Исланѓаните со тесно мнозинство го отфрлија предлогот земјата повторно да ги отвори преговорите за членство во Европската унија, а стравувањата дека Брисел би можел да влијае врз контролата на богатите риболовни ресурси се покажаа како еден од клучните фактори за исходот.
На референдумот, 52,8 проценти од гласачите се изјасниле против продолжување на пристапните преговори, додека 47,2 проценти гласале „за“.
Излезноста била повисока отколку на последните парламентарни избори, што покажува колку прашањето за односите со ЕУ ја мобилизирало земјата.
Резултатот е политички удар за владата на премиерката Криструн Мјол Фростадотир, која референдумот го постави како едно од централните прашања на својот мандат.
Но, гласањето не беше за директно членство во ЕУ. Од граѓаните се бараше да одлучат дали Исланд треба да ги обнови прекинатите преговори со Брисел.
Рибата во центарот на кампањата
Кампањата против продолжувањето на преговорите се фокусираше на две чувствителни прашања – националниот суверенитет и рибарството.
Противниците на членството предупредуваа дека влегувањето во ЕУ би можело да значи губење дел од националната контрола врз риболовните квоти и вклучување на Исланд во Заедничката рибарска политика на Унијата.
За земја во која рибарството останува важен дел од економијата и националниот идентитет, аргументот се покажа особено силен.
„За таборот против, сè се сведе на едно прашање – исландското рибарство и како тоа би функционирало во рамките на Заедничката рибарска политика, каде одлуките се споделуваат со уште 27 земји“, изјави Халгримур Одсон, основач на европскиот тинк-тенк „Европустраумар“.
Сигналите од ЕУ дека Брисел би можел да покаже флексибилност околу рибарството не успеале да убедат доволно гласачи.
Рејкјавик беше „за“, руралните региони рекоа „не“
Географската поделба на гласањето дополнително ја покажа важноста на рибарството.
Во северозападниот дел на земјата, каде земјоделството и риболовот имаат големо економско значење, речиси 63 проценти од гласачите се изјасниле против обновувањето на преговорите.
Само двете изборни единици во главниот град Рејкјавик дале мнозинство за продолжување на европскиот пат.
Изненадување претставува и промената на расположението кај младите.
Според последните анкети пред гласањето, во јуни речиси две третини од гласачите на возраст од 18 до 29 години биле подготвени да гласаат „за“. До крајот на август поддршката во оваа возрасна група паднала на околу 40 проценти.
Аргументите на приврзаниците на ЕУ не беа доволни
Кампањата „за“ тврдеше дека Исланд веќе применува голем дел од европските правила преку членството во Европската економска област, иако нема директно влијание врз нивното создавање.
Како аргумент се споменуваше и можноста за воведување на еврото, што според поддржувачите би можело да помогне во справувањето со високите трошоци за живот.
Владата го нагласуваше и безбедносниот аспект на приближувањето кон ЕУ, но тоа прашање остана во втор план во кампањата.
Политикологот и експерт за ЕУ од Универзитетот на Исланд, Максимилијан Конрад, оцени дека противниците успеале референдумот да го претстават како гласање за самото членство, иако формално се одлучувало само за обновување на преговорите.
Разочарување за Брисел
Исходот претставува разочарување и за ЕУ во момент кога Унијата се обидува да покаже поголемо европско единство во услови на геополитички тензии со САД и растечко влијание на Русија и Кина.
Членството на Исланд би имало и геостратешко значење поради позицијата на земјата во северниот Атлантик и поширокиот Арктички регион.
Истовремено, евентуалното враќање на Исланд на патот кон членство можеше да даде дополнителен политички импулс на процесот на проширување на ЕУ.
По резултатот од референдумот, тоа сценарио станува значително помалку веројатно.
Исланд, сепак, останува тесно поврзан со Унијата преку Европската економска област и Шенген. Владата претходно најави дека, доколку граѓаните гласаат против обновување на пристапните преговори, ќе бара други начини за продлабочување на соработката со ЕУ.

