Во денешната седница на Собранието на Северна Македонија, повторно се отвори дебатата за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски по трагедијата во Кочани, каде што загинаа 59 лица. Мицкоски претходно изјави дека ќе ги „повлече за уши“ одговорните за настанот, што предизвика силни реакции во јавноста и опозицијата.
Пратеникот Блерим Беџети жестоко го предизвика премиерот од собраниската говорница, барајќи појаснување дали тој се смета себеси за обвинител и на каква правна основа најавува вакви мерки.
„Некој друг би рекол дека ќе ги повлече за уши… За уши? Тогаш, вие сте обвинителот. А, според кои овластувања ќе ги повлекувате за уши? Кои? Законот ви ги дава тие овластувања или… Кој закон? Вашиот закон? Тогаш, во оваа држава важи вашиот закон, а не законите и Уставот“, изјави Беџети.
Острата вербална пресметка меѓу двајцата политичари ја засили тензијата во Собранието, додека опозициските пратеници ја обвинија владата за ароганција и мешање во правосудниот систем.