21 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИСВЕТ

Латвискиот министер за одбрана поднесе оставка по инцидент со украински дронови

Латвискиот министер за одбрана Андрис Спрудс поднесе оставка откако украински дронови минатата недела влегоа во воздушниот простор на земјата од Русија и погодија складиште за нафта, објави „Политико“.

Латвиската премиерка Евика Силиња соопшти дека побарала од Спрудс да се повлече бидејќи инцидентот покажал дека политичкото раководство во одбранбениот сектор не го исполнило ветувањето за „безбедно небо над државата“.

„Министерот ја изгуби мојата доверба и довербата на јавноста“, напиша Силиња на мрежата Икс.

Таа најави дека нов министер за одбрана ќе биде полковникот Раивис Мелнис, кој досега бил претставник на латвиското Министерство за одбрана во Украина.

Според информациите, два украински дрона минатиот четврток ја преминале руската граница и паднале на латвиска територија, при што едниот експлодирал во складиште за нафта во источниот дел на земјата.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјавил дека дроновите биле пренасочени поради руско електронско војување.

По инцидентот, Латвија и Литванија побараа НАТО да ја засили воздушната одбрана во балтичкиот регион.

Спрудс, кој беше назначен за министер во септември 2023 година, соопшти дека се повлекува за да ја заштити армијата од вовлекување во политичка кампања и за да не се доведува во прашање подготвеноста на Министерството за одбрана и вооружените сили.

„Политико“ наведува дека ова е уште една промена во одбранбените ресори на источниот фронт на НАТО.

Минатата година министрите за одбрана на Романија и Литванија исто така поднесоа оставки поради политички скандали, додека изборите во Унгарија и Бугарија донесоа нови министри.

Со тоа, Естонија останува единствената балтичка држава без промена на министерот за одбрана во последниот период.

Латвија е една од земјите што активно ја поддржуваат Украина во развојот и производството на дронови и ја предводи таканаречената „дрон-коалиција“ за поддршка на Киев.

Земјата во октомври треба да одржи парламентарни избори.

Related posts

ЕУ го менува планот за проширување: Дали Балканот добива „членство на рати“?

admin

МАЛ НАПРЕДОК“ ИЛИ ШАНСА ЗА „ИСТОРИСКИ ДОГОВОР“?

ninja

И ЗАД БОМБИТЕ ВО КАВАДАРЦИ СЕ КРИЕ МАЛОЛЕТНИК

ninja

Тирана во хаос: насилни протести, молотови коктели и судири со полицијата по обвинувања за корупција

admin

Истекува мерката за ограничување на маржи, политички препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

admin

„КРАЈ НА ИМПРОВИЗАЦИИТЕ“ ИЛИ НОВА КОНТРОЛА? Законот за образование ја дели јавноста

admin