Само 69% од децата примиле вакцина против Дифтерија, тетанус и пертусис, 52% се вакцинирани од ХПВ вакцината иако таа спречува 70% од случаите на цервикален карцином, 80% аналниот карцином и повеќе од 40% од вулвеларниот карцином
Пишува: Кристијан Трајчов
Различните дезинформации кои произлегоа за вакцините за големата кашлица DTaP (дифтерија, тетанус и пертиусис), но и за MRP (морбили, рубеола и паротит) вакцината им отворија сомнежи на родителите за вакцинирање на нивните деца, а тоа пак придонесе губење на довербата во медицината како наука.
Едни ја шират добропознатата антиваксерска теорија која без никакви докази тврди дека вакцините се штетни за децата.
„Не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии. Оваа манипулативна објава, исто така, дезинформира и за бројот на вакцини кои ги примаат американските деца. До 25 јули 2023 година, според проверувачите на факти на АФП во распоредот за имунизација на Центарот за контрола на болести и превенција на Соединетите американски држави за деца и адолесценти имало 20 вакцини, од кои за повеќето се предвидени повеќекратни дози (ревакцинација), а некои може да се понудат како комбинирани вакцини“, стои во рецензијата.
Други пак тврдеа дека забраната за носење на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки, всушност е дискриминација, угнетување и понижување на децата и родителите.
„Вакви мерки се носат за заштита на индивидуалното здравје како на невакцинираните деца така и на останатите деца кои се згрижуваат во детските градинки. Освен тоа, со вакцинирањето се прави и заштита на јавното здравје бидејќи намалениот опфат на вакцинација ги прави шансите за заболување поголеми кај цело население“, се наведува во оваа рецензија.
Препораката нема никаква врска со дискриминација, како што се тврди во објавата, тука е во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се предвидува задолжителна вакцинација за одредени болести, меѓу кои и голема кашлица.
Постоеја и други теории за тоа дека вакцинирањето на децата предизвикува аутизам што се испостави дека не е точно.
„Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Врските меѓу вакцинацијата и аутизмот се истражувани и потврдено е дека не постојат и покрај тоа што расте бројот на деца со аутизам ширум светот. Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Но, Лансет ја повлече оваа студија во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци“, стои во објавата.
Иако е точно наведеното во објавата дека бројот на деца со аутизам се зголемува, сепак не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот.
Вакцините го засилуваат имунитетот
На социјалните мрежи беа објавени и дезинформации каде се тврди дека вакцините не штитат од болести, туку го намалуваат имунитетот и наводно се направени заради богатeње на фармацевтската индустрија.
„Многу чести болести и заболувања во денешно време се превенирани со вакцинација. Најголем дел од доенчињата и малите деца во САД веќе не се разболуваат од дифтерија или голема кашлица поради вакцинацијата. Откако вакцините се воведени во Обединетото Кралство болести како сипаници, полио и тетанус, кои што убиваа или онеспособуваа милиони луѓе, или се искоренети или ретко може да се видат. Според СЗО двоумењето за вакцинација е најголемата закана за глобалното здравје“, се објаснува во рецензијата.
Токму во Македонија, одредени родители одлучија да го одложат вакцинирањето на своите деца, а некои пак и воопшто да не ги вакцинираат. За какви вакцини станува збор, зошто се тие важни за децата, зошто произлегоа дезинформациите, но и како родителите гледаат на ова?
Пертусисот кој е познат како голема кашлица е многу заразна респираторна инфекција предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis. Дури и оние деца кои се вакцинирани можат да бидат заразени, меѓутоа инфекцијата кај нив ќе помине полесно. Ефикасноста на оваа вакцина е меѓу 80 и 90 проценти.
Пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група.
Заразноста трае од пет до шест дена, а инкубацискиот период може да се движи од седум до 21 ден. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето.
По започнување на антибиотска терапија, потврдените случаи треба да бидат изолирани. Препорака е тие да не се мешаат со други луѓе пет дена по започнувањето на антибиотската терапија.
Вакцината за мали сипаници спречила 23,2 милиони смртни случаи на глобално ниво
Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија на пертусис во Скопје поради зголемениот број заразени со голема кашлица.
