Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе се сретне со лидерот на Алијансата за Албанците (АA), Арбен Таравари, во обид да се разјасни дали партијата ќе остане дел од владејачката коалиција. Средбата доаѓа во време на зголемени тензии околу потенцијалната соработка на Таравари со Демократската унија за интеграција (ДУИ), што Мицкоски го оцени како неприфатливо.
„Никого во животот не сум молел, ниту ќе молам. Со или без господинот Таравари, Владата останува стабилна, силна и со убедливо мнозинство. Одлуката е негова и на неговите сопартијци – дали ќе продолжиме заедно по патот на реформите и владеењето на правото, или ќе коалицираат со сили кои со децении го уништуваа државниот систем“, изјави Мицкоски.
Таравари, пак, порача дека во случај АA да одлучи за соработка со ДУИ, тие нема да сакаат да бидат дел од Владата.
„Ако Централното раководство на партијата одлучи да соработуваме со ДУИ, тогаш ние не сакаме да бидеме дел од Владата. Засега, единствена одлука е да излеземе самостојно со листи за советници на локалните избори. Вратата за соработка со ВЛЕН моментално е затворена. Ние сме автономна партија, сите одлуки ги носиме институционално“, рече Таравари.
Платформата ВЛЕН, која веќе функционира одвоено од Таравари, соопшти дека ќе го предложи пратеникот Беким Ќоку за координатор на нивната пратеничка група во Собранието, што би ја зацврстило нивната позиција со девет пратеници. Таравари најави дека и АA наскоро ќе формира своја пратеничка група.
„Им посакувам успех. Ако тоа е нивната одлука, ние утре ќе ја формираме нашата пратеничка група. Потоа ќе видиме како ќе се развиваат политичките настани“, изјави Таравари.
Ако Таравари и неговата фракција ја напуштат Владата, парламентарното мнозинство би броело девет пратеници помалку, додека опозицијата би се зголемила на 23. Минатата недела, во емисијата Click Plus, лидерот на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека „ако се отвори вратата на Владата, некој ќе излезе, а некој друг ќе влезе“.
Меѓувреме, крилото на АA предводено од Зијадин Села се воздржува од брзи одлуки. Села неодамна изјави дека нема соработка со ВЛЕН и не гледа потреба да влезе, како што рече, „во таа авантура“.