Многу стратегии, акциски планови, реформи и образовни политики, но резултатите не изгледаат задоволителни кога зборуваме за квалитетот на образованието во Северна Македонија. На оваа тема во разговор со БИРС зборува Кирил Барбареев, редовен професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Тој истражува и предава во областите методика и образование на наставници. Имал раководни функции како проректор за настава и развој на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ангажиран е во научни и експертски тимови од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и организации како УСАИД, УНИЦЕФ, МЦГО и многу други.
– Речиси три децении по независноста на државата, зошто не успеавме да имаме квалитетен, функционален образовен систем сличен на оној на ЕУ?
Кирил Барбареев: Промените во образованието никогаш не се реализираат лесно, ниту лично, ниту институционално. Станува збор за институциско-организациски теми кои бараат принцип на континуитет и култура на споделена одговорност за кои се потребни многу знаење на сите институции и сектори во државата. Проблемите и предизвиците се појавуваат кога треба оперативно да се пристапи во реализација на посакуваните промени. Овде се гледа мудроста, отпорноста, визијата и храброста на сите одговорни во општеството да се води тој процес доследно и континуирано.
Тажно е кога човек ќе заклучи дека образованието и науката 30 години се запрени во својот развој заради немање на чувство и одговорност за консензус во политичката и стручната јавност ова прашање да се решава во континуитет. Тоа ниво е поразително за нивото на квалитет на живот во државата. На крај, имаме збунето општество со конфузија на вредности.
Прашањето за развојот на образованието и науката треба да стане приоритетно државно прашање, затоа што е неодвоиво од културниот, економскиот, политичкиот и севкупен развој на државата. Тоа прашање ги допира темите и проблемите со одливот на мозоци, со планирањето, вработувањето, со техничко-технолошкиот развој, со секојдневниот живот на човекот.
Постојат многу причини зошто не успеваме да создадеме квалитетен систем: Најпрвин треба да си признаеме дека секогаш постојат многу недоразбирања и недоверба кога се подготвуваат законите, концептите, документите каде често не може да се хармонизираат ставовите за визијата на промените. Тоа понатака се одразува долгорочно на честите промени и нови почетоци, така се создава нестабилност и недоследност. Недоволно финансирање што резултира со недостиг од современи наставни материјали, инфраструктура, дигитални ресурси и услови за работа на наставниците. Подигање на квалитетот на наставниците, но и на образовната администрација, таа тема е суштината и на одливот на мозоци; недостаток од евалуација и механизми за мерливост на резултатите.
– Гледаме незадоволителни резултати на нашите универзитети на меѓународните рангирања. Каде лежи проблемот?
Кирил Барбареев: Одговорот на ова прашање е поврзано со првото. Резултатите се последица на сложената комбинација на фактори кои сериозно влијаат на конкурентноста и репутацијата на регионално и глобално ниво, но и на интегритетот на високото образование во државата. Нашето високо образование се соочува со најсериозните предизвици од неговото постоење за неговата реална функционалност во времето и просторот. Универзитетите се соочуваат со многу ограничени можности за истражувачки активности, компетитивноста и создавањето на квалитетни кадри долги години е слаба страна и на универзитетите и на образовните и финансиски политики.
Глобалната конкуренција бара динамичност во градењето на сериозно современо образование. Тоа бара следење на глобалните политики, сериозни средства за научно-истражувачки проекти, лаборатории и иновации. Универзитетот е место каде се воспитува општествената интелигенција, тој мора да стане сериозен коректор и креатор на општествените промени во општеството.
– Кога сме кај модернизацијата на образовниот систем, значаен е и Болоњскиот процес. Колку тој се спроведува во Северна Македонија?
Кирил Барбареев: Еден од превидите кои се направени на почетокот од воведувањето на овој начин на студирање а што се уште трае е во тоа што Болоњскиот процес се гледа само како реформа на високото образование. Во суштина тој е многу тесно поврзан со промените во економијата, технологијата и културата, а кои доведуваат до светски економски пазарни стандарди кои вмрежуваат повеќе економии, култури, појава на нови професии и занимања, интелектуализација на работната сила и потребата за се повисоки степени на образование, развивање на отворени општества, меѓународна соработка, нови средства за комуникации и т.н. На сите овие промени голем дел земји се подготвуваа и развиваа континуирано, градеа инфраструктура и човечки ресурси.
Оттука, произлегуваат многу други прашања на кои треба да се дебатира и подготвуваат стратегии за тоа: колку ние се снаоѓаме со Болоњскиот процес – како синтагма за современо студирање, за модернизација, за хармонизирање и признавање на дипломите на европскиот пазар, за мобилноста на студентите и професорите.
– Земајќи предвид автономијата која им е загарантирана на универзитетите, има ли било каква можност универзитетските програми, сепак, да се усогласат со пазарот на трудот? Каде е решението на овој проблем?
Кирил Барбареев: На оваа тема се работи и се подобрува комуникацијата на универзитетите со стопанството. Тоа е концепт кој веќе го преобликува образованието на сите нивоа, ја менува парадигмата, и така се создаваат институции кои се сè повеќе популарни, финансиски помоќни и општествено прифатливи, тоа носи иновативност и динамичност, но исто така и голема нерамноправност и маргинализација. Природните и техничко-технолошките науки се попрагматични по ова прашање бидејќи се директно поврзани со интересите на пазарот на труд, наспрема општествените и хуманистичките науки.
Универзитетите и стопанството треба да се многу проактивни на оваа тема бидејќи имаат потенцијали и можности многу предизвици да решаваат сами. Тоа многу зависи од нив самите. Креирањето на програмите, секојдневната комуникација, треба да станат редовна пракса. Но, пак ќе ја споменам културата на тимска работа и споделена одговорност, која е слаба страна во општеството.
– Во овој аспект – што би ја советувале новата влада? Како да се премине од „политички“ реформи во реформи засновани на експертиза?
Кирил Барбареев: Начинот на кој Словенија пристапила кон целокупните реформи во образовниот систем е пример од кој може да се учи. Имено, после две години дебати за образованието, после многу различни предлози и концепти, Словенија во рамките на Министерството за образование и спорт, ja изработиле „Основната стратегија за новиот образовен систем“ – Бела книга 1995. Всушност, таа академска книга ја претставува основата за формулирање на новите закони во образованието и се што понатаму следи: обука на кадар, посебно уредување на професијата наставник, избор на идните наставници/професори, промена на правилници, процедури, протоколи, инвестиции, учебници, лаборатории, идни и сегашни наставници. Министерство и Влади со континуитет на политики.
– Иако сеуште реално не се започнати преговорите за членство во ЕУ, сепак земјата би требало да ги спроведува реформите кои се итни заради динамичниот глобален свет во кој живееме. Во однос на образованието, Кластерот 3 во преговарачкиот процес ги дефинира реформите што мора да се направат во овој домен. Кластерот 1 предвидува и некои реформи во однос на мобилноста. Колку капацитет има земјата да ги исполни овие стандарди?
Кирил Барбареев: Според новата методологија на ЕУ пристапување, една од клучните задачи на државата e примената на Cluster 1 (Темели), каде мобилноста е една од клучните интерсекторски вредности за економскиот развој. Поврзана е и со фактот дека образованието и економијата претставувуваат интерсекторско единство (Cluster 3: Competitiveness and Inclusive Growth, Наука и истражувања, економија, финансии и социјални политики). Имплементација на реформите според Cluster организацијата на политики, е невозможна без соодветна примена на Болоњскиот процес. Потребна е силна координација во градење на политики. Во моментот се работи на проект на оваа тема од која може да се споделуваат и искористат искуства.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.