Американските санкции го уриваат она што остана од Литаско, трговската подружница на ЛУКОИЛ, којашто некогаш беше најголемиот руски трговец со нафта и ривал на водечките швајцарски куќи и големите нафтени компании, велат извори за Ројтерс.
Мерките, кои таргетираат и државниот Роснефт, стапија во сила во петок во рамки на напорите на Вашингтон да го ограничи финансирањето на руската војна во Украина. Санкциите ги ставија во неизвесност глобалните операции на ЛУКОИЛ – од нафтени полиња на Блискиот Исток до бензински пумпи и рафинерии низ Европа.
Откако беше отсечена од глобалниот финансиски систем, Литаско ги отпушти повеќето трговци и оперативен персонал, нудејќи околу три месеци отпремнина и бонуси, велат извори. Нафтената трговија бара милијарди долари кредитни линии – средства до кои компанијата повеќе нема пристап. Мал број вработени ќе останат за административни задачи.
Затворање на глобалните канцеларии
Според три извори, трговците со сурова нафта и друг персонал ќе заминат од седиштето во Женева до крајот на неделата, а канцеларијата целосно ќе се затвори до крајот на февруари, додаде четврти извор.
Во САД, во канцелариите во Хјустон, повеќето од околу дваесетината трговци и оперативци заминаа во четврток, велат два извори. Неколкумина ќе останат за да ги расчистат преостанатите обврски.
Во Дубаи, вработените добиле отказни известувања, но ќе останат во компанијата до февруари, вели извор.
Основан во 2000 година, Литаско беше меѓу водечките глобални трговци со нафта, транспортирајќи сурова нафта и горива за активите на ЛУКОИЛ и тргувајќи со барели од трети страни.
Сенка-флотата како можен спас
Во 2019 година, Литаско тргуваше со нешто помалку од 4 милиони барели дневно – околу 4% од тогашната глобална потрошувачка. Компанијата конкурираше со големите нафтени компании и трговски куќи, привлекувајќи врвни кадри.
Неговото гаснење дополнително ќе ја турне руската трговија со нафта во „сенката“, вели Ади Имсировиќ од консултантската куќа Surrey Clean Energy и поранешен шеф на трговија со нафта во Газпром. Москва значително се потпира на стар флoтилo „сенка-танкери“ за извоз на сурова нафта под санкции.
„Можно е да се опорави, но потребни се пари, време и трпение“, рече Имсировиќ.
Поради санкциите на ЕУ и САД, Русија ја пренасочи главнината од извозот на сурова нафта од Европа кон Азија.
Литаско беше сериозно погоден во 2022 година кога Западот ја ограничи руската нафтена индустрија, но компанијата се обидуваше да закрепне последните години преку вработување американски трговци и обезбедување кредитни линии.
„Литаско очигледно мора да се затвори поради санкциите. Руската нафта и понатаму ќе стигнува до рафинериите, но трговците имаат потреба од долари и пристап до глобалниот финансиски систем“, рече енергетскиот економист Филип Верлегер.

