Имаме поголемо животно искуство со различности отколку што го има самата Европска Унија, и време е повеќе да зборуваме за европеизација отколку за дестабилизација, вели за МТВ2 политичкиот аналитичар Џелал Незири.
„Клучни фактори поради кои денес зборуваме за дестабилизација, а не за европеизација, се политичките партии. Бидејќи политичките партии се фактори во тоа што се нарекува политички систем на Северна Македонија, но не само тука, туку секаде политичките партии, како форми на политичка организација, треба да го имаат предвид општиот интерес на граѓаните или на тие што ги претставуваат. Но, кај нас, всушност, имаме партии кои повеќе играат на емоциите на граѓаните отколку што ги артикулираат нивните интереси. И токму овој макијавелистички пристап кон политиката и нивното макијавелистичко делување во политиката ја наметнува повеќе темата за дестабилизација отколку за европеизација,“ – изјави аналитичарот Џелал Незири.
Во однос на последните настани, Незири вели дека вредностите на ЕУ подразбираат живеење со различностите.
„Еве, да речеме за знамињата што беа изгорени во последно време, можете да видите и официјални знамиња кои се законски дефинирани во европските земји, но и многу други знамиња за кои дури и не се знае на која држава ѝ припаѓаат, а кои слободно се веат и никому не му пречат. Бидејќи знамињата се симболи со кои некој изразува некаква форма на идентитет, мислење или став. Не е важно кој што е, важно е тоа да биде во таа димензија што самата Европска Унија ја има утврдено – односно почитување на законот, демократијата, човековите права и слободи и целосната еднаквост. Тоа е тоа,“ – нагласи аналитичарот Џелал Незири.
И во јавниот дискурс, за жал, доминира повеќе темата за дестабилизација на државата отколку за европеизација, а ваквиот вид дебата влијае и на поддршката за интеграција во ЕУ, потенцира Незири.
Тој додава дека е должност на медиумите, невладините организации, но и на самите граѓани да ја разберат оваа игра, да ѝ се спротивстават и да кажат дека сакаат да преминат во друга фаза на нивната демократска зрелост.