„Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на многу добри односи. Мене нема да ме изненади и за очекување ми е во следниот период ДУИ да биде сигурно дел од Владата“, вели во интервју за РСЕ координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Овој став го темели на неколку закони предложени од ВМРО-ДПМНЕ за чие носење беше потребно двотретинско мнозинство, а кое се обезбеди со гласовите на интегративците.
“Неретко ДУИ и помага на ВМРО-ДПМНЕ, а не дека СДСМ излегува неретко со ставови. Ние само ги гледаме потезите кои се влечат во Собранието во овој период. И врз основа на тоа што се прави, ние излегуваме со ставовите. Вие се сеќавате дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по завршување на изборите и формирањето на владата дека ДУИ е минато во македонската политика и за ништо не се прашува и да одлучува. Ако сакате еден дел од македонските граѓани дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ токму поради ваквиот пристап кон ДУИ. Дека тоа е партија која е целосно дефакторизирана. А ние во суштина имаме формирање на влада, дури и пред да се формира, веднаш имавме прва успешна средба и соработка или преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се одвиваа во законодавниот дом, а се однесуваа за поддршка на Законот за организација на органите на државната управа”, вели Спасовски.
Вториот пат, според него, е гласањето за Законот за локална самоуправа кој треба да се донесе со двотретниско мнозинство.
“Како партија, СДСМ е секогаш отворена за соработка за прашања од интерес од државата. За многу од прашањата ќе најдеме заеднички јазик, за многу може нема да се усогласиме бидејќи има причини, дали се идеолошки, економски, политички, но дебата треба да има и треба да се разговара”, додава Спасовски.
По сто дена од новата Влада, Спасовски смета дека пратеничката група на СДСМ е доволно гласна како опозиција во законодавниот дом.
“Од аспект на пратеничката група, морам да кажам дека ние апсолутно сериозно и посветено работиме во овој дел, за да може преку понуди на одредени законски решенија да укажеме на се она што е негативно или ни се случува. За волја на вистината, нема ниту доволно предлози кои го понуди владата и парламентарното мнозинството за кои може да разговараме. Имате доставување на законски текстови, започнување на процедура во Собрание, добиваме известување дека 11-12 законски решенија се повлечени, па се прави доработка. А се сеќавате за носењето на Законот за организација и работа на органите на државната управа со о која се зголеми бројот на министерствата правдајќи се дека на тој начин ќе се реализираат владините политики”, вели Спасовски.