Бугарија нема да се откаже од позициите дефинирани во договорот од 2022 година и останува цврсто посветена на критериумите што Северна Македонија мора да ги исполни за напредок во пристапните преговори со Европската унија, изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев.
„Бугарија нема да направи ниту чекор назад од договореното во однос на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ“, рече Георгиев пред новинарите во бугарското Собрание. Тој подвлече дека европските принципи и правила не смеат да бидат игнорирани или произволно толкувани.
Министерот истакна дека Софија ќе го следи т.н. „француски предлог“ и консенсусот постигнат во 2022 година, кои ја условуваат интеграцијата на Северна Македонија со внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
„Нема отстапување ниту за сантиметар. Сите критериуми мора целосно да се исполнат за да се продолжи со евроинтеграцијата“, рече Георгиев.
Тој се заблагодари на Народното собрание за, како што ја нарече, „единствената и недвосмислена позиција“ по ова прашање, наведувајќи дека меѓу институциите постои целосен консензус.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Бугарија ќе стави вето ако Северна Македонија ги започне преговорите без уставни измени, Георгиев беше категоричен: „Во Европа нема расположение за заобиколување на овој процес.“
Тој ги спомена и изјавите на европските лидери како Антониу Кошта и Каја Калас, наведувајќи дека „не постои план Б – планот е еден: уставни измени и исполнување на кластер-критериумите“.
Министерот воедно ги критикуваше македонските власти за, како што рече, „неосновани формулации и обиди за извртување на европските процеси“, и оцени дека антиевропската реторика од страна на официјални претставници во Скопје е несоодветна за земја кандидат за членство во ЕУ.
„Не може да бараш да бидеш дел од европското семејство, а да не ги почитуваш неговите вредности и правила“, додаде Георгиев.
Тој нагласи дека Бугарија нема да дозволи политички притисоци да ги заменат критериумите на ЕУ и додаде дека Софија останува посветен учесник во безбедносната архитектура на Унијата, особено во контекст на руската инвазија врз Украина.