21 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Русија губи влијание, а Европа се враќа на Кавказот

Русија се соочува со сè поголем притисок – од застојот на фронтот во Украина, преку економските проблеми, до постепеното губење на влијание во поранешниот советски простор, оценува експертот Димитар Бечев во анализа за „Ал Џезира“.

Според текстот, овогодишната Парада на победата во Москва, која традиционално служи како демонстрација на руска моќ и геополитичко влијание, била значително поскромна во споредба со претходните години.

Минатата година, покрај Владимир Путин на Црвениот плоштад биле лидери како кинескиот претседател Си Џинпинг, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, словачкиот премиер Роберт Фицо, српскиот претседател Александар Вучиќ и други светски лидери.

Годинава, пак, присуствувале претежно претставници од Белорусија, Казахстан, Лаос, Малезија и Узбекистан, без поголеми светски сили како Кина или Индија.

Авторот наведува дека Москва дури избегнала да прикаже тешка воена техника поради страв од украински напади со дронови.

Во анализата се оценува дека иако американскиот претседател Доналд Трамп покажува подготвеност за разговори со Москва и делумно ги олеснил санкциите за руската нафта, Кремљ сепак се наоѓа во тешка позиција.

„Руските воени напори во Украина остануваат заглавени, без разлика колку пари, оружје и човечки животи вложува Кремљ“, пишува Бечев.

Дополнително, украинските беспилотни летала успеале да погодат цели длабоко на руска територија, а дури и Црвениот плоштад веќе не се смета за целосно безбеден.

Според анализата, економскиот раст на Русија нагло забавува – од 4 проценти во 2024 година на нешто над 1 процент годинава.

Авторот наведува дека постојат и први знаци на незадоволство меѓу руската елита, додека популарноста на Путин бележи благ пад.

Особено внимание „Ал Џезира“ посветува на слабеењето на руското влијание во таканареченото „блиско соседство“, односно поранешните советски републики.

Како пример се наведува Ерменија, која сè повеќе се приближува кон Европската Унија и Западот, иако долго време беше еден од најблиските руски сојузници.

Во Ереван неодамна се одржал самит на Европската политичка заедница, по што следувал и првиот самит ЕУ–Ерменија.

На средбата се разговарало за инвестиции до 2,5 милијарди евра, енергетска и транспортна соработка, како и за визна либерализација.

Истовремено, Ерменија и Азербејџан се обидуваат да ги подобрат односите со посредство на САД.

Според анализата, отворањето на транспортниот коридор „Зангезур“ меѓу Азербејџан и неговата енклава Нахчиван би можело дополнително да го намали руското влијание во регионот.

Авторот заклучува дека Русија и натаму има силно економско и политичко влијание во некои поранешни советски држави, но дека нејзината позиција веќе не е доминантна како порано.

„Денес руското ‘блиско соседство’ е многу повеќе далечно отколку блиско“, се наведува во анализата.

Related posts

ВЛЕН – сите против Таравари

admin

Колку „тежи“ целата Влада, кои пет министри се најбогати а кои најсиромашни?

admin

Работеле без плата и договор 10 години – Министерот Алиу со директен удар кон Таравари за ‘лажни вести’

admin

Политичка бура во Скопје: ВМРО-ДПМНЕ директно го обвини Филипче

admin

КРИЗАТА ГИ НАТЕРА ГРАЃАНИТЕ ДА ШТЕДАТ

ninja

Во Куманово ќе се потврдува поддршката за Таравари

admin