15.8 C
Скопје
12 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНА

Рокас: Ќе има дипломатска офанзива во наредните месеци

Евроамбасадорот Михалис Рокас најави засилена дипломатска активност во наредниот период со цел деблокирање на пристапниот процес на Северна Македонија кон Европската унија. Европски лидери ќе ја посетат земјата во наредните два до три месеци, во обид да се најде решение за сегашната ситуација.

„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија за надминување на сите преостанати прашања пред почетокот на преговорите. Очекуваме интензивна дипломатска активност во следните месеци, со посети на високи претставници на ЕУ во Скопје, со надеж дека ќе можеме да продолжиме напред,“ изјави Рокас по церемонијата на почетокот на изградбата на граничниот премин “Маркова Нога”.

Овие изјави доаѓаат откако Северна Македонија побара гаранции од ЕУ дека вметнувањето на бугарската заедница во Уставот ќе остане единствено билатерално прашање на патот кон Унијата. Рокас истакна дека, покрај решавањето на ова прашање, земјата треба да продолжи со имплементација на реформите предвидени во Реформската агенда, усвоена според Планот за раст на Западен Балкан.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во февруари изјави дека постои напредок и можност за деблокирање на евроинтегративниот процес, додавајќи дека тоа не зависи само од Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, нагласи дека досега слушнал многу изјави, но повика на конкретни чекори.

„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ велеа дека промена на името е последната пречка за влез во Унијата. И тогаш не им верував. Сега, повторно слушаме изјави, но ќе веруваме кога ќе видиме дела,“ рече Мицкоски.

Тој истакна дека за напредок во процесот, неопходно е Бугарија да ги признае пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на македонската заедница во Бугарија и да се потврди македонскиот идентитет, култура, традиции и јазик.

„Македонија нема проблем со другите народи, напротив, ги почитува сите соседи — Албанците, Србите, Грците, Бугарите. Но, бараме еднакво почитување и за нас Македонците,“ додаде тој.

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, при посетата на Скопје во февруари, изјави дека се потребни јасни гаранции од Европската комисија, Советот на ЕУ и Владата во Софија, дека по усвојувањето на уставните амандмани нема да има нови вета од Бугарија.

 

Related posts

Пендаровски ја доби поддршката на СДСМ за втор мандат

admin

МИСЛЕВМЕ ДЕКА НАПАД НА СУВЕРЕНА ДРЖАВА ЌЕ ГЛЕДАМЕ САМО НА НЕТФЛИКС, РЕЧЕ ОСМАНИ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

ninja

РУСИЈА НЕ Е ЦЕЛОСНО ИЗОЛИРАНА НА САМИТОТ НА Г20

ninja

СРС го прогласува шампионот за регионална соработка за 2023

admin

Меџити: Или ја продолжуваме битката, или одиме дома и се предаваме

admin

Османи се стретна со Кралот Чарлс Трети

admin