Оттогаш, започнаа да се шират теории на заговор поврзани со вакцините и гласни во своите размислувања беа антиваксерските движења.
MRP вакцината пак е вакцина против морбили, рубела и паротит. Според Националниот календар за имунизација, оваа вакцина се прима на 12 месеци и на шест години, односно кога детето е прво одделение.
По примени две дози, ефикасноста за стекнување на имунитет е 97% против морбили, 88% против паротит, и најмалку 97% против рубела.
Вакцината се препорачува кај лица за кои нема евиденција за претходно стекнат имунитет, кај оние со добро контролирана ХИВ/СИДА, и кај нецелосно имунизирани лица, до 72 часа после експозиција на морбили.
Од УНИЦЕФ потврдуваат дека и оваа вакцина е безбедна и дека повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми.
Чести несакани ефекти се: болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви.
Според УНИЦЕФ, во периодот меѓу 2000 и 2018 година, вакцинацијата против мали сипаници спречила 23,2 милиони смртни случаи на глобално ниво.
Според информациите кои ги добивме од Институтот за јавно здравје, во текот на 2022 година, со прва доза DTaP вакцина вакцинирани се 91,9%, со втора доза 87,8%, а со трета доза 83,9%. Во однос на првата ревакцина, од подлежечки 20.220 деца, вакцинирани се 69,3% која е загрижувачка бројка, додека со втора ревакцина вакцинирани се 88,5%.
Во истата година, со прва доза од MRP вакцината, вакцинирани биле 70,7%, додека за втората 89,2%.
Заклучно со 28 март, во 2024 година пријавени се вкупно 349 случаи на голема кашлица. Од нив, најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години, потоа се децата на возраст до 4 години, односно 54 случаи припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 40 се деца на возраст од 1 до 4 години.
Од Институтот за јавно здравје велат дека нискиот опфат со МРП вакцинација и ревакцинација, во трите последни години, доведува до акумулација на осетлива популација, што е од исклучителна важност особено за малите сипаници, со што се зголемува ризикот од повторна појава на епидемија.
„Потребно е веднаш да се засилат активности за спроведување на примо вакцинација и ревакцинација со МРП. Службите за вакцинација да го проверат вакциналниот статус на сите деца подлежни на МРП вакцина, а децата кои не се вакцинирани или се пропуштени, веднаш да се повикуваат и вакцинираат согласно Календарот за имунизација“, објаснуваат тие.
Додадоа дека за да се зголеми опфатот со ревакцинација на училишните деца, потребно е интензивирање на теренската вакцинација во училиштата, наместо повикување на училишните деца за вакцинација во вакциналните пунктови што се практикува во последните неколку години во повеќе градови во државата.
„Здравствените работници кои се вклучени во процесот на имунизација, потребно е да ги освежат и дополнат знаењата и да ги зајакнат вештините за ефективна комуникација со родителите и заедниците преку спроведување на соодветни, повторувани обуки“, децидни се од Институтот за јавно здравје.
Во однос на тоа што придонесе за ваквата состојба, националниот координатор за имунизација Александра Грозданова во гостување на емисијата Топ Тема рече дека здравствената едукација на населението е загрижувачка.
„За жал, социјалните мрежи, лесната достапност на информации за кои што чувствувате дека преку лесно проаѓање низ тие информации станувате познавач на таа област, како и споделувањето на тие информации помеѓу непрофесионалци се главните причинители. Секогаш кога имате здравствен проблем, прашувате лекар, некој кој тоа го работи“, вели таа.
СКУП Македонија неколку пати се обраќаше до Грозданова за нејзина изјава, но не добивме одговор од неа.
Потребно е да се подигне свеста и за ХПВ вакцините
Состојбата е загрижувачка кога станува збор и за ХПВ вакцините во однос на процентот на вакцинирање. Хуманиот папилома вирус (Хуман Папилломавирус, ХПВ) е вирус кој ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човечкото тело.
