Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со растечко незадоволство кај граѓаните и пад на популарноста, додека крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) бележи раст во анкетите, пишува „Политико“.
Според анализата, Мерц во изминатите недели започнал турнеја низ Германија со цел да ги убеди граѓаните дека неговата влада ја движи државата во вистинска насока, но настапите често предизвикувале дополнителни критики.
Како пример се наведува неговата посета на градот Залцведел во источната германска покраина Саксонија-Анхалт, каде што граѓани му поставувале прашања за високите трошоци за живот, здравственото осигурување и економската состојба.
Една жена, која кажала дека боледува од рак на кожата и не може да си дозволи ниту сопствен погреб, го прашала зошто владата ги кратела здравствените бенефиции додека политичарите добивале повисоки плати.
Наместо сочувство, Мерц остро реагирал и рекол дека „во ниту еден момент“ не било разговарано за покачување на платите на владините функционери, обвинувајќи ја жената дека шири неточни информации.
Неговиот одговор предизвика остри реакции во германската јавност и медиумите, а „Тагесшпигел“ објави текст со наслов: „Мерц ѝ држи лекција на жена болна од рак: Колку е тенкокожен канцеларот?“.
Според анкетата „ДојчландТренд“, дури 86% од Германците се незадоволни од работата на владината коалиција, а само 24% веруваат дека Мерц може да ја подобри економијата.
Дополнително, само 14% сметаат дека канцеларот „комуницира ефективно“, додека помалку од половина од испитаниците веруваат дека владината коалиција ќе опстане до изборите во 2029 година.
Во анализата се наведува дека најголем политички профитер од слабеењето на Мерц е АфД, која во анкетите веќе го престигнала конзервативниот блок на канцеларот.
Крајната десница ја користи растечката загриженост кај граѓаните околу високите цени на енергијата, економијата и миграцијата, нудејќи едноставни пораки како обновување на односите со Москва, враќање на евтиниот руски гас и депортација на мигранти.
„Политико“ оценува дека Мерц има проблем да се претстави како „човек од народот“, особено поради неговото минато како менаџер во „БлекРок“ и фактот што управува сопствен приватен авион.
Според текстот, канцеларот често изгледа посигурен пред бизнис елитата отколку во директен контакт со граѓаните.
Иако Мерц признава дека реформите се движат побавно од очекуваното, критичарите сметаат дека тој поставил нереално високи очекувања кога ветил дека Германците брзо ќе почувствуваат промени „на подобро“.
Војната со Иран, заканите со американски царини и економските проблеми дополнително ја влошиле ситуацијата, принудувајќи ја германската влада да ги намали прогнозите за економски раст.

