34.8 C
Скопје
19 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Мерц го чекаат тешки преговори, па уште потешки проблеми

Математички, ЦДУ/ЦСУ како победници на изборите, имаат мнозинство со Социјалдемократите. Но, овие преговори нема да бидат лесни. А дури тогаш владата на следниот канцелар Фридрих Мерц ја чекаат наталожени предизвици.

Конзервативната партија ЦДУ/ЦСУ ја постигна својата главна цел – да стане најсилната политичка сила и да го обезбеди следниот канцелар. „Победивме на  овие избори  за Бундестагот“, изјави претседателот на ЦДУ и кандидат за канцелар на Унијата,  Фридрих Мерц,  за време на изборната ноќ во Берлин. Сепак, во  централата на ЦДУ  немаше големо славје, зашто очекувањата беа поголеми. Во текот на изборната кампања се зборуваше за „30 проценти плус х“, но резултатот остана под таа граница, околу 28 проценти.

Тоа не е доволно за самостојна влада, па ЦДУ/ЦСУ мора да бара коалициски партнери. Според распределбата на мандатите, како можен партнер се јавува АфД, која е на второ место.

Секој петти гласач во Германија гласал за оваа партија која во некои делови важи за екстремно десничарска. „Се удвоивме! Сакаа да нѐ преполоват, но се случи спротивното“, рече копретседателката на АфД,  Алис Вајдел.  Само со АфД, ЦДУ и ЦСУ можат да ги спроведат своите клучни ветувања, како што е ставање крај на нерегуларната миграција.  „Нашата рака за учество во владата секогаш ќе биде подадена, со цел да се спроведе волјата на народот, волјата на Германија“, рече Вајдел.

Меѓутоа, Унијата категорично ја отфрли можноста за сојуз со АфД уште за време на кампањата. „Имаме фундаментално различни позиции, на пример во надворешната и безбедносната политика, но и за прашањата на ЕУ, НАТО и еврото“, повтори Мерц во текот на изборната ноќ, а обраќајќи ѝ се на Вајдел, додаде: „Можете да ни подавате рака колку што сакате.”

Славје во АфД - копретседателите Тино Хрупала и Алис Вајдел
Славје во АфД – копретседателите Тино Хрупала и Алис Вајдел Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

АфД се закани дека, како најголема опозициска сила, ќе врши притисок врз владата. „Ќе ги гониме за да водат разумна политика за нашата земја“, порача Вајдел.

Унијата ветува пресврт

Покрај слабата економија, клучна тема на изборната кампања беше и политиката за азил. „Постои чувство на несигурност меѓу Германците“, оцени претседателот на ЦСУ, Маркус Зедер, коментирајќи го успехот  на АфД.  Според неговите зборови, гласачите не се сигурни дека Унијата навистина ќе ги спроведе своите ветувања, па многумина решија да гласаат за АфД. „Ќе ги вложиме сите напори да организираме политички пресврт во Германија“, порача Зедер.

Како потенцијални коалициски партнери доаѓаат предвид СПД и Зелените. Сепак, сегашните партии на власт мора прво да се соочат со големите загуби.

Најголемиот удар го претрпе СПД, која го постигна својот најлош резултат од 1890 година со освојување на само 16 проценти од гласовите „Ова е горчлив исход за Социјалдемократската партија“, призна канцеларот Олаф Шолц, оценувајќи го исходот од изборите како „поразувачки и катастрофален”.

Несреќниот канцелар Олаф Шолц

Олаф Шолц (СПД) стана првиот германски канцелар во последните пет децении кој не бил реизбран. Неговата коалиција со Зелените и ФДП траеше помалку од три години. На почетокот на ноември 2024 година пропадна поради конфликти околу државните финансии. Шолц веќе најави дека во иднина сака да биде само обичен пратеник во Бундестагот.

Олаф Шолц со сопругата Брита Ернст
Олаф Шолц веќе нема да биде во владатаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Казната на гласачите не ја погоди само СПД. ФДП претрпе тежок пораз, нема да ја има во следниот состав на Бундестагот. Лидерот на партијата  Кристијан Линднер најави дека се повлекува од политиката  по овој неуспех.

Загубите  на Зелените   се релативно ограничени. Нивниот кандидат  Роберт Хабек го оцени изборниот резултат како „пристоен“. „Не сме казнети толку остро, но сакавме повеќе и тоа не го остваривме“, призна тој. Ако на Унијата ѝ се потребни Зелените како коалициски партнер, Хабек порача дека неговата партија е подготвена за разговори.

