Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро ги отфрли обвинувањата дека нејзини функционери се вмешани во намерно подметнување пожари во околината на Скопје и Визбегово, оценувајќи ги како „тенденциозни клевети“ и „политички монтирани случаи“ со цел дискредитација пред изборите.
ДУИ во соопштение изрази „длабока загриженост“ поради, како што наведуваат, организираните напори на структури блиски до власта да го оцрнат албанскиот политички блок и партијата. „Станува збор за намерна кампања за јавна манипулација и за директен напад врз опозицискиот глас и легитимното претставување на Албанците во политиката,“ се наведува во реакцијата.
Партијата го осуди полицискиот претрес во домот на претседателот на огранокот на ДУИ во Шуто Оризари, Илијас Лесковица, за кого Министерството за внатрешни работи објави дека кај него биле пронајдени пиротехнички средства и запаливи материјали. ДУИ бара надлежните институции транспарентно да објаснат на која законска основа и со каква цел бил извршен претресот и кој стои зад, како што велат, „селективните и политички мотивирани акции“.
„Капењето на правосудството и злоупотребата на институциите не се предизвик само за една партија, туку се сериозна закана за демократскиот поредок и европската иднина на државата,“ посочува ДУИ, додавајќи: „За сѐ што не функционира во оваа држава, виновна е ДУИ и Албанците. За настаните на 28 Ноември – виновна е ДУИ. За Кочани – виновна е ДУИ. За пожарите – виновна е ДУИ. Оваа наопаку поставена и дискриминирачка логика не е само опасна, туку и неприфатлива.“
ДУИ обвини дека криминалните структури блиски до власта се користат како алатка за притисок врз опозицијата и за потиснување на политичкиот плурализам во земјата.
„Ќе се спротивставиме институционално и правно на секој што ќе шири лажни вести и ќе ја користи политичката клевета како начин за покривање на неуспесите на владата,“ се наведува во соопштението.
Партијата порача дека останува посветена на владеењето на правото и на достоинствено застапување на Албанците на сите нивоа, додавајќи дека „ниеден притисок или обид за заплашување нема да го поколеба легитимното право на политичка борба“.
ДУИ најави дека за ова прашање ќе се изјасни и граѓанството на референдумот што е најавен за октомври, кога се закажани и локалните избори.

