8.8 C
Скопје
12 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

За 10 години 25.000 стручни кадри ја напуштиле Македонија

Годишно од Македонија мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари. Одливот ја чини државата над 100 милиони евра годишно.

 

За десет години над 25 илјади високообразовни кадри со „карта во еден правец“ ја напуштиле Северна Македонија. Со тоа земјата се најде меѓу топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската Унија. „Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата“, вели државниот ревизор Максим Ацевски.

Тој пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП. Доколку се земе предвид вкупниот обем на БПД во 2023 година, тоа би биле околу 130 милиони евра годишно.

Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.

Според ревизорите, активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Ацевски вели дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023/2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.

Поразителни бројки

Бројот на младо население во Северна Македонија од 2002 година е во опаѓање. Проценките се дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Тоа е речиси колку што има население во Битола (74.550) – вториот по големина град во земјата.

Меѓу два пописи од 2002 до 2021 година анализите покажуваат дека бројот на младите се намалил за шест проценти.Според пописот во 2002 година процентот на млади од вкупниот број на население е 24 проценти, додека во 2021 година е 18% – што претставува пад од 6 проценти. Во 2002 година државата имала 480.848 млади, додека во 2021 година има 326.733 млади лица.

Анкета на студенти на Филозофскиот факултет на УКИМ, од пред неколку месеци покажа дека условите и квалитетот на живот се попресудни отколку финансиите, при донесувањето на одлуката кај млади да се преселат во друга држава.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска смета дека бројката за иселувања е поразителна, а за задржување на кадарот во земјата е потребен мултиресорки пристап. Таа најавува дека ќе се фокусираат на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалат заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар.

Како да се задржат младите?

Па така, со универзитетите веќе се разговара за промени со цел поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.  Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па затоа и стипендиите на МОН ќе подлежат на ревизија. „Младите треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал“, вели Јаневска.

Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука. „Обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука“, вели Јаневска.  / DW

Related posts

Претседателка на синагогата во Детроит пронајдена смртно избодена

admin

МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР МЕЃУ КОНТРОВЕРЗИТЕ И КВАЛИТЕТНИОТ ФУДБАЛ

ninja

Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух

admin

Груби најавува голема инвестиција од Белгија, 600 нови работни места со над 900 евра месечна плата

admin

Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка бараат ограничен увоз од Украна

admin

Израелско-палестинската војна може дополнително да ја тестира надворешната политика на ЕУ

admin