ХПВ инфекцијата најчесто се пренесува преку полов пат, но инфекцијата може да се пренесе и преку неполов пат (од мајка на дете, облека, хируршки ракавици и др). Како ко-фактори кои влијаат на прогресијата на инфекцијата се промискуитетот, пушењето, долготрајната употреба на оралните контрацептиви, нарушување на имуниот систем, ХИВ и др.
Се проценува дека ХПВ вакцината спречува 70% од случаите на цервикален карцином, 80% аналниот карцином и повеќе од 40% од вулвеларниот карцином. За следните три години, како што беше соопштено, обезбедени се 70 илјади дози од ХПВ вакцината, од истиот производител кој досега ја обезбедуваше четиривалентната вакцина.
Се смета дека повеќе од 50% од сексуално активното население во текот на својот живот ќе се инфицира со ХПВ. Оваа инфекција најчесто поминува асимптоматски и може да исчезне без последици. Но, кај одреден број на лица инфекцијата предизвикува промени на епителот, појава на кондиломи, преканцерози или ако инфекцијата постои подолго време како хронична тогаш може да дојде и до појава на карцином на грлото на матката. ХПВ инфекции и ракот на грлото на матката, ХПВ вакцинацијата е препорачана превентивна мерка за спречување на појава на инфекција со најризичните хуман папилома вируси. Редовните гинеколошки прегледи со ПАП тест се препорачани за сите жени.
Според информациите од Институтот за јавно здравје, регистрираниот опфат со ХПВ вакцина во 2022 година е 52,5%, што е значително повисок во однос на 2021 година (35,5%). Во периодот од 2017 година до 2021 година опфатот со ХПВ вакцината се движи од 35,5% во 2021 година до 57,8% во 2019 година.
Како што појаснуваат од Институтот, според извештаите за спроведена вакцинација, најчеста причина за слабиот интерес за оваа вакцина е одбивање од страна на родителите.
Вакцинацијата против ХПВ, како и изминатите години, има најнизок регистриран опфат од сите вакцини, кој изнесува 52,5%.
„Лицата кои се невакцинирани и непотполно вакцинирани треба веднаш да се повикаат и да се вакцинираат до комплетирање на нивниот вакцинален статус, согласно Календарот за имунизација. Интензивна вакцинална кампања треба да се спроведе особено на територијата на Скопје, Куманово, Тетово, Битола и Струмица каде се регистрира најнизок вакцинален опфат за повеќето вакцини“, објаснуваат тие.
Дезинформациите и неодговорноста одиграа негативна улога врз вакцинацијата
Недовербата во вакцините најмногу се почувствува во периодот на Ковид-19 пандемијата каде одредени луѓе излегуваа со различни теории на заговор околу штетноста на вакцините, па овој тренд продолжува и кога станува збор за DTaP, MRP и HPV вакцините.
Новинарката Мирослава Симоновска вели дека антивакциналното движење го користи оној празен простор кога луѓето немаат информации, за да го наполнат истиот со недоумици, полувистини и да се создаде сомнеж.
„Најголемото орудие им е тоа што граѓаните кои ги таргетираат не се доволно едуцирани за вакцините. Од друга страна пак медицината самата по себе е комплицирана и лесно е да се манипулира со работи кои се тешки за разбирање. Особено е предизвик кога антивакциналното движење користи клинички студии од медицински лица и толкувајќи ги неправилно тие студии пласира погрешни заклучоци“, објаснува Симоновска.
Таа додава дека здравствените власти не само што може да се изборат со дезинформациите туку тоа е нивна обврска.
„Кога гледаат дека има опасност насочена кон јавното здравје тогаш тие мора да ги митигираат последиците, да го насочат јавното мнение кон правилни одлуки. Единствениот начин да се победат дезинформациите е да се пласираат мноштво точни и проверени информации и да се информираат граѓаните каде да ги прочитаат. Министерството за здравство спроведуваше кампања за едукација и вакцинација од врата на врата, отвори информативен портал со сите проверени информации за вакцините од редовниот календар за имунизација, а се заложија барем декларативно да испитаат на каков начин се финансираат некои антивакцинални движења во Македонија“, рече таа.
