Осум земји-членки на ОПЕК+ најавија дека во мај ќе го забрзаат укинувањето на доброволните намалувања на производството, зголемувајќи го дневното производство за 411.000 барели, што е еквивалент на три месечни зголемувања.
Најавата доаѓа во период кога американскиот претседател Доналд Трамп воведе тарифи за трговските партнери, зголемувајќи го притисокот врз нафтените пазари. Цената на Брент за испорака во јуни се зголеми за 0,1% и во петокот во 9:45 часот по ET се тргуваше за 63,32 долари за барел, додека цената на WTI остана речиси непроменета на 60,12 долари.
Саудиска Арабија, која според ММФ има потреба од цена од 96,20 долари за барел за буџетска рамнотежа поради трошоците за спроведување на „Визија 2030“, сè поотворено сигнализира отстапување од својата традиционална улога на „свинг“ производител во ОПЕК. Земјата во моментов е одговорна за намалување од 2 милиони барели дневно, што е двојно повеќе од остатокот на групата.
И покрај значајниот буџетски товар, Ријад има простор за маневар. Според аналитичари, Саудиска Арабија може привремено да го одложи амбициозниот реформски план или да прибегне кон странски резерви и издавање државни обврзници.
Во меѓувреме, земјата гледа можност да го искористи намалувањето на американските тарифи за земјите од Советот за соработка во Заливот (GCC) – кои ќе плаќаат само 10% тарифи – и да се позиционира како регионален центар за производство.
„Со зголемувањето на тарифите во други држави, можно е се поголем дел од производството да се префрли во GCC, преку ‘nearshoring’ или ‘friendshoring’“, изјави Адел Хамаизија од Центарот Белфер при Харвард за Middle East Eye.
Елен Валд, основач на Transversal Consulting, додаде: „Саудиска Арабија треба веднаш да прати трговски претставници во Вашингтон и да понуди производи што САД ги купуваа од Кина.“
Покрај производството, Ријад вложува и во рударството како дел од напорите за економска диверзификација. Министерот за рударство Бандар Ал-Кораеф изјави дека потенцијалот на рударските резерви се зголемил за речиси 90%, од 1,3 трилиони долари на 2,5 трилиони. Целта е придонесот на рударството во БДП да се зголеми од 17 на 75 милијарди долари до 2035 година.
Во 2024 година, Саудиска Арабија потпиша девет инвестициони договори во секторот метали и рударство, вредни над 35 милијарди ријали (9,32 милијарди долари), со компании како Vedanta од Индија и Zijin Group од Кина, со цел изградба на домашни синџири на снабдување за критични суровини.