15.8 C
Скопје
12 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Тошковски: ДУИ, СДСМ и Левица во оркестриран напад за саботажа на правдата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во понеделникот ги обвини трите опозициски партии – ДУИ, СДСМ и Левица – за, како што рече, „синхронизиран и оркестриран напад“ насочен против него, со цел да се поткопаат реформите во правосудството и борбата против корупцијата.

„Три партии, различни во форма, а слични во природа, се здружија за да фрлат сенка врз најзначајниот процес што го чекаше Македонија три децении – ставање крај на неказнивоста“, напиша Тошковски на Facebook.

Тој ги обвини ДУИ и СДСМ дека во изминатите години изградиле „заробена држава“, со систем на „корумпирано судство, нефункционално образование и партизирани институции“, додавајќи дека „криминалот не бил исклучок, туку правило“.

За ДУИ рече дека не се борела за правата на Албанците, туку за лични привилегии на своите функционери. Тошковски посочи неколку имиња, меѓу кои и Артан Груби и Прапарим Бајрами, прашувајќи каде се денес, „сега кога законот е над партијата“.

СДСМ, пак, според министерот, за време на своето владеење не поднела ниту една кривична пријава за сериозните несреќи што ја потресоа земјата, иако, како што тврди, сега ја критикува истрагата за трагедијата во Кочани, каде досега се осомничени над 50 лица.

„Лицемерието на СДСМ нема граница“, рече Тошковски, обвинувајќи ги дека седум години биле „тивки соучесници“ на ДУИ.

Најострата реторика министерот ја упати кон Левица, која ја нарече „политички паразит“ што „се храни од народниот гнев“, а сега, според него, застанала во одбрана на токму оние што ги напаѓала во минатото.

„Не се напаѓа оној што не е закана – се напаѓа оној што менува нешто“, напиша Тошковски, додавајќи дека нападите ги смета за „комплимент“ и доказ дека институциите конечно почнуваат да функционираат.

Тој вели дека оваа борба не е лична, туку битка за враќање на државата „во рацете на граѓаните, а не на криминалците“.

„Ако оваа цена е неопходна за да се воспостави правда – подготвен сум да ја платам секој ден“, заврши Тошковски.

Related posts

СДСМ со документи од „свиркачи“ бара оставка на шефот на АНБ

admin

Нуклеарното вселенско оружје на Русија е ризик за сите

admin

Академик Беџети за Инбокс7: Ако платите и пензиите не се зголемуваат на ниво на инфлација, социјалната ситуација уште повеќе ќе се влошува

admin

Цената на електричната енергија порасна за 3.9%

admin

Ново правило на ЕУ: УСБ-Ц е сега закон!

admin

Г7 подготвува унифициран одговор на кинеската „економска принуда“

admin