Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска му предаде документи на премиерот Христијан Мицкоски, кои, според нив, укажуваат на незаконски постапки на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити. СДСМ го нарече премиерот „самопрогласен главен државен обвинител, кадија и врховен судија“, повикувајќи го да реагира на наводите.
Мицкоски вчера ги повика сите што имаат информации и документи за можно коруптивно однесување да му ги достават лично, додавајќи дека ќе ги прекине и работните состаноци доколку е потребно. „Можат да ме побараат и на телефон, бројот сите го знаат“, изјави тој.
„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази. Еве ги тие документи, доставени од свиркачи, кои доаѓаат од државни институции и се заверени со архивски броеви, печати и потписи“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, пред Владата.
Според неа, во документите јасно се наведува дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето на Меџити, при што тој ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи административни предмети. „Прашањето е дали со оваа пракса сакал да воспостави контрола и да отвори можности за уцени кон компании и граѓани“, додаде Кузеска.
„Очекуваме Мицкоски внимателно да ги разгледа документите и да одговори на сомнежите за злоупотреби и корупција. Ќе ги повика ли надлежните институции да реагираат или ќе продолжи да го штити Изет Меџити?“, запраша таа.
Во дополнителна изјава, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, презентираше документ од Државниот управен инспекторат – Решение Бр. 11-1653/2024 од 17 јануари 2025 година – со кое официјално му се одземаат на Меџити ингеренциите во делот на потпишување административни документи.
„Овие докази потврдуваат дека Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани“, нагласи Костовски.