31.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски и Филипче одржаа средба за политичка соработка и реформска агенда

Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска одржаа состанок во Владата, на кој дискутираа за актуелните политички случувања и можностите за заедничка работа на клучни реформи.

„Средба каде разговараме за актуелните случувања, и од која сакам да се знае дека одговорност, мудрост и чесност ѝ се повеќе од потребни на Македонија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Филипче иницираше средбата како дел од предлогот за нов модел на политичка соработка, кој го претстави претходниот ден. По состанокот, тој изјави дека имале „добар и конструктивен разговор“ и дека премиерот ја разбрал пораката за заедничка работа на теми важни за граѓаните.

„Начелно договоривме формирање заеднички тела или работни групи кои ќе работат на реформската агенда. Првичниот фокус ќе биде на законите поврзани со правосудството, енергетиката и стратешките проекти во здравството“, рече Филипче, додавајќи дека наскоро ќе номинира експерти во овие области.

Филипче посочи дека очекува и другите политички партии да се приклучат на моделот на соработка, нагласувајќи дека „мора да испратиме порака на обединување за доброто на државата“.

На средбата се разговарало и за уставните измени поврзани со евроинтеграциите, каде двете страни имаат различни ставови. „За ова останува да зборуваме понатаму“, рече Филипче.

Следен чекор е номинирање експерти и изготвување на модел на соработка што би можел да биде понуден и на останатите политички партии. „Граѓаните треба да бидат свесни дека некој ги слуша нивните барања и дека тоа мора да биде насоката по која ќе одиме и во иднина“, порача Филипче.

Средбата беше организирана откако Мицкоски му понуди на Филипче тет-а-тет средба, откако лидерот на СДСМ претходно побара лидерска средба за да го претстави својот план за долгорочна стратегија на државата, која би се развивала преку политички дијалог.

Related posts

Османи: Уставни измени или со цело ВМРО-ДПМНЕ, или со дел од неа

admin

ОД СТРАТЕГИИ КОН ПАРИ: Зошто Балканот мора веднаш да инвестира во климата

admin

ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ НЕМА КОЈ ДА ИЗМЕСИ ЛЕБ И БУРЕК

ninja

Вучиќ продолжува консултации со партии за избори, ЕУ и безбедност

admin

РСЕ: Стотици милиони евра оштетен буџет, минимално конфискуван имот

admin

Албанскиот претседател Бајрам Бегај во тридневна официјална посета на Северна Македонија

admin