Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, повика на разрешување на државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски, обвинувајќи го за потпишување на „скандалозна и компромитирачка спогодба“ со судијата Наќе Георгиев и поранешниот потпретседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети.
Според Милошоски, Георгиев и Мемети, кои биле дел од високи правосудни институции, незаконски договарале минимални затворски казни во замена за паричен надомест. Во случајот што го поттикна јавниот скандал, тие наводно примиле 35.000 евра во готово за да влијаат врз одлуката во предмет поврзан со недозволено производство и трговија на дрога.
„Наместо да делат правда, тие ја продавале за пари. Спогодбата што ја одобри Коцевски не само што е блага, туку испраќа и опасна порака дека корупцијата во правосудството може да остане неказнета,“ напиша Милошоски на Фејсбук.
Олеснување на казните
Според постигнатата спогодба, Георгиев добил тригодишна затворска казна, иако Кривичниот законик предвидува казна од 1 до 10 години за примање награда за противзаконито влијание. Мемети, пак, добил само условна казна, иако законот за вакви случаи предвидува од 1 до 5 години затвор.
Милошоски нагласи дека ваквиот исход на случајот е резултат на „личните релации“ помеѓу Коцевски и Мемети, кои подолг период биле колеги во Советот на јавни обвинители. Тој смета дека Коцевски требало да се изземе од случајот поради судир на интереси.
„Коцевски и Мемети со години се познаваат, работеа заедно во Советот на јавни обвинители, а сега гледаме дека токму обвинителството на Коцевски му доделува привилегирана правна положба на Мемети,“ вели Милошоски, додавајќи дека постојат индиции дека обвинетиот добил навремено предупредување да го смени мобилниот телефон пред да му биде извршен претрес.
Барање за оставка или разрешување
Милошоски го обвини Коцевски за „рушење на репутацијата на Јавното обвинителство“ и оцени дека ваквата „блага“ спогодба го компромитира целиот правосуден систем.
„По сè изгледа, најголемите рушители на угледот на Јавното обвинителство не се надворешни фактори, туку самите негови функционери. Коцевски треба да си поднесе оставка или да биде разрешен од Собранието,“ порача Милошоски.
Државното јавно обвинителство сè уште нема дадено официјален одговор на барањето за разрешување на Коцевски.