Над 3.000 вработени во институциите од културата останаа без мартовска плата во пресрет на Велигден, што предизвика остри реакции од синдикатите и опозицијата. Министерството за култура и туризам во четвртокот соопшти дека платите ќе бидат исплатени со потребното зголемување во првите два работни дена од следната недела.
„Причината за доцнењето е усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии“, соопшти Министерството.
Синдикатот на културата ја обвини Владата дека повторно ги прекршува одредбите од Колективниот договор за култура, според кој платата треба да биде исплатена најдоцна до 10-ти во месецот, а според закон – до 15-ти. Тие најавија протести за вторник, оценувајќи ја ситуацијата како „традиционален мартовски хаос“ во кој вработените остануваат без плата во периодот кога се врши усогласување со новата минимална плата.
„Овој пат – и без плата! Вработените во културата останаа со празна трпеза за Велигден“, соопшти Синдикатот, предупредувајќи дека Владата го крши законот и ги потценува културните работници.
Претставници од опозициската СДСМ и Левица ја обвинија Владата на премиерот Христијан Мицкоски за „системска негрижа“ и „социјална нееднаквост“.
„ДПМНЕ грубо го крши законот за исплата на плати. За Владата очигледно има папаја и манго, за работниците – само трошки“, изјави потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова. Таа побара итна исплата на платите и одговорност за доцнењето.
Од партијата Левица апелираа до институциите да не ја користат културата како политичка алатка. „Истата приказна се повторува четврта година по ред – еднаш како комедија, еднаш како фарса, а сега како трагедија“, соопшти партијата.
Покрај вработените во културата, без исплата на плата останале и лица вработени во центрите за социјална работа, трудовиот и пазарниот инспекторат, како и во Министерството за економија, соопшти СДСМ.
Министерството за култура досега не објави дополнителни детали за тоа дали платите ќе бидат исплатени со целосната корекција на минималната плата и со зголемувањето од 10 проценти, договорено со Општиот колективен договор за јавниот сектор пред две години.