20.9 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Паднаа првите одлуки на новата германска влада

Новиот германски канцелар денеска патува во Франција и Полска – по веројатно кратка ноќ, зашто конститутивната седница на новата влада траеше до доцните вечерни часови.

 

Германија има нова сојузна влада и по многу „рапавиот“ избор на канцелар, таа веднаш почна со работа. Меѓу првите преземени дејства на новиот канцелар Фридрих Мерц е носењето на таканаречениот организациски декрет, со кој ја регулира распределбата на задачите во рамките на владата. Мерц им го претстави указот на министрите вчеравечер (6.05), на конститутивната седница на новиот кабинет.

Од него произлегува дека на новото Министерство за дигитализација ќе му бидат дадени уште пообемни овластувања од првично планираните. Министерството кое ќе го води Карстен Вилдбергер (ЦДУ) ќе добие оддели или одговорности од вкупно шест владини институции. Целта е масовно да се забрза дигитализацијата во Германија.

Од Канцлерамтот во новото Министерство за дигитализација, кое првично ќе биде сместено во зграда на Министерството за внатрешни работи, се префрлаат одговорностите за стратешко предвидување и фундаменталните прашања на дигиталната политика. Министерството за внатрешни работи мора да ги предаде двете одделенија за дигитална администрација и дигитално општество, како и општите ИТ-набавки, „управувањето со ИТ на соујзот, вклучувајќи ја инфраструктурата која припаѓа кон тоа, како и поврзаната ИТ-безбедност“, па дури и сајбер безбедноста на сојузната администрација. Министерството за внатрешни работи, како министерство за безбедност, сакаше да ги задржи овие надлежности.

Поранешното Министерство за транспорт и дигитални прашања ја предава дигиталната политика и надлежноста за податоците, како и одделот за дигитална инфраструктура. Од Министерството за економски прашања, Вилдбергер, меѓу другото, ќе ги добие одговорноста за подобрување на европската и национална регулатива и намалување на бирократијата. Министерството за финансии мора делумно да се откаже од одговорноста за Центарот за информатичка технологија (ИТЗБунд) и од таканаречениот суверен облак за администрациите. Министерството за правда ја предава канцеларијата за намалување на бирократијата, подобра регулатива и Националниот совет за регулаторна контрола, како и водечката улога во спроведувањето на Директивата на ЕУ за вештачка интелигенција.

За да може новото Министерство за дигитални прашања и модернизација на државата подобро да управува со целиот сојузен ИТ-систем, ќе добие и резерва за одобрување „за сите важни ИТ-расходи на директната сојузна администрација“. Исклучоците важат само за трошоците за безбедност и даночната администрација.

Министерството за дигитални прашања пред она за транспорт или животна средина

Колку Мерц го цени Министерството за дигитални прашања е видливо и по нешто друго. На првиот состанок беше регулиран и официјалниот ред во кабинетот – и таму Министерството за дигитализација е рангирано пред Министерството за транспорт, животна средина или здравство.

По канцеларот Мерц, на прво место е сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД), кој ја презема функцијата вицеканцелар. На второ место е министерот за внатрешни работи Александер Добринт (ЦСУ). По нив се министерот за надворешни работи Јохан Вадефул (ЦДУ) и министерот за одбрана Борис Писториус (СПД).

Список за кратење на специјални пратеници и ополномоштеници

Како што е договорено со коалицискиот договор, се менуваат и структурите на другите министерства, во некои случаи дури и значително. На пример, надлежностите за заштита на климата ќе бидат здружени во Одделот за животна средина под раководство на Карстен Шнајдер (СПД). Во последните години, Министерството за економски прашања беше првенствено одговорно за климатската политика на национално ниво, додека Министерството за надворешни работи беше одговорно на меѓународно ниво. Како знак на својата намера да продолжи со намалувањето на бирократијата, новиот кабинет на својот прв состанок одлучи значително да го намали бројот на комесари, ополномоштеници и координатори на сојузната влада. Треба да бидат елиминирани 25 од сегашните 43 позиции, јави новинската агенција ДПА, повикувајќи се на владини кругови. Чекор што ЦДУ/ЦСУ и СПД го имаа предвидено и во коалицискиот договор.

На списокот за кратење е и местото Специјален претставник на сојузната влада за миграциски договори. Тоа место беше отворено во 2023 година и беше под капата на Министерството за внатрешни работи. Политичарот на ФДП, Јоахим Штамп, кој беше назначен во тоа време, преговараше со претставници на повеќе држави, меѓу другото и за реадмисија на граѓаните кои требаше да ја напуштат земјата. Веднаш по отворањето на ова место, Унијата критикуваше, велејќи дека тоа е задача што министерството лесно може да ја исполни без таков овластен претставник.

Во Сојузното Министерство за транспорт треба да се укинат местата координатор за товарен транспорт и логистика и ополномоштеник за железнички транспорт и велосипедски транспорт. Новата влада исто така сака да се откаже и од специјалниот претставник за меѓународна климатска политика и од амбасадорката за феминистичка надворешна политика.

Ќе се укине и функцијата поморски ополномоштеник, која датира од септември 2022 година. Овој ресор претходно беше лоциран во Министерството за животна средина, каде што беше формиран нов пододдел за заштита на морињата. Поранешната министерка за животна средина Штефи Лемке во интервју за ДПА остро го критикуваше планираното кратење на оваа позиција. Тоа е „фатален сигнал за заштитата на морињата“, предупреди политичарката од партијата на Зелените.

Средба со Макрон и Туск

По веројатно кратката ноќ, Фридрих Мерц денеска (7.05) ќе тргне на своите први патувања во странство како канцелар. Во Париз тој ќе разговара со францускиот претседател Емануел Макрон, меѓу другото и за тоа како Европа може да стане понезависна по радикалните промени во надворешната политика на САДи претседателот Доналд Трамп. Во Варшава, со премиерот Доналд Туск, покрај руската инвазија на Украина, тема веројатно ќе биде и нерегуларната миграција. / DW

Related posts

Викал „Алаху Акбар“ додека се обидувал да ја отвори вратата од авионот среде летот

admin

Абдулменаф Беџети: Далеку сме од ЕУ стандардите во високото образование

admin

ТРАМП ПОВИКУВА НА ПРОТЕСТИ: „ВО ВТОРНИК ЌЕ МЕ УАПСАТ!“

ninja

Вагнер го запре бунтот, но покажа колку е слаб Путин

admin

РАДЕВ ГО ПОВИКА ПЕНДАРОВСКИ ДА СЕ ДРЖИ ДО ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА

ninja

САД-Кина: Трговскиот конфликт ризикува да прерасне во финансиска војна

admin