Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да воведе царини од 33% на Северна Македонија, и покрај напорите на новата влада во Скопје да го зајакне стратешкото партнерство со Вашингтон.
Одлуката следува по интензивната дипломатска активност на македонската влада, која трипати во краток период испрати делегации во САД со цел продлабочување на соработката со новата американска администрација.
„Создаваме навистина силни врски, пријателства кои што верувајте се многу значајни за иднината на државата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски по враќањето од Вашингтон, каде што присуствуваше на инаугурацијата на Трамп. Тој оцени дека посетата е „историски успех“, нагласувајќи дека Северна Македонија се позиционира како значаен партнер на САД.
Вашингтон, сепак, одлучи да ја вклучи Северна Македонија во списокот на земји погодени од новите царини, со стапка од 33%. За споредба, Србија доби 37% царини, додека Албанија и Косово поминаа со најниска стапка од 10%.
„Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинаква оптика“, рече Мицкоски во интервју на 2 јануари, непосредно пред посетата на Вашингтон. Тој нагласи дека Скопје ќе продолжи со иницијативите за унапредување на односите со американската администрација.
Македонската опозиција, пак, ја критикуваше владината политика кон САД, оценувајќи дека честите патувања не носат конкретни економски придобивки. Владата, од друга страна, ја бранеше својата стратегија, наведувајќи дека Северна Македонија зазема активна улога во меѓународните односи.
Во меѓувреме, земјата ја поддржа американската резолуција за Украина во Генералното собрание на ОН и се понуди како партнер за транспорт на американскиот гас во Европа преку гасоводот „Јужен тек“.
„Затоа сме толку важни и стратешки партнер на САД“, изјави Мицкоски на 22 февруари, за време на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој го придружуваше премиерот на посетите во САД, нагласи дека односите со Вашингтон остануваат приоритет.
„Сакаме да ги афирмираме нашите позиции со новата администрација, да ги негуваме добрите односи и да потврдиме континуитетот во американската надворешна политика кон регионот“, изјави Муцунски минатата недела во гостување на Телма телевизија.