12.8 C
Скопје
19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Балканскиот тим на американскиот претседател Доналд Трамп

Ричард Гренел веќе беше претставник на Доналд Трамп за Балканот, зетот Џаред Кушнер веќе поодамна се занимава со бизнисот на Трамп во регионот, а поранешниот гувернер Род Благојевиќ беше во игра за американски амбасадор.

Пишува: Александар Ротерд

Првите недели од второто претседателствување на Доналд Трамп веќе го потврдија насловот на „Њујорк тајмс” од денот на неговото преземање на функцијата дека „главниот за зделки се врати“. И во надворешната политика како да се кристализира дека „саканите зделки“ ќе останат лајтмотивот на Трамп.

 

Тоа на пример значи дека Украина треба да продолжи да добива американска воена помош, доколку за возврат им овозможат на САД пристап до своите суровини како што се ретки руди и литиум. Или „преземањето“ на појасот Газа за создавање на „блискоисточна ривиера“. Или заштитниот знак на Трамп, облакодер, но овој пат во главниот град на Србија, Белград.

 

Проектот, кој пропадна во 2012 година, сега е пред почетокот на изградба. Фактот дека по речиси 13 години потфатот сепак успеа, најмногу се должи на најблискиот советник на Трамп, Ричард „Рик“ Гренел, кој веќе еднаш беше специјален пратеник на претседателот за Балканот за време на неговиот прв мандат и кого претседателот сега го назначи „за пратеник за специјални мисии“.

 

Гренел негува блиски, па дури и пријателски односи со српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, кој претходно беше амбасадор на Србија во Вашингтон. Гренел од Вучиќ во 2023 година доби орден за неговиот „урамнотежен пристап“ спрема најмладата држава во Европа, Република Косово – која Србија и 26 години по завршувањето на војната во Косово ја смета за своја.

 

Во март 2024 година беше склучен договорот меѓу српската влада, зетот на Трамп, Кушнер, и арапски инвеститори за изградба на кулата Трамп во Белград – која според „Њујорк тајмс” ќе чини половина милијарда долари. Планот е поранешната зграда на Генералштабот на вооружените сили на Србија, односно на поранешна Југославија, да се пренамени во хотелски комплекс со луксузни апартмани, плус споменик за жртвите од воздушниот напад на НАТО во 1999 година, во кој беше погодена зградата. По Њујорк, Чикаго, Манила и Истанбул, ова би била петта „Трамп кула“ во светот.

 

Род „Благо“ Благојевиќ е дури и според стандардите на Трамп шарена политичка фигура. Магазинот „Политико” минатата недела објави дека Трамп размислува да го назначи поранешниот демократски гувернер на сојузната држава Илиноис за амбасадор на САД во Белград. Благојевиќ, кој е син на српски имигранти, беше симнат од функцијата во 2009 година и три години подоцна беше осуден на 14 години затвор за корупција.

 

Трамп ја намали казната на Благојевиќ за време на неговиот прв мандат, а тој беше предвремено ослободен на почетокот на 2020 година. Тоа го прави идеален сојузник за Трамп, вели за ДВ професорот Даниел Сервер, балкански експерт на реномираниот универзитет Џон Хопкинс и американски преговарач за Балканот во времето на претседателот Бил Клинтон. „Благо е совршен човек за Белград: длабоко корумпиран политичар кој е подготвен да направи сѐ што ќе посака Трамп само за да биде рехабилитиран“, вели Сервер.

 

Благојевиќ, по неговото отповикување во 2010 година, учествуваше во тогашната славна ТВ емисија на- Доналд Трамп. По републиканската национална конвенција која го избра Трамп за претседателски кандидат во мај 2024 година, тој и Гренел се појавија во кампањата, особено во силните заедници во САД со жители со српско потекло, каде што Трамп ужива висок рејтинг – како и меѓу националистичките српски политичари во Србија и соседните држави од Западен Балкан, Босна и Херцеговина и Косово каде што исто така живеат Срби.

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ Ричард ГренелСрпскиот претседател Александар Вучиќ Ричард Гренел

Српскиот претседател Александар Вучиќ му подарува на Ричард Гренел „Орден на српското знаме“, Белград, 25 октомври 2023 годинаФотографија: Darko Vojinovic/dpa/picture alliance

Во пролетта 2024 година, пет американски бизнисмени со српско потекло присуствуваа на прием во резиденцијата на Трамп Мар-а-Лаго во Флорида, меѓу кои и Ранко Ристиќ, основачот на Застава оружје САД, која ексклузивно увезува огнено оружје од српската компанија Застава оружје во САД. За време на настанот, според Ристиќ, Трамп го претставил Благојевиќ како „голем пријател“ и „близок соработник“. Тој самиот му раскажувал на Трамп како Србите во Босна морале да се бранат од 3 илјади муџахедини во војната 1991-1995 година.

 

Благојевиќ , пак, во февруари се сретна со Александар Вучиќ во Белград. Таму остро го критикуваше косовскиот премиер Албин Курти во медиумите – и го обвини за „етничко чистење“ на Србите во Косово. Во 1999 година САД заедно со сојузниците во НАТО, ја принудија Србија да ги повлече своите безбедносни сили од тогашната јужна покраина преку воздушни напади, со цел да се спречи протерувањето на мнозинското албанско население од Косово. Сега Благојевиќ експлицитно му се извини на Вучиќ за вмешаноста на САД во војната во Косово. „Мојата земја на вашата земја во 1990-тите ѝ стори нешто ужасно“, рече потенцијалниот амбасадор на Трамп во Белград обраќајќи му се на Вучиќ. „Не е ништо поразлично од тоа што го прави Русија во Украина. Претседателот Трамп ќе работи на подобрување на односите меѓу нашите земји“, рече Благојевиќ.