Комотен влез на Левица во Бундестагот

Унијата уште пред изборите ја отфрли можноста за коалиција со Левица, како и со Сојузот Сара Вагенкнехт (ССВ), кој се одвои од Левица на почетокот на 2024 година. Сепак, на крајот од кампањата, Левица постигна изненадувачки скок во поддршката и со речиси 9 проценти од гласовите стана неочекуван победник меѓу помалите партии.

Левица Германија
Во партијата Левица го слават изборниот успехФотографија: Jens Schlueter/AFP/Getty Images

Без разлика колку сложени ќе бидат коалициските преговори, идната влада ја чекаат и огромни предизвици. Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, за време на изборната ноќ изјави дека  процесот на формирање влада мора да биде брз,  имајќи ги предвид итните задачи. „Светот надвор не нѐ чека, ниту се чекаат долгорочни коалициски разговори и преговори“, нагласи тој.

Според неговите зборови, Германија мора да стане способна да дејствува што е можно поскоро за да биде повторно присутна во Европа и за светот да сфати дека повторно со неа ќе се управува веродостојно. Во ЦДУ сметаат дека тоа би било полесно да се постигне доколку коалицискиот договор би бил обликуван како рамковен документ, наместо детално разработен владин план.

Огромна дупка во буџетот

Најголем предизвик на новата влада ќе биде финансирањето на идните буџети. Даночните приходи веќе не се доволни за покривање на сите државни обврски. Огромни средства за армијата, санација на пропаднатата инфраструктура и климатски одржлива трансформација на земјата – сето тоа бара милијарди евра. Покрај тоа, Германија е во најголемата економска криза од обединувањето.

Ова се први избори по рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година. Оттогаш, германската влада ѝ обезбеди на Украина воена помош во вредност од околу 28 милијарди евра, со што Германија, по САД, стана најголем поддржувач на владата во Киев.

Меѓутоа, со доаѓањето на власт на Доналд Трамп во САД, односите се сменија: новата американска администрација ѝ го врти грбот на Европа. Во Вашингтон сега велат дека натамошните издатоци за Украина се првенствено задача на европските земји. Исто така, се очекува Европа во иднина повеќе да се грижи за сопствената одбранбена способност.

Меѓународните очекувања од Германија

За новата германска влада тоа ќе значи дека треба брзо да ги постави приоритетите. Особено ако  Германија сака да си го врати политичкото значење  што ЦДУ го вети за време на изборната кампања. „Мораме повторно да преземеме водечка улога во Европа, не од висина, туку со Франција, со Полска, со силна ЕУ“, нагласи генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман непосредно пред изборите.

Фридрих Мерц
Фридрих Мерц очекува формирање влада до ВелигденФотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Покрај дипломатските иницијативи, за ова се потребни и големи финансиски инвестиции. Најголем спор во коалициските преговори веројатно ќе биде прашањето од каде ќе дојдат парите: од нови заеми или од прераспределба во сојузниот буџет? Посебно меѓу ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите има разлики по ова прашање.

Што ќе се случи со законот за ограничување на долгот?

Да не се трошат повеќе пари отколку што се заработуваат, тоа е запишано во германскиот устав. Исклучоци постојат само во итни ситуации, природни катастрофи и тешки економски кризи. СПД и Зелените сметаат дека задолжувањето е неизбежно. Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Фридрих Мерц, е со сосема спротивно мислење: тој се потпира на економскиот раст и бара намалување на социјалните бенефиции. Ова е неприфатливо за СПД, а за Зелените, намалувањето на инвестициите во заштитата на климата би било табу тема.

Новиот Бундестаг мора да се конституира најдоцна 30 дена по изборите, односно најдоцна до 25 март. Според германскиот устав, на конститутивната седница на Бундестагот завршува мандатот на канцеларот Олаф Шолц и неговата влада, која ја сочинуваат СПД и Зелените. Доколку дотогаш не се формира нова влада, сегашната влада ќе продолжи да ги извршува обврските. /DW

Related posts

Младо момче, спасител од пожарот во Кочани, доби признание и стипендија

admin

САД подготвува специјален суд за руските злосторства во Украина

admin

Јовески повикува на истрајност во борбата против криминалот

admin

Згреши ли Фрчкоски со воздржаниот глас во ОН?

admin

ПУТИН ЗАБРАНИ ИЗВОЗ НА РУСКА НАФТА ВО ЗЕМЈИТЕ КОИ ВОВЕДОА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ

ninja

Мехмети: Да не беа уставните измени, разликите меѓу Груевски и Мицкоски ќе останеа “под маса”

admin