20.9 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Во чија корист е политиката „раздели па владеј“?

Жестока дебата се води меѓу субјектите во албанскиот блок на партии – кој што направил за Албанците.

Само обединети можеме да им ја дадеме на Албанците заслужената застапеност – достоинствена, ефикасна и со силен глас во Владата, во институциите и во секоја општина, порача претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, по вчерашната средба на лидерите на партиите од коалицијата ВЛЕН во Струга.

Средбата се случува откако нивниот партнер во коалицијата – Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари, реши на локалните избори да настапи со посебни листи за советници. Тоа од ВЛЕН го нарекоа „самоисклучување на АА“ и најавија дека нивнатата коалиција наскоро ќе се трансформира во единствен политички субјект. На вчерашната средба во Струга биле дефинирани конкретни чекори за дополнително зајакнување на политичко дејствување на ВЛЕН.

„Во овој град со длабоки историски корени и енергичен модерен дух ја почувствував енергијата на луѓето кои чекаат вистинска промена. Струга е подготвена, ние сме подготвени. На средбата со нашите структури ги анализиравме предизвиците во моментот и дефиниравме конкретни чекори за дополнително зајакнување на нашето политичко дејствување. Како што наближуваат локалните избори се повеќе се чувствува енергијата и одлучноста за победа. Има верба, има визија, а пред се има јасна волја да продолжи со промената која донесе правична и достоинствена власт за секој граѓанин. Ова е нашата заложба. Ова е нашиот пат. И заедно ќе стигнеме до крај!“, порача Меџити.

Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити (втор од лево)
Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити (втор од лево)Фотографија: Press Regierung North Macedonia

Сметката тропа на вратата!

Од ВЛЕН претходно изјавуваа дека заминувањето Таравари од таа коалиција најверојатно се должи на заткулисен договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Лидерот на ДУИ, пак како што пренесе ТВ 21, оценил дека причина за раздвојувањето на АА е тоа што Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Македонија се понижувачки.

„Со ангажманот на политичките партии на ВЛЕН во извршната власт тие направија девалвација и ги понижија Албанците во Македонија. Континуирано ги повикувавме да ги напуштат институциите за да не станат дел од понижувањето,  да не бидат дел од девалвацијата на Албанците. Што побрзо тоа го сфатат сите, како што изгледа од сите извештаи кои стигнуваат до мене, Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Македонија се понижувачки, само како слуга, и тоа што им кажува агата – тоа го прават. Се надевам дека и другите ќе сфатат,“ оценил Ахмети.

Оваа изјава испровоцира реакција на вицепремиерот за добро владеење од редовите на АА, Арбен Фетаи, кој ја оцени како лицемерие и дрскост.

„Али Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи, набројувајќи редица примери кога ДУИ не ги заштитила Албанците. Притоа потсети дека Ахмети бил големиот патриот кој го прифатил Скопје 2014 како национален проект и лавот на ВМРО како илирски симбол.

„Вие сте првенствено одговорни што ја испразните државата од стотици илјади Албанци, принудени да ги напуштат домовите за егзистенција. Никогаш во историјата на Албанците во Северна Македонија немало поголемо понижување, повеќе предавство, повеќе мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење. Вашиот единствен ‘успех’ е фрапантно збогатување на вашиот круг на крадци, додека народот е оставен да страда. Албанците не забораваат. Албанците не простуваат (…) Сите знаат: вашиот проблем не е албанството. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на вратата“, порача Фетаи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со високи претставници на ДУи и на Европскиот фронт
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со високи претставници на ДУи и на Европскиот фронтФотографија: Petr Stojanovski 

Таравари во интервју за „Лајм“ изјави дека немал средба со Ахмети, туку дека имале телефонски разговор, а таквата комуникација потоа ја потврди и Ахмети, но не откри детали за што разговарале.

Веќе видено во минатото

Универзитетскиот професор Мерсим Маскути коментира дека неодамнешните политички движења во ВЛЕН и одвојувањето на АА, претставуваат чин кој не служи ниту на демократијата, ниту на националниот интерес на Албанците, ниту на јавниот интерес.

„Алијансата за Албанците – крилото на Таравари – мораше да ја води политичката битка со конзистентен и систематски политички пристап, како дел од ВЛЕН во владината коалиција, како заложба што ја прогласи по повод политичкото обединување на албанската опозиција што било во функција на нејзината кауза, нејзината мисија – албанските гласачи кои со години се жртвувале за да го одржат жив опозицискиот дух”, пишува Максути на неговиот профил на Фејсбук.

Тој смета дека АА треба да вложи максимални напори за натамошно унапредување на уставно-политичкиот статус, односно колективните права на Албанците, а ДУИ да има конструктивна опозициска улога, „преку претставување на подобри алтернативи за управување, а не преку перфидниот метод divide et impera/раздели па владеј, кој често пати успешно се практикувал во минатото”. Максути потенцира дека ставот го искажува како универзитетски професор и слободна личност, јасно и категорично нагласувајќи дека не припаѓа на ниту една партиско-политичка позадина.

Обединување пред локалните избори

Додека се вртат шпекулации како одлуката на АА ќе се одрази и на таа партија, и на досегашната коалиција, од ВЛЕН потенцираат дека работат на единствена, организирана и координирана понуда.

„Јавно велам – не е важно кој ќе биде претседател, важно е идејата да успее. Целта ни е обединување пред локалните избори“, изјави Изет Меџити во емисијата „ПодГо“.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен ТаравариФотографија: Petr Stojanovski/DW

За одлуката на АА, уште еднаш оцени дека оди во прилог на нивниот заеднички политички противник.

„Оваа одлука е во интерес на ДУИ. Верувам дека јавноста бргу ќе ја препознае суштината на ваквиот потег. Ние никого не сме исклучиле – тој сам се дистанцираше“, порача Меџити.

Според него, тоа го отвора прашањето за стабилноста на владината коалиција, но засега не е донесена одлука дали ќе се бара разрешување на Таравари од министерската функција во ресорот здравство.

Сопартиецот на Меџити, Висар Ганиу, смета дека Таравари за предавството не треба да одговара пред ВЛЕН, туку пред граѓаните и пред 107.000 гласачи кои сакале голема промена на политичката сцена во земјата. Во интервју за ТВ Алсат оцени дека Таравари е свесен дека сам нема да добие ниту една општина, а заминувањето со изборни цели и оправдувања, било само изговор за обединување со ДУИ. Смета дека пратеничката група на ВЛЕН ќе ги одвои патиштата од пратениците на АА.

„Убеден сум дека ќе бидат разделени, бидејќи пратениците на ВЛЕН не можат да соработуваат со пратениците не кријат дека имаат соработка со ДУИ и ја отвораат вратата за во таа форма, со една нога, и ДУИ да биде во Владата. За нас, ова е неприфатливо и ние не толерираме такво нешто“, изјави Ганиу. /DW

 

Related posts

С.Македонија: Секој втор доктор на науки во 2024 бил жена

admin

Харис пред Трамп со 46% спрема 43%, покажа нова анкета на Ројтерс/Ипсос

admin

Синот на Песков – платеник на Вагнер!

admin

ПОДКАСТ: Што мисли младината за своите партиски сениори? (ВИДЕО)

admin

Норвешкиот ер шатл воведе директен лет Скопје-Осло

admin

Лефков му враќа на Груби: Ќе одговарате и ти и Ковачевски, тоа да го знаете

admin