Над 60% од граѓаните сметаат дека борбата на Владата против криминалот и корупцијата е интензивна и континуирана, но истовремено бараат реформи во правосудниот систем, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата Маркет Вижн.
Истражувањето, спроведено телефонски меѓу 20 март и 17 април врз примерок од 1.200 испитаници, покажува дека повеќе од 60% од граѓаните ја препознаваат активноста на Владата во борбата со организираниот криминал.
„Владата посветено работи во интерес на граѓаните, исполнувајќи го ветувањето за одлучна борба против корупцијата, што беше едно од носечките ветувања во изборната кампања“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека бројните полициски акции и апсења на осомничени за кривични и коруптивни дела се доказ за континуитетот на борбата против криминалот.
Анкетата покажала и дека за првпат по подолг период, економските прашања се перципираат како најважен предизвик за државата. Според ВМРО-ДПМНЕ, економската стабилност и просперитет остануваат главни приоритети на Владата, и покрај, како што наведуваат, „општата економска катастрофа што била наследена“.
Партијата посочува дека економските мерки, како замрзнување на маржите за дел од производите, уживаат широка поддршка меѓу граѓаните: две третини од испитаниците ја поддржуваат мерката, додека над 40% сметаат дека производите биле правилно избрани.
Истовремено, истражувањето покажало дека над 50% од граѓаните поддржуваат смена на Судскиот совет, а околу 46% сметаат дека треба да се смени и јавниот обвинител.
„Овие резултати се поттик и обврска за уште поодлучна реализација на ветувањата за борба против криминалот и корупцијата, реформи во правосудството и обезбедување економска стабилност и подобар животен стандард за сите“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо водство на политичката сцена во земјата.