Министерот за здравство Азир Алиу и премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посетија Градската општа болница „8 Септември“, каде што завршија градежните работи за реновирање на седум операциони сали со вкупна површина од околу 2.000 квадратни метри.
Операционите сали се наменети за повеќе специјалности, меѓу кои абдоминална хирургија, урологија, оториноларингологија и очна хирургија.
Алиу изјави дека проектот претставува значаен чекор во унапредувањето на здравствената инфраструктура и создавање современи услови за лекување и медицинска грижа.
„Овој проект не претставува само градежна реконструкција. Тој е инвестиција во безбедноста на пациентите, во подобри услови за работа на медицинскиот персонал и во долгорочна стабилност и ефикасност на здравствениот систем“, рече Алиу.
Со проектот се реконструирани и адаптирани оперативниот блок, интензивната нега, административниот дел, одделот за патологија, клиничката лабораторија и кровната конструкција.
Според Министерството за здравство, обновениот простор е функционален и технички усогласен со современи медицински стандарди и препораки на Светската здравствена организација.
Алиу рече дека особено значајна е примената на високи инженерски, технички и безбедносни стандарди, со современи електро и машински системи, напреден BMS-систем за централизирано управување, нови климатизациски и енергетски решенија, како и опрема од најнова генерација.
Со реконструкцијата на кровот и поставувањето фотоволтаични панели, како што беше посочено, се очекува придонес кон енергетска одржливост и рационално управување со ресурсите.
Мицкоски изјави дека проектот е важен за здравството и за регионот, додавајќи дека пред реконструкцијата, според него, во операционите сали „се влегувало со чадор“ бидејќи кровот прокиснувал.
„Ова се дела кои ќе останат и по мене и по оваа Влада“, рече премиерот.
Тој додаде дека германски инспектори кои ја проверувале електромеханичката опрема оцениле дека „ваков тип на објект нема ни во Германија“.
Блокот во болницата е инвестиција на „ТАВ Аеродроми“ во рамки на програмата за инфраструктурни проекти.
Директорот на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, рече дека реконструкцијата опфаќа вкупно 4.334 квадратни метри, меѓу кои седум специјализирани операциони сали, оддел за интензивна нега, административни канцеларии, оддел за патологија и клинички лаборатории.
Според најавите, обновениот блок ќе биде ставен во функција во наредните еден до два месеца.

