7 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Таравари од Њујорк гаси искри во Скопје

Односите меѓу партнерите во власта се коректни, рече Таравари по изјавата на пратеникот Халил Снопче дека Вреди ќе излезе од Владата ако се изгласа законот за бранители.

 

Oдносите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ, се коректни, оваа Влада ќе продолжи да функционира, таа има подолгорочна стратегија, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите во власта. Ова го изјави министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари од Њујорк, каде во четврток ќе се обрати на тема од здравството на дебата во рамки на 79. Генерално собрание на ОН.

Како што јави известувачот на МИА, ставот на Таравари уследи по вчерашните изјави на пратеникот Халил Снопче од Вреди, дека оваа коалиција ќе излезе од Владата ако се изгласа  законот за бранители.

„Едната гаранција, е гаранцијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека  Законот за бранителите нема да помине. Во ред! Тој има гаранции и секако свои методи, направил свои анализи. Евентуално доколку се случи тоа другото, тогаш немаме место во Владата. Но да не заборавиме дека Законот за бранителите има свои истории. Законот за бранителите може да помине само доколку паралелно се реши и статусот на поранешните припадници на ОНА“, изјави пратеникот од владејачката Вреди на ТВ 21.

Премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање за изјавата на Снопче вчера кусо искоментира: „Нека му е со среќа!“

И подметнуваат искри на владејачката коалиција

Додека во Скопје почнаа да поставуваат прашања – дали владината коалиција почнува да пука по рабовите, Таравари од Њујорк даде оценка какви се односите меѓу партнерите во власта.

„Односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ се коректни и ние се обидувавме да бидеме што посинхрони во овие сто дена. Меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните. Меѓутоа, генерално можам да кажам дека очекувањата на граѓаните беа огромни од ова мнозинство“, рече министерот за здравство.

Тој вели оти не верува дека СДСМ „ненамерно“ ја испорачала точката за бранителите прво во февруари 2024 година, кога ги разрешувала двајцата министри на АА, Азир Алиу и Фатмир Меџити, и втор пат сега – токму кога важни точки биле на дневен ред во Собранието.

„Како вонредна точка го поставија и законот за бранители. Генерално, мислам дека кога нешто планираме да донесеме како Влада треба да бидеме синхронизирани и известени едни од други, така што и реакцијата на господинот Снопче беше во овој правец. Значи ние не сме известени, ние начелно сме против нешто да помине без да бидеме договорени меѓу нас. Реакцијата на Снопче беше како што треба и се надевам дека ќе имаме координација меѓу нас и ќе го поминеме и овој, да речам ситен проблем, што ДУИ се обидува заедно со СДСМ да го наметне. Мислам дека се координирани да ставаат, да подметнуваат искри во функционирањето на коалицијата во владејачкото мнозинство“, рече Таравари.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, коментирајќи го законот за бранители предложен од пратеничката од опозициската СДСМ и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска, пред три дена од Њујорк порача дека законот за бранителите е провокација и нема да се донесе, дека тој закон е заглавен во фиоките на Собранието и очекуваат таму и да остане.

Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од опозициската коалиција Европски фронт, минатата недела одби да закаже комисиска седница за предлог-законот за бранителите. Тоа не го стори ниту претседателот на Собранието Африм Гаши, како што налага собранискиот Деловник. Од СДСМ соопштија дека нивната пратеничка група веќе упатила писмо до претседателот на Собранието со кое регира за ова непостапување за Законот за бранители.

(Не)случајноста на тајмингот

Освен предложениот закон, искри и реакции предизвикуваат и две други прашања. Неодамна Уставниот суд го суспендираше балансерот – механизмот за правична и соодветна застапеност при вработување во јавната администрација, а истиот суд се очекува во октомври да одлучува и за уставноста за Законот за јазиците. Таравари прашува зошто иницијативи од пред пет години, Судот решил сега да ги актуелизира.

„Замислете пет години се барањата за балансероти за употребата на албанскиот јазик, и баш сега се актуелизира и претседателот на Уставниот суд го става на дневен ред за да покаже дека, ете, треба нешто ново. Ние генерално сме усогласени и сме кажале дека треба закон за правична застапеност, не само на етничките заедници, туку правична застапеност на сите категории кои живеат во државата, така што ќе видиме со закон да го покриеме ова што се трга балансерот“, изјави Таравари.

Според него, сите политички партии се свесни за  злоупотребата на балансерот и владејачко мнозинство ќе изнајде решение за да можат припадници на сите заедници да бидат застапени во институциите.

Преиспитувањето на  Законот за јазиците  завчера го коментираше и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, по средбата во Скопје со нејзиниот македонски колега, Африм Гаши. Таа изрази надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран и дека одлуката на Уставниот суд ќе биде во духот на Охридскиот договор.

„Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет (…) Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор“, рече Спиропали. /DW

Related posts

Мицкоски зема двојно поголема плата од српскиот премиер Вучевиќ, помала од Рама

admin

Раскол во ИВЗ, се продлабочува поделбата меѓу реисот Шаќири и муфтијата Несими

admin

Бугарија да одзема државјанства заради говор на омраза

admin

Ќе прифати ли Берлин „промена на парадигмата“ на Балканот?

admin

Имунологот Акико Ивасаки: „Не е се завршено со Ковид, ниту одблиску“

admin

„Фини“ кандидати, валкани ботови

admin