 

Род „Благо“ БлагојевиќРод „Благо“ Благојевиќ

Род „Благо“ Благојевиќ во февруари 2025 годинаФотографија: Vincent Alban/REUTERS

И човекот од доверба на Трамп, Гренел, неколку пати го критикуваше актуелниот косовски премиер Курти. Покрај тоа, на ден пред инаугурацијата на Трамп, тој во Вашингтон го прими главниот непријател на Курти, поранешниот премиер Рамуш Харадинај. Тој подоцна на каналот Х на KосовоОнлајн порача дека „не би било добро за Косово ако Курти остане на власт“. Курти го навлече на себе гневот на Гренел во 2020 година, отфрлајќи ја етнички мотивираната размена на територии меѓу Косово и Србија, што ја предложи американскиот преговарач.

 

Говор на омраза против Косово

Овој исклучително позитивен развој за Вучиќ е спротивен на масовните протести кои ја потресуваат Србија од почетокот на ноември. Во изминатите недели и реториката на српскиот претседател во однос на Косово стана порадикална – веројатно за да се одвлече вниманието од очигледните внатрешнополитички проблеми.

 

Министерот за надворешни работи на Вучиќ, Ѓуриќ, го опиша Косово за „Берлинер цајтунг“ како „нашата јужна провинција“ во која Србите се изложени на „постојана дискриминација и шиканирање“. Началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ за дневниот весник „Вечерње новости“ изјави дека српските вооружени сили се подготвени „да ги заштитат Србите и другите неалбански жители на територијата на нашата јужна покраина“. Во Косово според него има „показатели за потенцијална дестабилизација“. Вучиќ, кој веќе еднаш го нарече Курти „терористичко ѓубре“, сега на српскиот телевизиски канал „Хепи ТВ“ го нарече „неранимајко“ кој „мрази Срби“.

 

Станува збор и за Босна

Доктор Курт Басуенер, директор на берлинскиот тинк-тенк Совет за политики за демократизација, во разговор со ДВ предупредува дека не само територијалниот интегритет на Косово е загрозен од големосрпските аспирации, туку исто така и на Босна. ЕУ може да одговори на агресијата на Белград во однос на нејзините соседни земји со значително зголемување на бројот на борбени единици во мисијата ЕУФОР/Алтеа.

 

Во ваква ситуација, американски тим за Балканот составен од Гренел-Кушнер-Благојевиќ би бил подарок за Белград – вклучително и директната линија до Белата куќа. Подобрувањето на односите на Србија со Косово – што е и онака малку веројатно – би станало уште подалечна опција. Бројните контакти меѓу триото на Трамп и претставниците на српската влада, како и изјавите и објавите на Гренел и Благојевиќ за Вучиќ и против Курти, се знаци за подготовки во САД.

 

Во 2023 година ЕУ одговори со санкции – парадоксално, против Косово – на најновите српски напади против НАТО и косовските безбедносни сили, како и на зголемувањето на присуството на српски војници на границата кон Косово.

 

Албин Курти, премиер на КосовоАлбин Курти, премиер на Косово

Албин Курти, премиер на Косово, им се обрати на поддржувачите по неговата изборна победа на 10 февруари 2025 годинаФотографија: Florion Goga/REUTERS

Само личната интервенција на американскиот државен секретар Ентони Блинкен кај Вучиќ и огромниот притисок од НАТО можеа да ги натераат тенковите на Србија да се вратат назад. Денес, експертите за Западен Балкан Сервер и Басуенер се сомневаат дека САД воено би ја сопреле армијата на Вучиќ во таков случај. Сервер, исто така, предупредува дека доволна е и само дебата за поделба на Косово или на Украина за да ги охрабри српските сецесионисти во Босна да преземат соодветни активности.

„Тогаш Босанците би биле повикани да реагираат. А Јавелин во Косово тогаш би биле најдобрата одбрана“, вели Сервер за ДВ алудирајќи на високоефикасните американски противтенковски ракети, без кои успешна одбрана од целосна руска инвазија во Украина во 2022 година ќе беше незамислива. Ескалација на потенцијалните жаришта за конфликт во Западен Балкан, „внатрешниот двор“ на ЕУ од сите страни опкружен со членки на ЕУ, станува поверојатна со оглед на актуелната безбедносно-политичка ситуација.

Извор: Дојче Веле

Related posts

Груевски: Очигледно Мицковски би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта

admin

Градоначалниците забораваат на ветените „брда и долини“ за заштита на Охридскиот регион

admin

ЕУ ПОВИКУВА НА СМИРУВАЊЕ НА ТЕНЗИИТЕ МЕЃУ СОФИЈА И СКОПЈЕ

ninja

Рама предложи план за формирање на Асоцијација, Курти нервозен

admin

ВМРО-ДПМНЕ: Власта на ДУИ и СДС веќе не е само закана за народните пари

admin

МЕДВЕДЕВ: РУСИЈА ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ДОКОЛКУ ЗАГУБИ ВО УКРАИНА

ninja