„За каква расипаност зборуваме кога зборуваме за корупција? Мислам дека пред сѐ, расипани се критериумите. Кога велам корупција, не мислам на она што стандардно се подразбира – давање и земање пари директно од точка А до точка Б, туку мислам на нарушување и деградација на критериумите,“ вели проф. Маја Бојаџиевска во интервју за „Трилинг“.
Таа посочи конкретен пример со аферата околу образованието на избраниот директор на АНБ, која долго време се провлекува во медиумите.
„Ова е јасен пример, case study, за корупција, затоа што гледаме проблематична диплома по англиски јазик, сомнителна универзитетска диплома и магистерска титула добиена за само една година. Тоа покажува дека сме ги разнишале сите цврсти критериуми што сведочат за нечие образование. Кога објективноста на дипломите е спорна, тоа укажува на една севкупна корупција, корупција во критериумите на сите нивоа,“ вели професорката.
Интелектуалците и политичката манипулација
Проф. Бојаџиевска смета дека интелектуалците се делумно виновни за оваа состојба. „Не верувам дека оние кои креираат политики во доменот на образованието ги слушаат интелектуалците. Но, вината не е само кај политичарите, туку и кај оние кои сакаат да се нарекуваат интелектуалци,“ нагласува таа.
„Вината на интелектуалците е што доброволно се вклучија во механизмите на оние што ги креираат политиките. Интелектуалецот не е конфорна позиција. Тоа подразбира активна критичка свест, непристрасност и борба за знаењето. За жал, нашите интелектуалци не ја извојуваа независноста и често се вклучуваат во манипулативни политички процеси,“ додава Бојаџиевска.
Таа ја критикува и поларизацијата како механизам за манипулација во Македонија. „Поларизацијата, поделбата на ’наши‘ и ’ваши‘, е главниот инструмент на оние кои управуваат со државата,“ вели професорката.
Образованието – жртва на небрежност и краткорочни политики
Во однос на тоа што министрите за образование во Македонија имаат просечен мандат од 18 до 20 месеци, проф. Бојаџиевска вели дека тоа е последица, а не причина за нискиот приоритет на образованието.
„Кажете ми кога образованието било приоритет на некоја влада во оваа држава? Никогаш. Секогаш е на последно место, на маргините. Погледнете ја Словенија. Таму образованието беше надпартиски државен приоритет, што резултираше со нивниот брз влез во ЕУ,“ истакнува таа.
Според неа, Македонија нема визија за образованието. „Некој што има визија ќе го дефинира образованието како приоритет. Кога тоа ќе се случи, сѐ друго ќе може полесно да се менува,“ вели Бојаџиевска.
Корупцијата и моралот во образованието
Говорејќи за корупцијата, професорката ја нагласува важноста на моралот во образованието. „Образованието без морал е невозможно. Тоа е поврзано со сет вредности, а масовната употреба на зборот ’експерт‘ ја деградира суштината на моралот,“ вели таа.
Проф. Бојаџиевска се осврнува и на почетоците на падот на македонското образование. „Во времето на министер Никола Тодоров и владата на Груевски, реформите беа лажни, а образованието стана жртва на клиентелизам и одмазда, особено УКИМ – најголемиот државен универзитет,“ додава таа.
Професорката завршува со силна критика за системот. „Живееме во време на измешани вредности, каде корупцијата и конфузијата ги заменуваат вистинските вредности,“ заклучува проф. Маја Бојаџиевска.
Целосното интервју со проф. Маја Бојаџиевска погледнете го во видеото: