Руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати под псевдонимите Вован и Лексус, тврдат дека го измамиле косовскиот премиер Албин Курти, претставувајќи се како претседателот на Летонија, Едгарс Ринкевичс, објави „Газета експрес“.
Во видеото, објавено на нивниот профил на платформата „X“, разговорот започнува со честитки за изборната победа на Курти. Премиерот, како што се слуша, зборува за „хибридна војна“ против неговата влада, споменувајќи ја опозицијата и одредени олигарси, издвојувајќи еден што е сопственик на телевизија.
Според видеото, чија автентичност не е потврдена, Курти зборува и за американскиот претставник Ричард Гренел, обвинувајќи го дека ја урнал неговата прва влада и дека сега соработува со опозицијата. Тој наведува дека Гренел добил почесна награда од Србија и оценува дека не е соодветно некој да прифати такво признание од, како што вели, „авторитарна држава“, а истовремено да тврди дека е неутрален.
Во разговорот, Курти го споменува и неодамнешното назначување на Гренел за директор во „Кенеди центарот“, како и фактот дека тој е отворено геј.
Премиерот, наводно, открива и информации за набавката на вооружување од странство и за плановите на Косово да изгради фабрика за производство на оружје.
„Се подготвуваме за НАТО и сакаме Србија да размисли двапати пред да нѐ нападне повторно. Тие веќе неколкупати не нападнаа. Треба да се зајакнеме“, се слуша како вели Курти.
За нападот во Ибар-Лепенец, тој ја обвинува Србија, но и Русија.
Премиерот, исто така, зборува за протестите во Србија против претседателот Александар Вучиќ и ги критикува Западот, САД и ЕУ, тврдејќи дека не ги поддржуваат доволно.
Според Курти, решението за проблемот со Србија е Белград да ја признае независноста на Косово, но оценува дека Западот не врши доволен притисок во таа насока.
„Газета експрес“ контактирала со портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу, за да потврди дали разговорот е автентичен, но до објавувањето на видеото не добила одговор.
Кузнецов и Столјаров претходно на сличен начин измамиле повеќе политички лидери, вклучувајќи ги поранешниот македонски премиер Зоран Заев, ирскиот премиер Лео Варадкар, британскиот политичар Борис Џонсон, американскиот сенатор Берни Сандерс и поранешниот канадски премиер Џастин Трудо, објави „Индепендент“.