Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави од Вашингтон дека неговата земја не сака преговорите за членство во Европската унија да станат „бескрајна приказна“ и дека уставните измени треба да следат откако ќе бидат завршени преговорите.
„Прво затворени поглавја, потоа уставни измени“, изјави Мицкоски во четвртокот на настан организиран од Атлантскиот совет.
Тој нагласи дека, и покрај значајните отстапки за евроатлантска интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на националните интереси и идентитет. Посебно ја истакна улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, додавајќи дека земјата ги почитува неговите одлуки.
„Како нација, направивме сé што можевме, прифативме понижувања и неповолни договори во име на европската перспектива и членството во НАТО, но Македонија сé уште не е ниту на почетокот на процесот за влез во ЕУ“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека новите барања за уставни измени не нудат гаранции за напредок во евроинтеграциите, што дополнително ја зголемува фрустрацијата меѓу граѓаните.
„Овој пат рековме, ако принципот ’pacta sunt servanda’ важи за нас, тогаш нека важи за сите. Ако ние ги исполнуваме обврските, очекуваме и другите да го сторат истото“, рече македонскиот премиер.
Мицкоски го коментираше и прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав заедно со другите заедници, прашувајќи дали постои вистинска основа за таков чекор.
„Зошто да ги додадеме во преамбулата? Дали зборуваме за прекршување на човекови права? Постојат институции, како Европскиот суд за човекови права, кои одлучуваат за тоа“, изјави тој.
Тој нагласи дека судот во Стразбур донел 14 пресуди во корист на македонската заедница во Бугарија, но ниту една во корист на бугарската заедница во Македонија.
„Како да го објасниме ова на граѓаните? Зошто правиме отстапки без да добиеме ништо за возврат?“, праша Мицкоски.
Премиерот ја критикуваше и состојбата во судството, оценувајќи дека земјата има добри закони на хартија, но проблемот е во нивната примена.
„Кој е одговорен за спроведувањето? Обвинителите и судиите. А кој ги назначува? За жал, оние кои самите станале дел од политичкиот криминал“, рече тој.
Како приоритет на владата, Мицкоски ја наведе реформата на правосудниот систем, за да обезбеди носење на одлуки според законите и Уставот, а не според политичките влијанија.
Ова е трета посета на македонскиот премиер на САД во краток период. Минатото лето тој присуствуваше на самитот на НАТО, а во јануари беше во Вашингтон на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
За време на актуелната посета, Мицкоски се сретна со претседателот на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе, со кого разговарал за геополитичките предизвици, интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури и идните можности за соработка.
Претходно, тој одржа средба со Александар Касаноф, заменик-помошник секретар за Западен Балкан во Стејт департментот.
Мицкоски потврди дека ќе зборува на Конференцијата за конзервативна политичка акција во САД.