Работниците бараат покачување на платите поради континуираниот раст на трошоците за живот, но од власта велат дека пари во буџетот за оваа година нема. Ќе има усогласување на платите, за кое синдикатите велат дека тоа се минорни суми. Тие бараат да се утврдат коефициенти според просечната плата.
Од септември ќе има усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор, но тоа не значи покачување на платите, велат синдикатите кои реагираат дека сумата од усогласувањето е толку мала, што според нив е срамно да се нарече зголемување.
Ова усогласување е предвидено да биде 0,75 проценти од моменталната просечна плата во Македонија која изнесува 41.939 денари. Тоа значи дека работниците од следниот месец треба да добијат повисоки плати за 200 до 300 денари.
„Ова покачување е минорно и ќе биде срамно да се дава. Ние прво бараме на било кој начин да се утврди пораст на минималната плата, а истовремено чекаме веднаш да се седне и да се почнат разговори за утврдување на коефициенти согласно општиот колективен договор што треба да почне да се исплаќа од 1 март 2025 година“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.
Во јавниот сектор се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството информатичко општество и администрација. Бројката достигнува до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело. Ако има за сите покачување од 3о0 денари според усогласувањето, тоа ќе значи во Буџет треба да се предвидат околу 780 илајди евра месечно.
Има ли социјален дијалог?
Иако премиерот Христијан Мицкоски вели дека за платите е „подготвен да седне да разговара со синдикалните претставници“, Деаноски вели дека засега нема социјалнен дијалог меѓу власта и синдикатите.
Сите вработени бараат значително поголемо покачување на платите од сегашното усогласување, вклучително и на минималната плата која изнесува 22.500 денари, во услови кога вредноста на синдикалната минимална кошница во моментов изнесува 60.570 денари.
Ако четиричлено семејство изнајмува стан, ќе му бидат потребни 75.945 денари, а двајца родители со една просечна и една минимална плата можат да покријат 64.500 денари.
Покачувањата на платите треба да бидат во договор меѓу синдикатите, како што е во Австрија и во повеќето држави од Западна Европа кои имаат високи социјални стандарди, а не за тоа да решава самата влада, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ додавајќи дека тоа е суштината на колективното договарање.
„Некој минимум за (покачување), општо за сите плати и други примања, е инфлацијата од претходната година за да нема губење на куповната моќ. Во Македонија како земја со ниски плати, во принцип треба да биде и повеќе од ова, за платите да почнат да ги стигнуваат европските. Друго правило за покачување е инфлацијата плус растот на економијата, за учеството на платите во БДП да не се намалува“, вели Јовановиќ.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) периодов побара Владата во првите 100 дена да ја зголеми минималната плата на 450 евра, наведувајќи дека таа е најниска во регионот и премалку за да овозможи достоинствен живот на работниците.
Сепак, премиерот Христијан Мицкоски рече покачување ќе биде можно од следната година со оглед дека Владата претходните два месеца го направила ребалансот на буџетот, со што премиерот рече дека обезбедиле средства за законските усогласувања.
„Во зависност од динамиката на консолидирање на буџетот, при формирањето на буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, со сите синдикални единици, организации и да разговараме“, вели Мицкоски.
Со ребалансот на Буџетот на 12 август, Владата наведе дека обезбедила ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината, вклучително исплата на зголемени пензии и права на вработените. Владата ги зголеми пензиите за 2.500 денари од септември оваа година.
Што предвидува колективнит договор?
Деаноски вели дека општиот колективен договор предвидува сите вработени во јавниот сектор да имаат коефициент за пресметка кој ќе биде според просечна плата.
Тоа значи вработен во јавниот сектор со коефициент 1, да добива просечна плата од 41.939 денари. (1= просечна плата).
Но, Деаноски додава дека без разлика дали ќе бидат утврдени коефициенти, од 1 март 2025 година сите вработени во јавниот сектор според колективниот договор треба да добијат покачување на плата колку што процентуално ќе зголеми просечната плата. Тоа според сегашните пресметки на синдикатите треба да биде околу 15 отсто.
Во однос на коефициентите, синдикатите бараат работниците со високо образование да имаат коефициент 1, (професори, доктори, раководители на сектори и така натаму).
Вработените со средно образование да бидат со малку понизок коефициент од просечната плата, од 0,9 до 0,7.
Исто така, бараат коефициентот на вработените со високо образование да расте до 2, што ќе биде приближно до коефициентот на функционерите каде најнискиот е 2,2.
Академиците најавуваат штрајк
Зголемување на платите периодов бараат и просветните работници. Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) велат дека имале две средби со Министерката за образование и наука Весна Јаневска каде било побарано усогласување на платите во основно и средно образование за 12,15 отсто, но дека министерката одговорила дека оваа година за тоа „нема материјални можности.“ Од СОНК велат дека не се откажуваат од нивното барање.
Покачување на платите бараат и вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кои најавуваат штрајк од 2 септември, откако уште пред изборите им било ветено донесување на закон за да добијат повисоки плати.
Од синдикатите велат дека во МАНУ во моментов има 40 вработени, од кои половина се на минималец.
За покачувањето на платите деновиве има обвинувања меѓу власта и опозицијата. Од СДСМ велат дека Владата треба да најде пари за покачување бидејќи такво било предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најмногу реакции има за прекинувањето на политиките за постојан раст на платите во сите сектори, додека има зголемување на трошоците за живот“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче кој додаде дека неговата партија и во време на здравствена и економска криза успевала да ги покачи платите. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Филипче ја политизира состојбата во синдикатот. /РСЕ