За последиците од таквите дезинформации, Симоновска вели дека истите создаваат страв од смрт односно се дезинформира дека како последица од вакцинирањето ќе ги добиете сите возможни болести на светот, меѓу кои сме среќавале карцином, аутизам, како и срцеви проблеми.
„Најстрашно е што малиот процент на несакани реакции пријавени во клиничките испитувања и во следењето на вакцините преку системите за фармаковигиланца, се амплифицираат, односно се прави лажен привид дека нивниот број е огромен и дека самите вакцини а не болестите се опасни по јавното здравје. Во текот на ковид вакцинацијата имавме прес конференција со Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД каде поставив прашање дали има починати лица во Македонија од ковид вакцини. Одговорот беше дека има 2 пријави за сомнеж дека вакцините предизвикале смрт кај две лица. Овие пријави никогаш не беше информирано дали се потврдени или отфрлени“, децидна е Симоновска.
Таа појаснува дека како и за секој лек или медицинско средство, може да настапи смрт како последица на вакцини, но во медицинската наука се гледа соодносот меѓу бенефитот од вакцината споредено со ризикот од вакцината.
„Бенефитот од вакцините е поголем од нивните ризици, особено кога ќе се земат предвид ризиците од болестите кои носат трајни последици и водат до смрт далеку во поголем обем отколку вакцините кои се најголемо достигнување на современата медицина“, вели Симоновска.
Феномен: Колку побогати средини- помал опфат со вакцини
Разговаравме и со доктор Сања Цилевска-Младеновска, лекар во Поликлиника Букурешт која за СКУП објаснува дека недоверба постои и за други здравствени проблеми и ситуации каде луѓето пребаруваат на интернет од непроверени извори, пишуваат во различни групи на социјалните мрежи, односно бараат помош од нездравствени работници и тоа е веќе одамна во подем кој настана со појавувањето на социјалните мрежи и форумите.
„Во тие кругови на дискусија секој може да си даде за право да коментира на секоја тема. Недовербата е посебно во централните градски општини, поточно оние родители кои користат социјални мрежи. Ние немаме проблем со селските средини и со приградските населби. Во 2019 година кога имавме епидемија со морбили, ние во општина Шуто Оризари немавме ниту еден случај со морбили. Кампањите за вакцинацијата не се толку бројни и изразени, па веројатно преовладува анти-вакциналното движење кое го има не само кај нас, туку и ширум Европа. Во Србија има лекар кој ја загуби лиценцата баш поради тоа, кај нас сеуште нема такви случаеви, но доколку има такви лекари кои препорачуваат такво нешто, тогаш редно време е и кај нас да има одредени санкции“, објаснува Цилевска-Младеновска.
Во однос на DTaP и MRP вакцините, таа вели дека овие вакцини се примаат како поливалентни вакцини и тоа од 2015 година.
„Се примаат во педијатриската возраст, односно во рана доенечка возраст, на два, четири и шест месеци како шест валентна и пет валентна вакцина. Вакцината DTaP содржи и други три компоненти, односно хемофилус инфлуенце, детска парализа и во шествалентната и хепатит Б. Веќе нема поединечни DTaP вакцини како порано. Тие се прочистени, односно ацелуларни, не е целоклеточна пертусис вакцина и како таква дава помалку несакани реакции како што имаше порано, поточно висока температура, грчеви и слично. Како имунолошка реактивност се помали, односно помалку го стимулираат имунитетот“, децидна е таа.
Цилевска-Младеновска додава дека родителите овие примо вакцинации ги ставаат редовно, до некаде, меѓутоа ревакцината е проблем кај повеќето деца.
„Родителите ја забораваат ревакцината затоа што се прима после MRP вакцината по Календар на имунизација, каде MRP вакцината е на 13 месеци, а DTaP вакцината е на 18 месеци и одложувајќи ја MRP вакцината каде чекаат детето да прооди и прозбори, некаде после три години ја ставаат и забораваат на оваа ревакцина. Тоа е главната причина зошто многу деца немаат примено ревакцина, односно зошто толку е низок процентот за ревакцината, некаде под 70 проценти, додека за примарните дози е меѓу 80 и 90 проценти“, појаснува таа.
