28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Европскиот парламент го усвои извештајот за Северна Македонија без формулација за „македонски јазик и идентитет“

Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година, прв документ од овој тип по двегодишна пауза. Контроверзата ја предизвика одлуката со која од конечната верзија беше избришана формулацијата „македонски јазик и идентитет“, по изгласување на спорните амандмани поднесени од европратеници од ЕПП, социјалистите и либералите.

Извештајот, кој го подготви известувачот Томас Вајц (Зелени/ЕФА), беше одобрен во пленарната сала по жестока дебата, во која дел од бугарските и грчките европратеници повторија ставови за историски и јазични прашања што традиционално го оптоваруваат пристапниот процес на земјата кон Европската унија.

Спорни амандмани и отфрлени предлози

Од вкупно 28 дополнителни амандмани, 6 добија поддршка. Амандманите 20, 21 и 22 предвидуваа да се избрише терминологијата „македонски јазик и идентитет“ од текстот, што и беше направено. Други усвоени точки ги потврдија европските приоритети за инфраструктурни проекти како Коридорите 8 и 10, но и загриженост за финансиската зависност од странски извори, особено преку унгарската Ексим банка, за која европратеници наведуваат дека има индиректна врска со кинески капитал.

Амандманите со кои бугарските европратеници бараа во извештајот да се внесе Протоколот со Бугарија, терминот „современ македонски јазик“ и формулацијата „Влада на Република Северна Македонија“ беа отфрлени.

Вајц: „Блокадите се неправедни“

Во својата реакција, Томас Вајц оцени дека Северна Македонија е „предводник во регионот, но неправедно блокирана предолго поради билатерални спорови“. Тој ја повика политичката сцена во земјата да постигне консензус за уставните измени со кои треба да се гарантираат правата на бугарското малцинство, услов за напредок во пристапните преговори.

„Како известувач, неуморно работев на избалансиран извештај. За жал, некои бугарски европратеници го искористија процесот за домашни политички цели,“ изјави Вајц.

Интензивна дебата и говор на омраза

Гласањето беше претходено со остра дебата во која дел од бугарските европратеници повторија дека Македонија и Бугарија се „две држави, еден народ и еден јазик“. Грчката европратеничка Афродити Латинопулу во обраќањето изјави дека таа е „вистинска Македонка, а не како жителите на Скопје“. Словенечката европратеничка Ирена Јовева, со македонско потекло, им реплицираше на македонски јазик: „На македонскиот народ не му е потребна ваша дозвола за да постои. На вас ви треба чесност и храброст да го признаете тоа.“

Кина и Русија во фокусот

Во текстот беа вклучени и критики за растечкото руско и кинеско влијание на Западен Балкан. Европскиот парламент ја повика Комисијата внимателно да ги следи хибридните закани, дезинформациските кампањи и финансиските канали поврзани со Пекинг и Москва, вклучувајќи го и неодамнешниот унгарски заем за Скопје кој, според европратениците, има кинеска позадина.

Македонските реакции

Премиерот Христијан Мицкоски го оцени изгласаниот амандман како „срамен“ и порача дека Македонија ќе продолжи по европскиот пат со поддршка од пријателите во Унијата, МАНУ и партиите на заедниците. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова изјави дека Преговарачката рамка и извештајот се доказ за „дефицит на демократија“ во европските институции.

Проширувањето условено со реформи

Во заклучоците на извештајот се повторува дека проширувањето на ЕУ останува процес базиран на заслуги, со акцент на Копенхашките критериуми. Европратениците ја повикаа Северна Македонија да го забрза спроведувањето на реформите, особено во борбата против корупцијата, зајакнувањето на владеењето на правото и подобрувањето на ефикасноста на јавната администрација.

 

 

 

Related posts

Полскиот амбасадор во Скопје: Вратите за ЕУ се отворени, но реформите и уставните измени се клучни

admin

Две третини од државниот врв во посета на САД

admin

Левица поднесе интерпелација против Тошковски поради трагедијата во Кочани

admin

Трка за имотот на Лукоил: САД го продолжија рокот, големите играчи влегуваат во битка

admin

Нафтата нагло падна по најавите за договор меѓу САД и Иран, берзите во силен раст

admin

Бугарски медиуми: Скопје бара признавање на македонскиот јазик од Бугарија

admin