„Европската унија се наоѓа во клучен момент за проширување, а Албанија и Црна Гора се поблиску од кога било до остварување на својата цел да стане дел од европското семејство.“
Во ексклузивно интервју за албанскиот новинар Лутфи Дервиши, објавено во неколку медиуми на албански јазик, шведската министерка за европски прашања, Џесика Розенкранц, ги споделува своите гледишта за можностите и предизвиците на овој процес, улогата на Шведска како поддржувач и адвокат на Албанија во ЕУ, како и лекциите што малите држави можат да ги извлечат од шведското искуство.
„Со се’ што се случува во светот, особено со војната на нашиот континент, мислам дека денес е поважно од кога било Европа да биде обединета, а проширувањето е клучен дел од тоа“, изјави Розенкранц. „По руската инвазија на Украина, постои нов моментум за проширување и силна поддршка меѓу земјите-членки на ЕУ. Шведска активно се залага за забрзување на процесот, но, се разбира, тоа мора да се базира на заслуги, што значи дека земјите-кандидати мора да ги исполнат своите обврски.“
Албанија, според неа, направила значителен напредок, особено во реформата на правосудниот систем. „Формирањето на Специјалната антикорупциска структура (СПАК) е јасен пример за тоа. Сега е важно да се задржи овој ритам и да се продолжи со реформите“, додаде таа.
Розенкранц истакна дека по неколку години стагнација, процесот на проширување треба да се забрза. „Ова важи за сите земји. Албанија и Црна Гора се гледаат како лидери во процесот со јасна цел да станат членки на Унијата во блиска иднина.“
Таа посочи дека Шведска значително профитирала од членството во ЕУ, како економски така и политички. „Денес имаме посилен глас на меѓународната сцена благодарение на ЕУ, нашите компании имаат пристап до заедничкиот пазар со 450 милиони потрошувачи, а граѓаните уживаат во придобивки како што се студиски можности преку Еразмус програмата и укинување на роаминг тарифите.“
Министерката одби да ги прифати наводите дека постои „замор од проширувањето“ во ЕУ. „Напротив, државите се пообединети од кога било во потребата за проширување, а тоа е нешто што навистина ме радува. Шведска се залага за континуирање на овој процес и обезбедување напредок кога една земја ќе ги исполни потребните реформи“, изјави таа.
Розенкранц нагласи дека Албанија станува се’ попривлечна туристичка дестинација, вклучително и за шведските туристи. „Го гледам тоа и кај шведските граѓани, а многу албански пријатели ми велат: ‘Мора да дојдеш во Албанија на одмор!’. Ова е одлично бидејќи ги зајакнува културните врски меѓу нашите народи.“
Освен тоа, Шведска тесно соработува со Албанија во областа на животната средина и климатските политики. „Ова е една од најпредизвикувачките области во процесот на проширување и понекогаш не добива доволно внимание во јавните дебати, но е исклучително важна. Албанија треба да започне со овие реформи што е можно порано, бидејќи нивната имплементација трае долго“, истакна таа.
Шведската министерка посочи дека приоритет за Албанија треба да биде усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. „Албанија веќе е целосно усогласена во оваа област, што е многу важно, особено во денешните геополитички околности.“
Таа ја подвлече важноста на продолжување на судските реформи. „Не постои ништо поважно за земја што сака да стане членка на ЕУ од спроведувањето на темелни реформи, особено во судството. Албанија треба да продолжи на овој пат, а СПАК е добар пример за тоа.
“Розенкранц ја истакна важноста на социјалната подготвеност пред пристапувањето. „Треба да се води поширока дискусија во општеството за тоа што значи членството во ЕУ, какви обврски носи за бизнисите и кои се импликациите на новото законодавство.“
Таа смета дека постепената интеграција е клучна. „Не мора да биде или внатре или надвор – може да има постепена интеграција во одредени структури на Унијата пред целосното членство. Ова може да вклучува учество во политички совети или делумен пристап до заедничкиот пазар, што ќе помогне во подготвување на економијата, бизнисите и општеството за полноправно членство.
Розенкранц нагласи дека Шведска останува посветен партнер на Албанија во нејзиниот пат кон членство во ЕУ. „Ќе продолжиме да ги поддржуваме реформите и да се залагаме за отворање на нови поглавја во преговарачкиот процес оваа пролет.“