12.8 C
Скопје
19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пендаровски со жестоки критики кон Мицкоски – Николовски и Милошоски со остри реакции

Поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изрази загриженост во врска со надворешнополитичкото позиционирање на Владата во однос на новата американска администрација, нагласувајќи дека земјата треба внимателно да балансира меѓу геополитичките сили.

„Многу е важно како ние како мала држава се поставуваме наспроти глобалните промени,“ изјави Пендаровски во интервју за ТВ Сител.

Според него, политиките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја нарушиле трансатлантската рамнотежа, а Владата на премиерот Христијан Мицкоски не води доволно внимателна дипломатија во однос на Вашингтон.

Пендаровски ја оцени како „опасна теза“ изјавата на премиерот Мицкоски дека „новото нормално“ ќе го преплави светот. „Ниту Америка, ниту Канада, ниту Велика Британија се преплавени од тоа ново нормално“, рече тој.

Според поранешниот претседател, Северна Македонија не треба да биде „на првата линија“ на американската политика без јасна стратешка цел. „Не можам да видам зошто е ова истрчување. Ако ниту Јапонија, како дел од Г7, не зазема таква позиција, зошто ние?“

Тој нагласи дека поддржува соработка со САД, но предупреди на потребата од избалансиран пристап, особено во контекст на членството на Северна Македонија во НАТО и нејзините аспирации за ЕУ.

Во однос на билатералните односи со Бугарија, Пендаровски оцени дека Владата погрешно верува оти може да ги реши разликите со Софија за неколку месеци, нарекувајќи го тој став „тежок политички аматеризам“.

Од друга страна, Министерот за транспорт, Александар Николовски, го обвини Пендаровски за дволичност во неговите ставови и го критикуваше за нападите врз премиерот и поддршката на Владата кон САД.

„Човекот кој двапати изгуби на претседателските избори сега излегува во јавност за да го напаѓа Мицкоски. Пендаровски кој не се откажа од доживотна пензија, сега држи лекции за светската политика“, изјави Николовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски истакна дека Пендаровски во 2020 година се противел на промена на Уставот, но подоцна ја поддржал, што според него ја доведува во прашање неговата доследност.

„Пендаровски, ако не може или не сака да помогне на Македонија на меѓународен план, тогаш барем нека не ѝ одмага“, додаде Милошоски, нагласувајќи дека стратешкото партнерство со САД треба да биде над партиските разлики.

 

Related posts

Спасовски за АЛСАТ: Околу 180.000 парчиња регистрирано оружје во државава

admin

Ја нарече ДУИ “канцер”, Таравари доби понуда од Меџити

admin

Германија: Стотици милијарди за армијата и инфраструктурата

admin

Паѓа довербата во Собранието, граѓаните не гледат дека се претставени од пратениците

admin

СО ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ ЗАШТЕДА ОД 200 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО

ninja

Ќе прифати ли Берлин „промена на парадигмата“ на Балканот?

admin