ДУИ ги направи најголемите грешки кон сопствениот народ, а Али Ахмети и Бујар Османи директно работат против интересите на Албанците во Северна Македонија, соопшти денеска коалицијата ВЛЕН.
„Само политички аматери не можат да предвидат дека на локалните избори заедно со евентуални предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ, со ваква кондиција и слаба опозиција, ќе биде апсолутен победник со повеќе од 60 пратеници“, велат од ВЛЕН.
Од коалицијата обвинија дека сè додека не постои можност за двотретинско мнозинство без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ немаат право „лажно да плачат“ за европската перспектива на државата.
„ДУИ со криминалното однесување во владата на СДСМ придонесе ВМРО-ДПМНЕ да освои 58 пратеници на минатите избори. Сега, преку лажни и манипулативни наративи за наводна ‘деалбанизација’, дополнително ја зајакнуваат нивната позиција“, наведуваат од ВЛЕН.
Тие додадоа дека Албанците не се наивни и не им веруваат повеќе на, како што велат, лагите на ДУИ.
Според ВЛЕН, барањето за предвремени парламентарни избори од страна на ДУИ има цел да се формира преодна „Пржинска Влада“, каде што министерот за внатрешни работи би бил под контрола на СДСМ. Ахмети, според нив, сака да го искористи периодот од 100 дена за уништување на докази за корупција поврзани со поранешни функционери на ДУИ.
„ДУИ не сака да оди самостојно на локални избори затоа што 22 години победуваа преку злоупотреба на државни ресурси, притисоци врз администрацијата и фалсификување на изборната волја“, велат од ВЛЕН.
Коалицијата ВРЕДИ, дел од која е и ВЛЕН, верува дека на слободни, фер и демократски избори ќе ја порази ДУИ.
„Граѓаните ќе ги вратат во реалноста. Без сериозна програмска и кадровска реформа, ДУИ нема што да бара кај гласачите“, додаваат од ВЛЕН.