Демократската унија за интеграција (ДУИ) во саботата ја обвини опозицијата дека од саботер се претворила во присвојувач на проектот „Коридор 8“, за кој, како што тврди партијата, првично била против.
ДУИ соопшти дека додека таа работела на обезбедување на финансии за проектот, опозициските партии гласале против. „Кога ја потпишавме спогодбата, не обвинија за криминален и коруптивен договор. Кога почнаа градежните работи, користеа сите средства за да не спречат – со изјави, кампањи, блокади и отворена пропаганда,“ се наведува во соопштението.
Партијата истакна дека проектот бил прикажан како закана за националниот идентитет и како дел од, како што велат, „опасен план за Голема Албанија“, што, според ДУИ, служело за ширење страв, паника и етнички тензии.
„Дури и нашите стратешки сојузници, САД, беа обвинети за вклученост во ‘мрачен план’,“ наведуваат од ДУИ.
ДУИ ги обвини опозициските лидери дека денес се фотографираат пред истиот проект што некогаш го оспорувале, обидувајќи се да го претстават како сопствена политичка победа.
„Ова не е политика, ова е отсуство на карактер и лицемерие,“ порача партијата, додавајќи дека опозицијата нема морално ниту политичко право да го присвојува проектот.
„Коридорот 8 е визија и резултат на нашата посветена работа, верба во евроатлантската иднина и силно партнерство со нашите американски и европски пријатели,“ се додава во соопштението.
ДУИ вели дека граѓаните не заборавиле кој градел, а кој саботирал, и дека историјата ќе ги постави сите на своето место.