализација, која е во спротивност со Охридскиот договор, кој го гарантира унитарниот карактер на државата, додека вториот – регионализација, со која се зачувува унитарноста на државата, но се пренесуваат повеќе овластувања на регионите.
Дали ова може да ја доведе државата до нов конфликт, како што тврди Мицкоски? Дали е веројатно дека ќе ја дестабилизира земјата? Тоа се прашања кои ќе ги одредува политичката динамика (и не само) од септември натаму.
Се чини дека изворот на сите овие дебати е борбата за власт, што во наши околности значи неказнивост. Тоа е опсесија што Томас Хобс ја сметаше за општа тенденција на човештвото, „постојана и непроменлива желба за власт, која престанува само со смртта“. Хобс смета дека желбата за моќ нема никаква ѓаволска особина, или зла намера, туку е разумен резултат на човековата желба за задоволство и сигурност.
Нефункционирањето на правната држава ги издигна државните функционери над законот. Тој што е на власт е недопирлив за законите. Тоа е сигурноста што им дава слобода на владетелите да стигнат до задоволството, кое извира од брзото збогатување. Неказнувањето го карактеризира целиот тридецениски период на независната РСМ. Со мали исклучоци, целиот општествен капитал беше криминално приватизиран од 1990 до 2005 година. Никој не одговараше за ова, ниту пак имаше конфискација на имот. Илјадници „бомби“ објавени во 2015-16 година, покажуваат корупција која проголтала повеќе од 5 милијарди евра, а само еден министер кој отслужил минимална затворска казна и уште неколку поранешни функционери шетаа по „отворени затвори“. Некои од осомничените дури зазедоа позиции во новата влада. Во меѓувреме, од септември се најавува антикорупциска офанзива која би ги погодила сите оние кои го прекршиле законот во изминатите осум години. Добро е конечно да се прекине практиката на неказнивост. Оние кои профитирале со злоупотреба на јавните пари мора да одговараат и да им се конфискува коруптивно стекнатиот имот. Сепак, се чини дека пристапот на оваа влада е селективен. Како што беше пристапот на минатата. Како таква, оваа кампања нема да даде никакви резултати. Ќе ја има судбината на „бројчаникот“ на Зоран Заев, кој никогаш не беше поставен на Триумфалната порта на Скопје. На тој „бројчаник“ требаше да се види колкава сума на пари им е одземена од корумпирани политичари. Ниту бројчаникот беше поставен на Траиумфлна, ниту парите беа вратени во народната каса.
Борбата против корупцијата не се мери по претставите за јавноста преку спектакуларни полициски акции, туку по износот на капиталот конфискуван од корумпираните политичари. Поради немањето резултати во делот за конфискација, во РСМ политиката стана најкраткиот пат за збогатување. Затоа, новата влада не треба да ја користи борбата против корупцијата како средство за пресметување со политичките противници, туку да пристапува систематски и неселективно. Во тој случај може да има дестабилизација, но само на оние кои направиле или планираат да направат капитал со злоупотреба на народните пари, кои државата ги собира од џебот на граѓаните.