За тоа на кој начин се приближуваат до родителите, Цилевска-Младеновска вели дека тие често имаат кампањи, за разговор се секогаш отворени, а дека родителите доаѓаат и се информираат околу вакцините, околу несаканите реакции, производителите и сигурноста на вакцините.
„Тоа може да се подобри само со отворена дискусија, информирање на родителите преку медиумите, гостување на релевантни луѓе кои ќе разговараат на оваа тема. Често пати се случува родителите да добиваат поинакви совети од одредени матични лекари кои и самите велат да се чека за вакцинирањето. Ние и како здравствена фела немаме единствен став“, децидна е Цилевска-Младеновска.
Одредени матични лекари непотребно бараат одложување на вакцинирањето
Постојат и одредени матични лекари кои преку потврди за постоење на акутна болест кај децата бараат од педијатрите одложување на DTaP и MRP вакцините. Педијатарот Стојанче Петров вели дека секое одложување е непотребно и го доведува во ризик здравјето на детето.
„Тоа се привремени контраиндикации за примање на вакцината, за трајни контраиндикации одлучува комисија формирана од Министерството за здравство. Во најголем број на случаи имаме добра соработка со матичните лекари, понекогаш родителите доаѓаат со потврди или извештаи од матични лекари или специјалисти педијатри за привремено одложување на вакцинацијата. Точно е и тоа дека мал дел од матични лекари преку потврди за постоење на акутна болест кај децата непотребно бараат од нас како вакцинален пунк да ја одложиме вакцинацијата за одреден период. Најверојатно причината е во одењето по желбата на родителите плашејќи се да не ги изгубат како пациенти“, рече Петров.
Тој додава дека повеќе скептицизам родителите имаат за вакцината МРП, но одложувајќи ја неа, се одложува и ревакцината на 18 месеци која ја содржи и компонентата за пертусис.
„Периодот на развој на говорот или проодувањето се совпаѓаат со аплицирањето на вакцината МРП после првиот роденден и тоа е една од причините за непотребното одложување. Исто така чиста заблуда е дека МРП вакцината предизвикува аутизам. Вакцините се безбедни и ефикасни, заштитуваат од сериозни болести кои даваат сериозни компликации. Нискиот опфат со вакцинација во одредени средини и непотребното одложување на вакцината се главните причини за појавата на епидемијата на пертусис“, дециден е тој.
Во однос на тоа дали треба да се казнуваат родителите кои не ги вакцинираат своите деца, тој рече дека треба да се работи пред се на зголемување на свеста за важноста на вакцинацијата и довербата во системот на вакцинирање.
„Доколку сите механизми од наша страна се исцрпени, постапува Државниот санитарен и здравствен инспекторат со своите надлежности. Не е целта санкционирање, туку здравјето на децата“, појаснува Петров.
Ова го потенцираа и од Лекарската Комората од каде велат дека со активностите кои се превземаат се испраќа порака до родителите и јавноста дека ако сакаат да го одржат доброто здравје на нивните деца, треба да ги вакцинираат, зошто вакцините се безбедни и ефикасни.
За одредените наоди дека одредени матични лекари и педијатри ги советуваат родителите да ја одложат вакцинацијата, тие ги потсетуваат докторите дека во практикување на нивната секојдневна лекарска пракса треба да ги имаат предвид придобивките на вакцинацијата и значењето на колективниот имунитет за заштита од заразните заболувања.
„Со Етичкиот кодекс за медицинска деонтологија лекарите се обврзани јавно и отворено да предупредува за причините на болестите и активно да соработува во спречувањето и отстранувањето на болеста. Лекарите исто така треба да се залагаат за здравствено воспитување и за растеж на здравствената свест и здравствената култура на луѓето. Лекарот треба да се залага и за спречување на се она што го загрозува здравјето на човекот. Ова значи дека дезинформациите ќе се победат со пласирање на вистински, точни и аргументирани информации од релевантни извори. Во овој процес клучна е улогата на матичните лекари, педијатрите и докторите вработени во одделенијата за имунизација кои треба повеќе да работат на подигнување на свеста за значењето на вакцинацијата“, потенцираат тие.