Европската комисија во петокот соопшти дека отвора постапка за повреда на правото на ЕУ против Словачка поради неодамнешната контроверзна уставна реформа.
Амандманот, усвоен на 26 септември, признава само два пола, забранува сурогат-мајчинство и истополови бракови, и утврдува дека словачкото законодавство има примат над нормите на ЕУ во „вредносни“ прашања.
Според словачката новинска агенција TASR, Комисијата смета дека измените ја поткопуваат примарноста, автономијата, ефективноста и униформната примена на правото на ЕУ.
Брисел испратил формално известување до Братислава со барање за дополнителни објаснувања. Владата има вообичаен рок од два месеца да одговори, по што Комисијата може да испрати образложено мислење и, доколку нема промени, да го упати случајот пред Судот на правдата на ЕУ – што би можело да резултира со финансиски казни.
Премиерот Роберт Фицо претходно овој месец го критикуваше потегот, велејќи дека „го поздравува овој конфликт“ и тврдејќи дека прашањата за родот и бракот се „целосно внатрешни работи“.
„Не можам да замислам меѓународна организација да ни кажува колку родови треба да постојат или кој со кого може да стапи во брак“, рече Фицо.
Правни експерти претходно изјавија за Еуроактив Словачка дека ваква постапка била очекувана.
„Ако влезевме во преговори за членство во ЕУ со ваков текст, ќе нè враќаа уште на вратата“, изјави Јан Мазак, поранешен претседател на Уставниот суд и екс-адвокат-генерал на Судот на правдата на ЕУ.
Владата инсистира дека Словачка и покрај амандманот останува обврзана кон меѓународното право.
—

